Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонија му даде втора шанса на ВМРО-ДПМНЕ

Mитинг на вмро во Скопје, 18 јуни 2022 (фото: К. Михаилов)

Граѓаните на Македонија конечно со новата влада ќе го добијат тоа што го сакаат – силно удирање во гради место отворање на вратата на ЕУ

Пишува: Слободанка ЈОВАНОВСКА

Македонија вчера му даде втора шанса на ВМРО-ДПМНЕ. Клучно прашањето е – за што, и дали беше паметно толкава апсолутна власт да се слее во рацете на гарнитура зад која стои истиот ешалон со кој државата еднаш го допре дното и, како што се покажа вчера, никогаш не успеала да се одлепи од таму.

Најсимптоматично е што уште на самото објавување на победата Силјановска и Мицкоски пратија различна порака. Додека таа тврдеше дека „ова не е време на поделби, на фалби и на триумфализам“, Мицкоски најави дека сѐ што ветил ќе оствари и дека „тие сто луѓе од СДСМ и ДУИ кои мислеа дека се господари на нашите животи ќе одговараат до последниот“, практично најавувајќи токму спротивно – пресметки со опозицијата и реваншизам. И искрено, тешко дека некој во државава поверува во тоа што го кажа Силјановска и се посомнева дека ќе се случи тоа што го најавува лидерот на партијата.

Од двете прашања реално е всушност само првото – што очекуваат граѓаните дека ќе добијат со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, било тоа да беше кажано отворено како предизборно ветување, било да беше понудено зад одредена прекриена реторика?

Според првите реакции на аналитичарите, главното прашање е како ВМРО-ДПМНЕ ќе се справи со уставните промени и како тоа ќе го испорача на „Вреди“ со кои сака да прави коалиција. Според очекувањата пак на тие што го гласаа, сега кога ВМРО-ДПМНЕ има апсолутна власт во државата и безначајна опозиција во македонскиот блок, нема веќе изговори да го одоговлекува историското „не“ за името на Македонија.

Попросто кажано, по триесет години наводна одбрана на уставното име и кочењето на сите евроинтеграциски процеси заради загрозување на идентитетот на нацијата, гласачите што поверуваа во реториката на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат Мицкоски да го повлече потписот од Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Ако го направи тоа, Мицкоски ќе се соочи со гневот на САД, на ЕУ и на Грција, а ако не го направи – ќе се издува целиот балон на патриотизмот на кој партијата се шлепа политички со децении.

За разлика од претходниот мандат, сега ВМРО-ДПМНЕ ќе нема ни дежурен виновник на кој ќе му ги префрла неуспесите да го испорача тоа што се расфлаше во кампањата, бидејќи СДСМ е премногу слаб за да поверува некој во тоа, а натамошно ескалирање на тензиите со ДУИ може да стане контрапродуктивно за нивната влада и за државата.

Бидејќи и од апсолутната власт има поголема власт, првото што може да се очекува е Мицкоски да почне да ја расчистува политичката сцена од сите оние кои неговите евентуални политички бајки ќе ги презентираат во реални рамки. Во тој контекст може да се очекува, исто така, дека ВМРО-ДПМНЕ, место да ја дели власта со некои што ќе му испорачуваат барања и ќе го уценуваат, ќе почне да им ги купува пратениците, при што прв на удар ќе биде ЗНАМ, бидејќи Левица е поимуна на таков процес.

Ако, пак, „Вреди“ не се распадне уште при поделба на ресорите и директорските места и ако не добијат доволно позиции од ВМРО-ДПМНЕ за да го оправдаат влегувањето во владата (откако ДУИ практично доминираше во претходната), за очекување е дека Мицкоски ќе се обиде и нив политички да ги преуреди одвнатре, па и делумно да ги распадне, бидејќи реално не му требаат освен како алиби дека има албанска партија како коалициски партнер. „Вреди“, ако успее да се договори кој ќе биде главен и кој ќе ја преставува, може и да преживее политички, но секој ден во владата со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде минус на нивното конто за рејтинг меѓу Албанците, како што ДУИ беше за СДСМ.

Оние пак што сметаат дека на Македонија ѝ се повторува 2008-та, не ја кажуваат поразителната реченица – дека како држава се вративме на почетокот, дека само се вртиме во круг и дека упорно опстојуваме на грешките. Најтрагично е што ДУИ (па и ЕУ самата) ја издевалвира стопроцентно идејата за европскиот фронт и само тие што сакаат да изгубат отсега ќе бараат мандат и ќе одат на избори со ветувања за влегување во ЕУ.

Дополнително, без оглед што освои 19 пратенички места, ДУИ му нанесе таква штета на СДСМ што тешко дека има партија на политичката сцена која ќе посака со неа да прави коалиција, макар и по цена да не направи влада воопшто. Политичкиот успех на ДУИ многу брзо ќе се претвори во морален дебакл кој може да се сведе во реченицата – дека за да дојдат на власт секому би му удриле нож во грб и дека агендите со кои настапуваат им се само кавер ап. По 20 години владеење ДУИ, исто така, за првпат ќе се соочи со одлив на партиски членови, бидејќи главната сила и бројност досега ја црпеше – од клиентелизмот и вработувањата.

Огромното количество пари пак што ВМРО-ДПМНЕ го покажа во кампањата го отвора прашањето од каде се и со каква цел некој би вложил толку во политичката операција за враќање на власт, бидејќи е тешко да се поверува дека зад сето тоа стои желбата да се спасува Македонија од криминалот на СДСМ и ДУИ? Македонија е толку урнисана како држава што во политиката се влегува не за нас некој да нѐ спасува од лошото здравство, школство и малите плати и пензии, туку за да се дојде до државниот колач и привилегиите што ги обезбедува власта. Анкетите што ги правеа медиумите на денот на изборите покажаа дека граѓаните немаат илузија дека којзае колку ќе се смени состојбата во државата, така што очекувањата се само лични и индивидуални.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ сепак е многу подобро во продавањето приказни за розева реалност и кога не е така, но овојпат тоа нема да биде многу уверливо бидејќи значајно се смени опкружувањето околу нас, државата е прилично финансиски исцрпена, а гладните „усти“ кај нас значајно се намножија.

Најжестокиот фронт новата власт сепак ќе го отвори со Данела Арсовска и, ако нивниот спор не е глума и таа наскоро не се приклучи на матичната идеологија, Скопје ќе плати висока цена додека ВМРО-ДПМНЕ не го освои и тој бастион на власта.

На крајот, иако сите очекуваат дека најтешкиот тест за Мицкоски ќе бидат односите со соседите, мавтањето со нови вета од Грција и од Бугарија повеќе ќе му помогнат отколку одмогнат, бидејќи е шампион на јавањето на популизмот. Едноставно кажано, граѓаните на Македонија конечно со новата влада ќе го добијат тоа што го сакаат – силно удирање во гради место отворање на вратата на ЕУ, веројатна промена на политиката кон Украина, промена на политиката кон санкциите за Русија, влегување во сферата на Орбан, Путин, Јанша и сличните што се јавија први да честитаат победа на ВМРО-ДПМНЕ…

Едноставно, победи македонската Македонија, а не европската. (Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира