Денес се навршуваат три години од кобната автобуска несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, во која животот го загубија 45 македонски државјани, меѓу кои 13 деца, а седуммина беа тешко повредени. Трагедијата остави длабока болка и отвори бројни прашања за безбедноста и одговорноста.
Автобусот на компанијата „Беса Транс“ удри во заштитната ограда кај клучката Бошнек, излетал од коловозната лента и се запалил во раните утрински часови. Пожарот однесе 45 животи, вклучувајќи го и возачот, кој според пресудата на бугарските власти е прогласен за виновен за несреќата.
Во Македонија, сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, беше осуден на една година и осум месеци затвор за фалсификување документи што ги користеле возачите при напуштање на државата. Компанијата, пак, доби четиригодишна забрана за меѓународен превоз и парична казна од 800 илјади денари.
Иако болката сè уште е свежа, на местото на несреќата нема никакво обележје кое би потсетувало на трагедијата што ги потресе двете држави. Останува само тагата за изгубените животи и надежта дека оваа трагедија ќе биде опомена за сите да работат на поголема безбедност во сообраќајот.