Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Денеска се навршуваат 10 години од пленумската окупација на Филозофскиот факултет во Скопје

Фото: Ванчо Џамбаски
Фото: Ванчо Џамбаски

На денешен ден, на 11 февруари во 2015 година, студентите ги окупираа факултетите на скопскиот универзитет. Прогласија слободна автономна зона на Филозофскиот и Филолошкиот факултет, а потоа и на Правниот и Економскиот факултет. Рекоа дека настава нема да има, а дека ќе останат и да спијат на факултетите се додека не бидат исполнети нивните барања.

Зад протестите и окупацијата на факултетите на УКИМ застана Студентски пленум која себе си се идентификуваше како студентска иницијатива за одбрана на правата на студентите која се залага за поквалитетно образование, а се бори против неправедноста и партиските влијанија.

Иницијативата започна да станува сѐ повидлива и погласна кон крајот на 2014 година по најавата за воведување на екстерно оценување, а подоцна преименувано во државен испит, од страна на Владата на Македонија, како и низа други измени во Законот за високо образование, кој според движењето силно го крши членот 46 од Уставот на Македонија, во кој се гарантира автономија на универзитетите.

Подоцна на студентите од овие факултети им се придружија и окупацијата ја прифатија речиси сите факултети од Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Фото: Ванчо Џамбаски

Во едно интервју за Факултети.мк, од Студентскиот пленум по повод „окупацијата“ изјавија:

Четири месеци бевме игнорирани, бевме етикетирани, бевме отфрлени од власта. Четири месеци кулминираа со едно мачкање очи на крајот, кадешто се обидоа да ни дадат одложен рок за да „сме се привикнале на новите измени“. Ние не се согласуваме на тоа. Затоа, оваа автономна зона е начин на притисок врз власта бидејќи очигледно почнаа да сфаќаат каде грешат; за да конечно се сетат дека студентите се нивната иднина и мораат да се сетат на нас. Исто така, бараме да бидеме вклучени рамноправно во работната група којашто ќе го изработува новиот закон за високо образование…

Една од главните одлики на Студентскиот пленум бешее нејзината хоризонтална поставеност и секој студент кој имаше желба можеше да се приклучи и рамноправно да учествува во него. Единствено важно беше секој да пристапи како поединец, без никакви партиски влијанија.

За кратко време ова движење го привлече вниманието на македонската јавност, откако беа организирани три големи протести каде што учествуваа и над 10.000 студенти.

Подоцна енергијата на движењето на студентите се пренесе широко меѓу граѓаните во Македонија заради незадовослтвото од политиките на тогашната власт која кулминираше со откритието за масовното прислушкување на граѓаните.

Останува запишано дека ова студентско движење за првпат во историјата на Македонија, во знак на протест, ги окупираше факултетите во Скопје, каде што студентите се вселија и со денови преноќуваат таму.

Зачлени се на нашиот е-билтен