Во Скопје, како и во многу други делови на Македонија, објектите во кои живеат милиони граѓани очигледно не се подготвени да се справат со елементарни непогоди, посебно кога станува збор за пожари. Со трагичниот настан во Кочани, каде што загинаа 59 млади луѓе, а околу 200 беа повредени, безбедноста на зградите, особено во постарите делови на Скопје, стана тема на сериозна дискусија. Пожарот што ја зафати дискотеката „Пулс“ шокираше многу, но истовремено ја откри сериозната нехигиена и неефикасност на противпожарните мерки кои ги имаат зградите, како и неспремноста на локалните власти да ги заштитат своите граѓани од вакви трагедии.
Во Скопје, како и во повеќето други градови, голем број на зградите не ги исполнуваат основните безбедносни стандарди. Постарите објекти, кои се најчести места за живот на стотици граѓани, се лишени од основната противпожарна опрема која е неопходна за справување со елементарни непогоди, не еподобра состојбата и на новите згради бидејќи таму недостасуваат црева за хидрантската мрежа или пак нема соодветен план за евакуација.
Со години наназад, граѓаните упатуваат жалби за недостаток на хидранти, неисправни противпожарни апарати и блокирани евакуациони излези. Понекогаш дури и противпожарните скали се блокирани, узурпирани или се користат за складирање на лични работи од станарите, што значително ја намалува нивната функција во случај на пожар.
„Евакуацијата е крајно важна, но за жал многу често зградите немаат ниту едноставни излези, камоли противпожарни апарати или хидрантска мрежа,“ изјави еден од станарите на стара зграда во Ѓорче Петров.
Што вели законот за домување?
Во светло на трагедијата во Кочани, општините започнаа да се ангажираат околу ситуацијата со безбедноста на зградите.
Согласно Законот за домување и Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради, на видно место во влезот во ходникот на приземјето на станбената зграда треба да се истакне упатство за постапување во случај на природни или други несреќи, односно да има план за евакуација. Потоа, потребно е да се изврши набавка и проверка на заедничките инсталации и уреди во станбената зграда (ППЗ-апарати, хидранти, лифтови и др.) и доколку се утврди дека не се во функција, да се заменат. Покрај тоа треба да се изврши проверка во заедничките делови на станбената зграда, дали се чуваат предмети или материјали што можат да предизвикаат зараза, пожар или друга несреќа и доколку се чуваат, да се пристапи кон нивно отстранување.
Дали во зградата постои хидрантска мрежа и дали е исправна, дали хидрантите поседуваат црева за вода, дали има противпожарни апарати и дали се исправни, дали и колку станари во своите домови имаат противпожарни апарати и колку станари во зградата знаат да ракуваат со противпожарни апарати. Ова се прашањата на кои треба да одговорат сите заедници на сопственици и управители на згради засега на територијата на општина Карпош, Гази Баба и Аеродром.
Во Општина Центар веќе се спроведуваат контроли на станбените објекти, а инспекциските служби соработуваат со управителите на зградите за да се осигураат дека сите објекти имаат исправна противпожарна опрема. Властите во Центар се посветени на идентификување на сите ризични фактори, како што се неисправни хидранти или блокирани излези, кои можат да предизвикаат сериозни проблеми ако дојде до пожар.
„Ние, како локални власти, сме одговорни за безбедноста на нашите граѓани. Во соработка со управителите на зградите и Дирекцијата за заштита и спасување, ќе направиме сè што е потребно за да ги отстраниме сите недостатоци,“ изјави претставник од Општина Центар.
Иако процесот на инспекции и контроли во Скопје започна, многумина се прашуваат дали тоа ќе биде доволно за да се спречи нова трагедија. Според податоците од Општина Гази Баба, инспекциите не се ограничени само на хидрантските мрежи, туку се фокусираат и на проверката на сите заеднички инсталации, како што се лифтовите, електричните инсталации и противпожарните апарати. Заедниците на сопственици и управителите на зградите ќе треба да покажат дека ја исполнуваат законската обврска да се грижат за безбедноста на зградите, што вклучува редовно одржување на опремата и осигурување на непречен пристап до евакуациони излези.
Но, има ли доволно време да се испратат сите инспекции и да се обезбеди безбедноста на зградите? Вистината е дека по трагедијата во Кочани, тој процес само што почнува, а многу од зградите кои се веќе преградувани и доградувани не може да се вратат во почетната состојба. Сепак, сега е време да се разгледаат сите аспекти на безбедноста на станарите и да се направи сè што е можно за да се избегне повторување на трагедиите кои веќе ја потресоа Македонија.
Ѓорѓиевски: Сите училишта и градинки се безбедни
Сите градинки и уличишта се безбедни, кажа првиот човек на ЗЕЛС по направените вонредни инспекции. Во повеќе кафулиња и кафеани биле откриени недостатоци за летните тераси и како што рече Ѓорѓиевски, ќе им се даде време од месец дена угостителите да ги отстранат неправилностите.
„Сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови, спортски сали, односно секаде каде што најпрво се згрижуваат, се собираат на настани нашите најмлади, нашите деца, се безбедни. Да бидат спокојни граѓаните околу тој дел“ – Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.
Од Министерството за образование и наука известија дека „во рамки на своите надлежности Државниот просветен инспекторат ќе проверува дали училишните објекти се осигурани“.
Ѓорѓиевски вели дека инспекциите нема да завршат тука. Препорача да се направат строги контроли и на сите станбени згради.
„Имаме случаи каде што цревата за хидранти се продаваат, каде што биле украдени. Секој треба да си одговара. Не требаше да дозволиме да се случи пожарот во Кочани за да утврдиме дека во зградата каде што живеат 400 станари 30 години нема хидрант. Тоа не е одговорност и надлежност на општината“ – Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.
Во меѓувреме, на терен постојано се и пазарните инспектори. Направени се вкупно 116 вонредни контроли. Привремена забрана за работа добија 10 објекти.
Митева најави дека пазарниот инспекторат во координација со МВР овие денови започнуваат со инспекциски надзори во објектите за организирање прослави.
Антикорупциската комисија, пак, почна да проверува закони за да види дали има ризик од корупција кога се издаваат дозволи и лиценци за работа, особено за угостителски објекти.
„Антикорупциската проверка на законите како процес подразбира целосна и систематска проценка на правните прописи за да се идентификуваат можности за злоупотреба, конфликт на интереси, нејаснотии и празнини во законите кои би можеле да поттикнат коруптивни практики“, велат од ДКСК.