Македонија сѐ уште не е доволно подготвена за исполнување на условите до 1 јануари 2026 година, кога ќе треба да плаќа такса од 70 до 80 евра по мегават-час за производство на електрична енергија од јаглен, како и за други производи поврзани со високи емисии на CO2.
Соња ТАНЕСКА
Оваа обврска произлегува од механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism), кој опфаќа шест категории производи: железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија, произведени во трети земји за извоз во ЕУ. Мерката има за цел да обезбеди еднаков надомест за јаглеродните емисии на слични производи, независно од нивното потекло.
Според експертите, Македонија не заостанува во енергетската транзиција во однос на земјите од регионот. Сепак, и покрај зголемените капацитети за обновлива енергија, особено фотонапонски, производството на електрична енергија од јаглен сè уште доминира, а термоцентралите се стари.
Генералниот заклучок е дека мора да се има предвид историското учество на земјите во создавањето на проблемот со зголемени CO2 емисии со кој се соочуваме денес бидејќи до 2021 година, најголем емитер на CO2 е САД со 24.8%, Кина со 14.7%, Русија со 6.9%, Германија со 5.5%, Обединетото Кралство со 4.6%, итн. Според податоците заклучно со 2018 година, земјите на ЕУ историски имаат 22% удел, додека пак за 2023 емисиите на CO2 покажуваат дека земјите на ЕУ се со удел од 6.4% од вкупните емисии на глобално ниво. Македонија има само 0.02% удел во вкупните емисии создадени во 2023 година. Токму затоа е потребно е големите земји да ги финансираат посиромашните земји кои ги трпат последиците од стакленичкиот ефект, односно климатските промени.
Што предвидува процесот?
Подготовките за новите регулативи вклучуваат и поддршка на стопанството. Домашните извозници веќе ангажираат фирми од ЕУ за извештаи за емисиите, а во рамките на Стопанската комора се одржани обуки за разјаснување на системот. Министерството за финансии, исто така, ангажира консултанти за процена на влијанието на оваа нова регулатива и се планира формирање работна група за спроведување на ЦБАМ.
Предлог за воведување на јаглероден надоместок е содржан во член 80 од Нацрт законот за климатска акција кој треба да биде донесен до крајот на 2024 година.
-За негово спроведување, потребно е да се донесат и неколку подзаконски прописи. Во рамките на ИПА 3 проектот, кој се очекува да започне кон крајот на годинава, ќе се изработат подзаконските акти за методологијата, форматот, начинот на изработка на мониторинг планови и верификувани годишни извештаи на стакленички гасови за идентификуваните субјекти, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање за Рацин.мк.
Оттаму ддодаваат дека Европската Унија, од своја страна, пак, веќе најави дека од 2026 година ќе наплатува надоместок за извоз на продукти од некои индустрии од земјава, преку воведување на CBAM механизмот (Carbon Border Adjustment Mechanism), кој се однесува на стоки и е царинска давачка чија цел е да стави цена на емисиите на јаглерод, употребени за производство надвор од Унијата.
-Целта е да се мотивираат и овие земји да држат чекор со европските заложби за климатско неутрална Европа до 2050 година, но и да се демотивираат инвеститорите да ги користат за префрлување на производството надвор од ЕУ и користење на фосилни горива. Според Нацрт законот за климатска акција правните субјекти кои вршат дејности и активности со кои испуштаат стакленички гасови при вршење на дејностите, се должни да плаќаат надоместок за емисија на стакленички гасови за секој тон верификуван емитуван јаглероден диоксид или еквивалент на јаглероден диоксид, додаваат тие.
Од Министерството за живтона средина велат дека висината на јаглеродниот надоместок ќе се пресметува врз основа на годишната просечна аукциска цена на емисионите квоти тргувани во рамки на Системот за трговија на емисии на Европската унија (CBAM), изразена во € (во денарска противвредност) по тон емитиран CO2 еквивалент, за годината.
-Mетодологијата за начинот на пресметка и висината на надоместокот ја пропишува Владата на Република Северна Македонија во согласност со Министерот за животна средина и просторно плнирање на предлог на стручното работно тело. По утврдувањето на висината на јаглеродниот надоместок, Министерството ќе достави решение до субјектите земајќи го во предвид верификуваниот годишен извештај за емисиите. Собраните средства од надоместокот се приход на буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање и се користат исклучиво за финансирање и реализација на активностите дефинирани во законот, активности за инвестиции погодни за климата, за образование во областа климатски промени, за информации и јавна свест и за родови аспекти, млади и ранливи групи итн. и ќе се распределуваат согласно годишна програма за финансирање на активностите за климатска акција, која ја предлага министерот за животна средина и просторно планирање врз основа на активностите предвидени во планските документи, велат од министерството.
Важно е средствата од јаглеродниот надоместок да остануваат во државата затоа што ЕУ најавува дека од 2026 година при прекугранична трговија, доколку надоместокот не е платен во матичната држава, средствата ќе се одлеваат надвор од државата.
Средствата што ќе остануваат во државата наменски ќе се инвестираат во климатски акции. Со законот се пропишани и критериуми за доделувањето на средствата од Годишната програма, а министерството ќе доставува извештај до Секретаријатот на Енергетската заедница за користењето на средствата собрани од јаглеродниот надоместок.
Целта е навреме да ги усогласиме со обврската од ЕУ
Од Регулаторната комисија за енергетика и води велат дека станува збор за јаглеродна такса (давачка со која се оданочува производството на јаглероден диоксид) која е на сила кај земјите членки во ЕУ, а за земјите кои не се членки на ЕУ ќе почнат да плаќаат јаглеродна такса преку механизмот за јаглеродно даночно прилагодување, при извоз во ЕУ.
-Идејата е мотивирана од зачувување на животната средина но и за обезбедување на фер плеј услови за сите учесници на европскиот пазар кои ги нудат своите производи. Струјата може да е производ сам по себе, но секако е доминантен учесник во формирањето на финалната цена на најголем број од производи кои се извезуваат. Па така земјите кои до сега ја немаат оваа такса, се сметаат за поконкурентни на пазарот, од оние учесници кои ја плаќаат. Целта е да се поттикнат инвестиции во енергетиката од обновливи извори – а да се намали производството на струја од јаглен. На тој начин пласираните производи ќе немаат дополнителен трошок, вели за Рацин.мк претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Според него механизмите преку кои може да се влијае за да се амортизира притисокот се генерално стратешки политики на делување во два сегменти, намалување на трошоците за производство на електрична енергија (но треба да се има во предвид дека станува за капацитети кои работат 40 годни – како РЕК Битола) и инвестиции во нови постројки (од обновливи извори и когенаративни постројки).
-Инаку, енергетската криза како и Kовид кризата влијаеше да земјите на ЕУ ги рестартираат затворените постројки на јаглен со цел да обезбедат поголема автономија во производството и снабдување со електрична енергија, односно да ја намалат увозната зависност. Земјите од регионот доминантно се зависни од струјата произведена од јаглен. Неодамна на регионален состанок во Црна Гора , регулаторите од регионот го покренаа ова прашање и се со иницијатива да се заземе заеднички став и координирано да се делува, вели Бислимовски.
Што опфаќа регулативата?
Како што потенцираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за Рацин.мк, регулативата CBAM (2023/956) опфаќа шест категории производи (железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија) произведени во трети земји кои треба да се увезат во земја-членка на ЕУ. Целта на оваа мерка е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја-членка или во трета земја.
-Механизмот е во комплементарност со Системот за тргување со емисии на ЕУ кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на Европската Унија и обезбедува рамноправност при увоз на стоки преку потребата за CBAM сертификати. Кога се увезуваат стоки опфатени со регулативата СВАМ, важно е да се поседуваат соодветни податоци за емисиите на стакленички гасови за да може увозникот да ја процени потребата за СВАМ сертификати. Повисок степен на декарбонизација подразбира намалување на емисиите на стакленички гасови, и затоа количината на сертификати CBAM потребни за увоз на одреден производ на пазарот на ЕУ е помала. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, се меѓу најпогодените бидејќи нивната подготвеност за усогласување со регулативата е ограничена. За жал во изминативе години многу малку се правеше за обезбедување на потребните услови, а сега останува малку време за целосно исполнување на условите до 1 јануари 2026 година, се вели во одговорот на министерството.
Тие појаснуваат дека веќе се работи на предлог-законот за енергетика, а се предвидуваат и активности од МЕМО и МЕПСО за поврзување на пазарите. Треба да следи донесување на соодветни подзаконски акти и соодветни активности од страна на МЕМО и МЕПСО со цел да се спои пазарот ден-однапред, како и да се воспостави пазар во тековниот ден, кои понатаму треба да се спои со европските пазари во тековен ден.
–Во меѓувреме, Министерството за животна средина ќе треба да воведе систем за трговија со емисии, согласно Директивата на ЕУ ЕТС. Потребна е и дополнителна администрација за мониторинг, известување и акредитација. За да профункционира системот за следење и наплата на емисиите, неопходно е градење на административните капацитети, вработување на соодветен кадар во министерството за животна средина и просторно планирање кој ќе работи на имплементација на овој систем и соодветно обука. Откако овој систем є воспоставен, ќе може да се воспостави соодветна наплата на јаглероден надоместок Влијанието на CBAM врз конкурентноста на македонската економија зависи од брзината и успешноста на адаптирање на компаниите. Роковите за приспособување се кратки, а периодот за подготовка се намалува. Времето до 2026 година бара интензивни подготовки и усогласување за да се постигнат барањата на CBAM регулативата. Владата ќе ги засили своите активности и поддршката кон компаниите, со што ќе овозможи брзо и ефикасно усогласување со барањата на новата регулатива, додаваат тие.
Според министерството за енергетика македонските извозници веќе се подготвуваат преку ангажирање на фирми од ЕУ за изработка на извештаи за емисиите, а во план е и формирање работна група која ќе работи на имплементацијата на CBAM.
Сепак, се појавуваат бројни предизвици во подготовките, особено во воспоставувањето на административен капацитет за мониторинг и издавање на сертификати за потекло на енергија произведена од обновливи извори, што е од критично значење за домашните компании кои сакаат да го намалат својот јаглероден отпечаток.
Во оваа насока, експерти предупредуваат дека климатските промени и еколошките стандарди треба да станат приоритет, особено имајќи ги предвид проблемите со загадувањето на воздухот, водата и почвата.
Од Владата истакнуваат дека гаранциите за потекло на енергијата се значајни за домашните компании кои извезуваат на европскиот пазар. Преку овие гаранции, компаниите ќе можат да докажат дека користат чиста енергија од обновливи извори, со што се намалува јаглеродниот отпечаток.
Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО, ќе го води регистарот на Гаранции на потекло, овозможувајќи евидентирање на нивното издавање, пренос, признавање и поништување.
Во изминатиот период, со поддршка на Министерството за енергетика, МЕМО стана набљудувач во Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), водечка европска организација за енергетска сертификација која ја промовира транспарентноста преку стандардизација на овие гаранции.
Колку се подготвени компаниите?
На панелот „Македонија на патот на енергетска транзиција“, Беса Татеши од Министерството за животна средина истакна дека стопанството е информирано и подготвено за промените преку обуки и проекти. Таа исто така додаде дека здравјето и животната средина треба да се приоритет, а искористувањето на достапните фондови е клучно за остварување на овие цели.
Некои регулатори предлагаат одложување, истакнувајќи дека би бил потребен регионален пристап за успешна примена, додека експерти од енергетиката предупредуваат на можни негативни економски последици.
Западниот Балкан, како и делови од Европската Унија, исто така го изразуваат својот сомнеж. Според „Еуроактив“, постои ризик дека некои електроинтензивни индустрии, како производството на алуминиум, би можеле да се соочат со негативни последици, ако се пренасочи производството надвор од Европа.
Потенцираат дека македонската Влада треба да заземе силен став во однос на ова прашање и да бара финансии по основ на климатска правда и климатска репарација.
-Особено што обичниот граѓанин ќе страда, цената на струја ќе се зголеми, конкурентноста на нашите производи ќе се намали и прашање е дали ќе може да го издржиме сето тоа. Ние проблемот не го креиравме, ниту пак може да го решиме со 0.02% удел во емисиите, но тие што го креирале треба да учествуваат во финансирање на бараната декарбонизација , децидни се од О2 Иницијатива.
Ова прашање го акцентираат и анализираат и земјите во регионот. Надлежните во Србија порачуваат дека енергетската транзиција е долг и скап процес и неопходно е да се обезбеди пристап до фондовите на ЕУ за да се спроведе на одржлив начин. Едно од можните решенија го гледаат во формирање Регионален фонд на Западен Балкан за праведна транзиција, кој би бил подржан од ЕУ. Во Босна и Херцеговина, која најголемиот дел од електричната енергија го произведува со согорување на јаглен во термоелектраните, стравуваат дека цената на електричната енергија би можела да се зголеми заради таксата што произлегува од СВАМ механизмот и стопанството да стане неконкурентно, а од надворешно-трговската комора проценуваат дека компаниите би можеле да губат годишно повеќе од 250 милиони евра.
Оваа такса произлегува од обврските преземени со Софиската декларација, со која земјите од регионот се обврзаа да воведат систем за наплата на емисиите на CO2, со цел да се усогласат со европскиот систем на трговија со емисии (EU ETS). Декарбонизацијата е цел која бара значителни реформи и инвестиции, а се очекува и прилагодување на даночниот систем преку механизмот за гранично прилагодување на јаглерод (CBAM).
Организациите кои го следат процесот на декарбонизација истакнуваат дека, и покрај постоењето на стратегии, планови и програми, во пракса не се забележуваат конкретни чекори за реализација. Според „O2 Иницијатива“, „на хартија има сѐ – но во пракса ништо од тоа не е применето“.
Една од клучните стратегии, Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, донесена кон крајот на 2019 година, предвидува дека до 2025 година треба да престанат со работа електроцентралите на јаглен. Според Националниот план за енергија и клима од јануари 2023 година, 52% од обновливите извори на енергија (ОИЕ) до 2025 треба да бидат хидроцентрали, а 36% фотонапонски електрани. До 2030 година, учеството на ОИЕ во вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија треба да достигне над 85%.
Сепак, според податоците од Регулаторната комисија за енергетика за 2023 година, ситуацијата е далеку од оваа цел. Термоелектраните учествуваат со 39,28% од инсталираниот капацитет и произведуваат 46,27% од електричната енергија, додека фотоелектраните сочинуваат само 4,55% од производството.
Програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025 година, донесена во март 2021, вклучуваше мерки за изградба на Чебрен до 2029 година, почеток на мали хидроцентрали во Вардарска долина и транзиција на ТЕ Битола и ТЕЦ Неготино на природен гас до 2025 година. Според „O2 Иницијатива“, овие проекти останале нереализирани.
Дополнително, сегашниот министер за животна средина, Изет Меџити, изјави дека земјата ќе продолжи со употреба на јаглен до 2050 година, што фрла сомнеж врз ангажманот за декарбонизација.