Договорот за минерали – шанса за Украина или знак за повлекување на САД?

Фото: www.president.gov.ua

Украина го започна вчерашниот ден со позитивен сигнал од Вашингтон – потпишана е рамка за договор за минерали, кој предвидува американски инвестиции во обновата на земјата, во замена за пристап до нејзините природни ресурси.

Истовремено, во Париз се одржаа први разговори за прекин на огнот меѓу американски, европски и украински претставници. Но веднаш потоа, и претседателот Трамп и државниот секретар Рубио се заканија со повлекување од мировниот процес доколку не се постигне брз напредок.

Во Киев расте стравот дека САД се повеќе ја гледаат поддршката кон Украина низ призмата на бизнис интереси, наместо на стратегиска заложба. Паузата на американската воена помош и отсуството на јасна осуда за новите руски напади, како оној во Харкив каде беа повредени над 100 луѓе, го потхрануваат тој впечаток. Москва, и покрај агресијата, продолжува да зборува за „мир“, додека бара нови украински територии и политички отстапки.

Украинскиот претседател Зеленски прифати целосен прекин на огнот, но Москва не покажува подготвеност за компромис. Во исто време, воената реалност на терен – како враќањето на контрола врз дел од Црното Море преку дронски напади врз руската флота – ретко стигнува до светската јавност. Без нови пакети на американска помош, Украина сè повеќе зависи од своите европски сојузници, чии капацитети се ограничени.

Новата економска спогодба со САД може да ѝ донесе средства на Украина, но отвора и прашања: дали иднината на земјата се одлучува во геополитички контексти или во деловни канцеларии? И дали Вашингтон воопшто прави разлика кој ќе владее во Киев – сè додека американските интереси се обезбедени, прашува Би-Би-Си.

Зачлени се на нашиот е-билтен