Изложбата ја отвора темата што премногу долго била маргинализирана: менталното здравје на младите. Многу млади денес се соочуваат со тага, страв, вознемиреност, осаменост или притисок, но ретко имаат простор каде тие чувства може да се изразат, именуваат и разберат. Овој проект има двојна природа, тој е и уметничка и социјална интервенција.
Ана ВАСИЛЕВСКА*
Во едно време кое е истовремено пребрзо и претесно за младите, кога растењето се одвива под остар рефлектор на социјални мрежи, несигурности и општествени тензии, нивната тивка, но постојана потреба за простор, оној вистински, безбеден простор, станува поважна од било кога.
Македонија одамна не е земја што нуди лесен премин од детството кон зрелоста, но младите и понатаму упорно бараат јазик преку кој ќе кажат што чувствуваат. Понекогаш тоа е збор, понекогаш молк, а понекогаш, како во во овој случај, тоа е уметност.
Токму затоа изложбата „Иницирај промена! Креирај гласно“, што на 10 декември ќе биде отворена во Сули Ан, делува како неопходен, дури итен културен настан. Таа не претставува само уште една поставка на млади автори, туку документ на еден генерациски немир, храбар визуелен распоред на интимни внатрешни географии кои ретко добиваат официјална сцена.
Проектот произлегува од работилницата за емоции и уметност под менторство на психологот Тина Чачоровска и уметникот Доротеј Нешовски, реализирана со поддршка од Ротари Клуб Скопје Интернационал. Во текот на неколку недели, група млади девојки и момчиња добија можност, можеби за првпат да размислат за сопствените состојби без да бидат прекинати, да ги именуваат своите стравови, надежи и бури, и да ги претворат во цртежи, бои и форми што конечно зборуваат.
Изложбата ги обединува нивните дела во една заедничка, комплексна нарација за растењето како процес на кршење, отпор, нежност и самооткривање. Секоја слика е личен документ, сведоштво за тоа што значи да се биде млад човек во денешниот свет, но и колективен крик за разбирање, слушање и поддршка.
Световите на младите – поглед внатре, а не само кон надвор
Во делото „Отпечатоци на соништата“, Ангелина Илиеска нè внесува во светот на детската невиност – свет полн со боја, фантазија и внатрешен мир, каде трагата што ја оставаме е искрена и безгрижна. Во „Виор на емоции“ таа го прикажува вечниот судир меѓу хаос и спокој, каде што белите отпечатоци од раце се човечката потреба да се остави трага дури и среде внатрешните бури.
Барбара Тофоска создава носталгичен визуелен мост меѓу детството и зрелоста, преклопувајќи две половини на едно време: шареното, безгрижно минато и споменот што бледее како стара фотографија. Заедно со Јоана Тодороска ја создава и „Плоштадот на боите“, дело што мириса на дожд, треви и денови што се далечни, но незаборавни – потсетник дека носталгијата е доказ дека сме сакале нешто длабоко.
Тодороска во своите авторски дела ги претвора емоциите во бранови – лица на радост, тага, смиреност и немир, кои се појавуваат едни над други, како внатрешен океан што постојано се движи.

Јована Терзиеска, со делата „Момент на мир“ и „Кога сè ми е премногу“, ни дозволува да влеземе во интимните простори каде телото и умот бараат одмор. Бојата кај неа станува дишење – зеленото и синoто како здив по бура, жолтото и портокаловото како спомен на топлина што враќа живот. Нејзината работа е искрена исповед за моментите кога светот е премногу тесен, а емоциите премногу гласни.

Лина Капсарова го користи симболот на ружата како автопортрет на сложената, често неразбрана природа на младата личност. Во „Огнена ружа“, „Златна борба“ и „Виножитен бран“, таа го истура својот внатрешен хаос, надеж и страст, создавајќи дела што зборуваат за различноста како сила, не како слабост.

Во „Заробена“, Марија Алексовска го обработува чувството на придушеност во родниот град – сенки од минатото, уништени соништа и безгласни прашања за тоа дали бегството навистина спасува. Марија Стојаноски, пак, го претставува гневот што се раѓа од немоќ – тивок, но жесток пламен што се појавува кога околностите излегуваат од контрола.
Особено силен дел од изложбата се делата што го обработуваат судирот меѓу збунетоста и потребата за самодоверба. Токму тука се издвојува искрениот коментар на учесникот Милош Мучев, кој за своето дело вели:
„Во мене постојано се судираат два света – оној кој се плаши и оној кој сака да биде силен. Понекогаш изгледа како да не знам кој од нив ќе победи, но уметноста ми покажува дека и двата се дел од мене.“

Овој цитат не само што го објаснува творечкиот процес зад неговата слика, туку ја опишува и суштината на младинското искуство – вечна потрага по сопствениот идентитет меѓу стравот од осуда и желбата за прифаќање.
Слична тематика се развива и во делото „Beneath the Surface“, каде што авторите ги претставуваат двата паралелни света што живеат во секој тинејџер – оној видливиот, исполнет со очекувања и набљудување, и оној скриениот, што е вртлог од мисли, сенки и емоции.
Во „Прифаќање“ од Сани Велкова ангелската фигура е метафора за процесот на самоосознавање: отпуштање на болката, лекување, љубов и конечно – сјај. Делото „Во мене сè се движи“, претставено анонимно, ја заокружува оваа поставка со идејата дека човекот не може да се разбере без неговиот општествен и културен контекст.
Менталното здравје како уметнички и општествен приоритет
Изложбата ја отвора темата што премногу долго била маргинализирана: менталното здравје на младите. Многу млади денес се соочуваат со тага, страв, вознемиреност, осаменост или притисок, но ретко имаат простор каде тие чувства може да се изразат, именуваат и разберат.
Овој проект има двојна природа, тој е и уметничка и социјална интервенција. Тој го потсетува општеството дека секој млад човек има право да биде слушнат, разбран и поддржан; дека емоциите не се знак на слабост, туку јазик на внатрешната сила; дека разговорот, уметноста и емпатичната средина се неопходни за создавање генерација која ќе расте здраво и стабилно.
Повик за општество во кое младите ќе сакаат да останат
„Иницирај промена! Креирај гласно“ е повеќе од изложба – тоа е манифест. Млади автори кои храбро им дадоа форма на своите емоции покажуваат колку е важно да им се даде простор да бидат вистински, да чувствуваат, да се сомневаат, да бараат, да сјаат.
Поставката во Сули Ан е потсетник дека зад секоја боја, зад секој потег и зад секоја форма стои млад живот кој сè уште се гради. А бидејќи менталното здравје е фундаментално човеково право, оваа изложба станува повик за заедничка грижа, поддршка и промена, за општество во кое младите ќе се чувствуваат видени, почитувани и важни.
*Текстот на Ана Василевска е преземен од Нулта.мк

