Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дамјан Давков освои сребрен медал на 31. Балканската олимпијада по информатика во Охрид


Дамјан Давков, ученик во математичко-информатичката гимназија во Скопје освои сребрен медал нa 31. Балканска олимпијада по информатика што вчера заврши во Охрид. Благој Рујаноски Стојановски, Владимир Грчев и Виктор Максимовски освоија олимписка пофалба. Добитник на највисокиот златен медал и освоено прво место е Даниел Којнов од Бугарија, додека златни медали освоија и Милош Милутиновиќ од Србија, и Борис Михов и Андреј Стефанов од Бугарија.

Олимпијадата се одржа од 20 до 25 септември. На Балканијадата учествуваа млади од Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија, во сферата на технологијата и иновациите.

За време на двата натпреварувачки дена, учесниците решаваа комплексни алгоритамски задачи дизајнирани за да ги предизвикаат нивните вештини во програмирање и решавање на проблеми. По ригорозна евалуација, најдобрите учесници беа наградени со медали, како признание за нивните достигнувања, велат од Здружението на информатичари на Македонија.

Овие млади програмери демонстрираа исклучително високо ниво на техничко знаење и креативност, поставувајќи високи стандарди за идните учесници на Балканската олимпијада.

Трет пат во Македонија, по 2000 и 2008 година, на едно место ги обединивме средношколците – информатичари од Балканот и пошироко, овозможувајќи им средина во која може да го покажат својот талент и да изградат конекции кои долго ќе траат, вели Миле Јованов, претсеател на Здружението на информатичарите на Македонија.

– Да се биде домаќин на ваков настан во Македонија е доказ за посветеноста во негувањето на младите таленти во областа на информатиката. Сето ова го реализиравме благодарение на исклучителната поддршка и придонес на нашиот институционален поддржувач ФИНКИ кои за потребите за организација на овој еднонеделен настан овозможија поддршка во форма на финансии, опрема, односно комплетно нови компјутери на кои се решаваа задачите, како и учество на професорите во подготовката и евалуацијата на задачите. Воедно, сакам да се заблагодарам и на поддршката на нашиот златен спонзор “Sorsix“, како и останатите “Jane Street”, “Valtech”, “Netcetera”, “Codecham”, “GrabIT”, “Furious Avocado”, “Loka”, “Винчини”, “Комплекс Мижо”, “Долна Порта”, “Халк банка”, “Фротекс”, “Masinokop Resources”,“Кока-кола” и нашиот партнер од невладиниот сектор, “Бистри умови Македонија”, кои одиграа важна улога во успехот на 31. издание на Балканската Олимпијада – истакна Јованов.

Балканската олимпијада по информатика е можност учесниците да ги тестираат своите вештини и знаење и да стекнат искуство кое ќе биде незаменливо за нивниот академски и професионален развој. Покрај натпреварувачките денови, учесниците во олимпијадата имаат можност да се дружат со останатите учесници и да се запознаат со локалната култура и историја на земјата – домаќин на настанот. Во рамките на програмата тие го посетија и стариот дел од градот Охрид со неговите знаменитости, а со брод отидоа до наколната населба Залив на коските, манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски.

Зголемувањето на бројот на учесници во БОИ и нивната разновидност е рефлексија на значајноста и влијанието на оваа Олимпијада. Трендот на вклучување на земји пошироко од границите на Балканот низ годините е јасен индикатор за квалитетот, вредноста и важноста на овој настан. Со традиција и вредности кои се пренесуваат веќе 31 година по ред, БОИ продолжува ги инспирира новите генерации информатичари чиј талент ќе ја обликува иднината на технологијата.

Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Домаќин на олимпијадата секоја година е различна земја, членка на БОИ иницијативата. На олимпијадата секоја држава има право да учествува со најмногу 4 ученици/ натпреварувачи кои претходно се бираат според постигнати највисоки државни резултати, а државата домаќин може да има 2 тима од по 4 натпреварувачи, односно најмногу 8. Земји учеснички во Балканската олимпијада се Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора и Италија. Дополнително, учество заземаат и учесници од други земји кои се поканети како гости на Олимпијадата, како Хрватска, Швајцарија, Полска, Украина, Саудиска Арабија.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново