Ќе ги снема „златните“ пасоши во ЕУ

Судот на Европската унија го стави крајот на последниот активен програм за доделување на т.н. „златни пасоши“, со што им стави забрана на земјите членки да продаваат државјанства во замена за инвестиции. И покрај тоа, некои влади веќе трагаат по правни дупки за да ги задржат приходите од овие програми.

Мануел Делија, активист и директор на граѓанската организација „Република“ од Малта, не можел да поверува кога на 29 април ја прочитал одлуката на Судот на ЕУ. „Вреснав од возбуда. Очекував лоши вести“, изјави тој за DW. Делија повеќе од една деценија се бори против малтешката шема за доделување државјанства на странски инвеститори.

Малта беше последната членка на ЕУ која нудеше државјанство преку инвестиции – програми кои веќе се укинати во Бугарија и Кипар. Одлуката на судот, според Делија, е победа за принципите и вредностите на ЕУ, но и признание за работата на неговата колешка и пријателка, убиената новинарка Дафне Каруана Галиција, која меѓу првите предупредуваше за опасностите од ваквите програми.

Пасош за пари – без врска со државата

Европската комисија уште во 2022 година покрена постапка против Малта, нагласувајќи дека државјанството не смее да биде само финансиска обврска, туку мора да се заснова на „вистинска врска“ со земјата. Судот сега утврди дека малтешкиот модел го сведува државјанството на „комерцијална трансакција“ и дека ваквите програми ја поткопуваат довербата и солидарноста меѓу членките на ЕУ.

Според податоците на фондацијата „Дафне Каруана Галиција“, дури девет од десет апликанти за малтешки пасоши биле кинески инвеститори, при што многумина од нив никогаш не живееле во Малта, а некои дури и купувале имоти кои не биле погодни за живеење.

Малта брани, но ветува промени

Премиерот на Малта, Роберт Абела, и натаму го брани принципот на „златните пасоши“, нагласувајќи дека земјата заработила повеќе од 1,4 милијарди евра преку програмата. Сепак, најави дека ќе се направат законски измени за да се усогласи системот со одлуката на судот.

Иако пасошите веќе не можат да се купат, интересот за таканаречените „златни визи“ – дозволи за престој во замена за инвестиции – останува голем. Половина од 31 држава кои нудат вакви програми се членки на ЕУ, а експертите предупредуваат дека и тие носат сериозни ризици од перење пари, даночни затајувања и корупција.

Повик за унифициран пристап

Европската комисија и антикорупциските организации, како „Транспаренси интернешнал“, бараат заеднички европски стандарди за контрола и проверка на апликантите за вакви програми. Иако некои правила постојат, нивната примена е оставена на одделните држави членки.

Антикорупциската активистка Ана Тероне изразува надеж дека по укинувањето на „златните пасоши“, вниманието ќе се насочи и кон „златните визи“. „Државјанството и правото на престој не смеат да се продаваат. Тоа го поткопува самото значење на правната и општествената заедница во која сите ние живееме“, вели таа.

Мануел Делија ја нарече одлуката на Судот на ЕУ потврда дека државјанството е „договор меѓу поединецот и државата, базиран на вредности и заедничка одговорност – а не стока со цена“.

Зачлени се на нашиот е-билтен