Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

МНР бара објаснување за протерувањето на македонската државјанка од Србија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија изрази загриженост за протерувањето на македонската државјанка Искра Росо од Србија, на која ѝ е изречена забрана за влез од една година. Според српските власти, Росо претставува „безбедносна закана“, но од МНР соопштија дека ќе побараат дополнителни објаснувања за ваквите мерки.

„Очекуваме овие мерки да се оправдани и да бидат во согласност со законите на Република Србија, како и со европските и меѓународните стандарди за човекови права“, стои во реакцијата на Министерството. Тие изразуваат надеж дека случајот ќе се реши преку дијалог, зачувувајќи ги добрососедските односи меѓу двете земји.

Инцидент во Белград

Искра Росо, извршна директорка на Здружението СОЛЕМ и претставничка на невладиниот сектор, учествувала на обука во Белград организирана од Ерсте фондацијата. На 21 јануари, по завршувањето на активностите, таа била задржана од полицијата без јасно објаснување. Подоцна дознала дека ѝ е изречена забрана за влез во Србија на 12 месеци, согласно член 78 од Законот за странци.

„За време на задржувањето, полицијата се однесуваше професионално, но не добив никакво објаснување за мерката, што ја зголеми неизвесноста. Поднесов барање до македонското Министерство за надворешни работи за дополнителни информации и во тек е подготовка за жалба на решението“, изјави Росо за МИА.

Приведувања на странски државјани

Заедно со Росо, ноќта меѓу 21 и 22 јануари, приведени и депортирани биле 13 странски државјани од различни земји, меѓу кои Хрватска, Словенија, Словачка, Албанија, Романија и Австрија. Сите тие биле дел од обуката за невладини организации, но по неколкучасовно задржување морале веднаш да ја напуштат Србија, добивајќи забрана за влез од една година.

Инцидентите се случуваат во период кога Србија е зафатена со протести против актуелната влада и претседателот Александар Вучиќ. Денеска во земјата започнува „општа граѓанска непослушност“, а студентите организираат блокади и повикуваат на солидарност.

Случајот со протерувањето на странските државјани, вклучително и македонската државјанка, отвора прашања за постапувањето на српските власти и за можните политички мотиви зад ваквите дејствија.

Зачлени се на нашиот е-билтен