„Во Македонија, како и во сите унитарни земји од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија, која ја претставува државата во европската, но и во други меѓународни асоцијации на академии. Така, актуелниот притисок за формирање моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован“, рече претседателот на МАНУ, академик Живко Попов на одбележувањето на 57-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите – Денот на МАНУ.
Тој потенцираше дека од нејзиното основање на МАНУ, па се до денес, членови на академијата биле припадници на македонскиот народ, но и на другите етнички заедници, албанската, турската, а во нашите редови имаме и академик која е Полјачка.
„Она што е карактеристично за нашата мултиетничка академија е фактот дека кандидатите за членство и акадамиците никогаш не се прашувале да се изјаснат за нивната етничка припадност. Имало и периоди кога академиците Македонци не биле мнозинство во институцијата“, рече академик Попов.
Попов, посочи дека согласно практиката во други држави може да се формираат научно-уметнички друштва, како граѓански здруженија или, пак, академии во рамките на професионалните асоцијации од одредени области, како на пример, Академија за архитектура или правни науки.
„Неосновани и ставовите од поедини политички и интелектуални кругови дека професорите и интелектуалците од албанска етничка припадност нема каде да вршат научни истражувања, затоа што, тоа можат да го прават на катедрите на трите државни универзитети каде наставата се одвива и на албански јазик. Како и на државниот научен Институт за зачувување на духовното и културно наследство на Албанците во Скопје, кој има сопствен буџет, како и во МАНУ. Впрочем, и членовите на МАНУ поголемиот дел од истражувањата ги прават на УКИМ и во другите државни универзитети и научни институти, а не само во самата академија. Овие факти јасно укажуваат дека во академските редови нема место за политиканство и за манипулација“, рече академик Попов.
Според Попов, на сите притисоци и провокации од надвор, како што е притисокот за формирање на Албанска академија, како чисто етничка институција во мултикултурно и мултиетничко општество како нашето, МАНУ ќе одговори со стаменост, мудрост и доследност, дека науката и уметноста не познаваат каква било припадност, туку препознавање по резултатите на индивидуалното творештво и достигнување.
Во врска со Законот за употреба на јазиците на сите етнички заедници во државата смета дека треба да се доуреди и допрецизира.
„Никој во Академијата, вклучувајќи ме и мене, не смета дека употребата на албанскиот и на јазиците на останатите немнозински заедници во државата, како придобивка од Охридскиот рамковен договор и уставна категорија, треба да се укине. Напротив, во постоечкото законско решение треба да се доуреди и допрецизира, со цел да се подобри нејзината применливост“,вели Попов.
Според него, тоа се однесува на функционирањето на правосудниот систем, работата на полицијата, армијата, потоа на здравствениот систем и друго, каде што со оглед на деликатноста и одговорноста на она што е предмет на работа, нужна е употребата на еден општ јазик за разбирање.