Белгиското Федерално јавно обвинителство достави барање до Европскиот парламент за одземање на пратеничкиот имунитет на петмина европратеници, кои се осомничени во рамки на неговата истрага за корупција и примање поткуп од страна на кинеската компанија „Хуавеј“.
Барањето е доставено до Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, кој треба да го разгледа случајот и да усвои извештај за оправданоста на иницијата за одземање на пратеничките имунитети. Врз основа на овој извештај, европратениците на пленарна сесија треба да решат дали нивните петмина колеги ќе останатат без имунитетот, кој ги штити од истраги.
Станува збор за италијанските европратеници Фулвио Мартушело, Џузепина „Џузи“ Принчи и Салваторе Де Мео, сите тројца членови на десноцентристичката партија Форца Италија (ФИ), Даниел Атард од малтешката левоцентристичка Лабуристичка партија (ПЛ) и Никола Минчев од бугарската либерална партија Продолжуваме со промената (ПП).
Мартушело, која е актуелен шеф на италијанската делегацијата во рамки на пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП), е меѓу иницијаторите на две писма од 2021 година, потпишани од неколку европратеници, кое се однесуваат на прашања поврзани со ширењето на 5Г мрежата во Европа, во период кога „Хуавеј“ се обидуваше да го прошири своето влијание на европскиот пазар.
Според белгиското Обвинителство, Мартушело „ги охрабрил“ другите европратеници да ги потпишат писмата.
Асистентка на Мартушело, Лусија Симеоне беше приведена во Италија во март годинава врз основа на европска потерница. Таа се согласи да соработува со белгиското Обвинителство и по дадените изјави пред властите во Брисел се врати во Италија. По ова, адвокатите на Симеоне побараа таа да биде ослободена од какви било обвиненија поврзани со истрагата околу „Хуавеј“.
На информациите, пак, дека и таа е вмешана во скандалот, европратеничката Принчи изјави дека очигледно станува збор за „грешка во идентитетот“. Обвинителството ја обвинува Принчи дека присуствувала на состанок со претставници со „Хуавеј“ во Брисел на 25 јуни 2024 година, но таа тврди дека на тој датум била во Италија.
– Бев на приредба на мојата ќерка по повод крајот од учебната година, изјави Принчи, додавајќи дека ова може да го докаже со „многу документи“.
Де Мео изјави дека истрагата против него се однесува на „социјален собир“ одржан пред Европскиот парламент, каде што наводно биле присутни и претставници на „Хуавеј“. Тој негираше каква било вмешаност во скандалот, нагласувајќи дека „никогаш не ги поддржувал интересите на „Хуавеј“, ниту со потпишување на писма, ни си поднесување амандмани, ниту преку каква било законска иницијатива“.
Малтешкиот европратеник Атард, член на пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, изјави дека е под истрага затоа што на фудбалски натпревар на стадионот на фудбалскиот клуб „Андерлехт“ во Брисел лани во септември, седел во ВИП ложата на „Хуавеј“.
Бугарскиот либерал Минчев, од своја страна, изјави дека истрагата против него произлегува од врските со неговиот поранешен асистент Адам Муштар, чија канцеларија беше запечатена за време на акцијата на белгиската полиција за претреси на повеќе објекти кон средината на март.