Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Еден ден со царинските мобилни тимови: Цариниците и кучето Бен спречија обид за нелегално пренесување девизи*

Екипа на Рацин.мк поминa еден ден на терен со мобилен тим на Царинската Управа за да се увериме во ефикасноста на работењето на македонските цариници. Мобилните царински тимови постојано се усовршуваат, а признанија за нивната и за работата на Царинската Управа, пристигаат од царинските служби на европските и други земји, како и од ЕУ и САД.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Пред точно еден месец Рацин.мк направи еден избор од работата и билтенот на царинските службеници, како израз на определбата на Царинската управа да биде заштитник на законите и за стопанството со цел успешно менаџирање со ризици, намалување на сивата економија и сузбивање на корупцијата.

Од прегледот на заплените и спречените обиди за нелегална трговија и за затајување на царински давачки, беше јасно дека еден сериозен дел од нив се резултат на работата на мобилните тимови на Царинската Управа (ЦУ).

Мобилните тимови на ЦУ, всушност, ја сочинуваат Службата за мобилни тимови, која заедно со Службата за мобилни скенери и Службата за царински песови го формираат Одделението на оперативни работи кое е во состав на Секторот за контрола и истраги.

За унапредувањето на работата на овој сектор говореше и директорот на Царинската управа Стефан Богоев во интервју за „Фронтлајн“, со цел Царината да биде поефикасна во борбата со криминалот и корупцијата.

Ова беше доволна мотивација екипа на Рацин.мк да помине еден ден на терен со мобилен тим на Царинската Управа за да се увериме во ефикасноста на работењето на македонските цариници.

Денот на граничниот премин Табановце го поминавме со Горан Ѓоргиевски, главен инспектор во Службата мобилни тимови, кој заедно со своите колеги ни зборуваше и за посебностите на овие тимови, како и за нивните овластувања за брзо дејствување на целата територија на Република Северна Македонија, на сите гранични премини, на сите царински терминали и во самата внатрешност на нашата држава.

– Овие мобилни тимови за главна дејност имаат спречување на криумчарење на дрога, оружје, на пари, злато и друго. Исто така имаме и други овластувања од типот на целосна контрола на целокупната стока што влегува, излегува и транзитира низ Македонија, потоа контрола на магацини, контрола на правни и трговски субјекти, информираше Ѓоргиевски.

Мобилните тимови со одобрен налог за основано сомневање, дополни главниот инспектор на Службата, имаат право на претреси по домови и други простории.

– Предноста на овие мобилни тимови е што откако функционираат во овој облик и на овој начин успесите се многу поголеми и можеме да се пофалиме дека во текот на овие дваесеттина години најголемите и наијинтересните заплени во Царинската Управа доаѓаат токму од мобилните тимови, потенцираше Горан Ѓоргиевски, главен инспектор во Службата мобилни тимови на ЦУ на Северна Македонија.

Цариниците и кучето Бен спречија обид за нелегално пренесување девизи*

На граничниот премин се запознавме со кучето Бен. Бен не е обично куче. Тој е куче во „униформа“ и со „посебни овластувања“.

Царинското куче Бен

Цариниците за него и за другите кучиња од одделението царински песови ни рекоа дека тие се исклучително драгоцени асистенти за поголема ефикасност во нивната работа. Во тоа се уверивме и самите на лице место, додека нашиот соговорник Горан Ѓоргиевски ни опишуваше во што се состои една нивна вообичаена контрола.

– Сакам да разрешам една дилема дека не често работиме по дојава, туку и по случајна селекција, по интуиција на самиот цариник и по неговото искуство, ни рече Ѓоргиевски.

Тој објасни дека за да се биде член на еден мобилен тим потребно е најмалку тригодишно работно царинско искуство коешто е исклучително драгоцено во селектирање на патниците за подетална коннтрола.

– Откако веќе ќе пронајдеме одредени супстанци или недозволени стоки во возилото, во зависност од тоа што е пронајдено, се изготвува и соодветна документација. Ако најдеме скриено дрога, оружје и такви работи, во принцип тоа се кривични дела за кои се изготвуваат записници за кривични дела кои потоа се предаваат во одделението за истраги кое подготвува соодветна кривична пријава, посочи главниот инспектор во Службата мобилни тимови на ЦУ на Северна Македонија.

Во видеото што следува заедно со изјавата е снимена и реконтруирана целата постапка контрола и откривање на цариниците од мобилните тимови, како и асистенцијата на царинскиот пес Бен.

Царинското куче Бен може да намириса оружје и муниција, различни видови дрога и пари

Горан Ѓоргиевски и неговите колеги не запознаа малку поподробно за карактеристиките и способностите на царинското куче Бен.

Младен и Бен се еден тим

Бен е член на службата за царински песови, а Царинската Управа има уште три вакви царински песови од расата „Шпригнер шпаниел“ и уште еден царински пес од расата „Ред фокс лабрадор“.

– Овие царински песови се пасивни царински песови. Што значи тоа? Тоа значи дека кога ќе имаат некоја индикација за нешто, не гребат по возилото, туку едноставно само седнуваат на местото (каде што почувствувале нешто). Што е карактеристично за овие песови? За прв пат во историјата на Царинска Управа и во службата за царински песови, овие песови можат да детектираат повеќе супстанци. Да детектираат криумчарење на оружје, на муниција, на различни видови дроги, екстази, како и на пари, ни објасни Горан Ѓоргиевски.

Мобилните царински тимови постојано се усовршуваат

Од разговорот со царинските служебници за време на нашата посета на Граничниот премин Табановце добивме информации и за постојаното усовршување на мобилните царински тимови, како и за нивната соработка со другите институции во државата и со служби во странство.

– Мора да ја споменеме соработката со другите служби на мобилните тимови. Пред сѐ тука мислиме МВР со кое имаме склучено договор, односно меморандум помеѓу овие две служби така што нивните мобилни тимови кога ќе откријат дела за коишто сме надлежни ние во Царинска Управа, тие дела ни ги префрлаат и ни ги доделуваат на нас. Ние, пак, им ги даваме делата коишто го засегаат МВР. Тука пред сѐ мислиме на откривање случаи на мигранти, како и на случаи на фалсификувани или крадени возила, ни рече нашиот соговорник Горан Ѓоргиевски
главен инспектор во Службата мобилни тимови на Царинска Управа.

Ѓоргиевски вели дека „соработката и со останатите меѓународни служби и агенции овозможуваат да имаме зголемен процент на успешност во откривачките дејности“.

– Статистиката кажува дека отако функционира мобилната служба во овој систем, во овој облик, имаме голема успешност во откривачките дејности и во спречување на криумчарење на дрога, злато и пари. Може да кажам и дека мобилните тимови и натаму ќе постојат, ќе се надоградуваат и ќе бидат главната ударна игла на Царинската Управа во спречување на криумчарење на дрога, оружје, пари злато и на сите други прекршоци, потенцираше Ѓоргиевски.

Откриени обиди за шверц на дрога и признанија од странските партнери и земји

Еден ден со цариниците е малку време за да се прераскажат сите нивни успеси, но доволно за да се прераскажат барем неколку поинтересни.

– Првиот е откривањето на хероин во бандажите на македонско возило, со македонски регистерски таблички од марката „Пасат“ со кое едно лице од струшките села тргнува на гости кај својот братучед во Австрија. На наше прашање дали има нешто да пријави, вели нема ништо, при иницијална проверка утврдивме дека не поседува никаков багаж, направивме детална контрола на возилото и видовме одредена аномалија во бандажите на возилото. Во самите бандажи најдовме околу 6 килограми хероин. Во секој бандаж по 1,5 килограми. Што е карактеристично за овој случај? Самите тркала, односно бандажите, беа идеално балансирани и воопшто не се гледаше на самото возило и не се чувствуваше при возењето дека има некакви преправки, се сеќава Ѓоргиевски.

Ова откривање, вели главениот инспектор во Службата мобилни тимови на Царинска Управа, било без дојава и на чиста интуиција на царинското искуство.

Ѓоргиевски раскажува за уште еден интересен случај.

Како поинтересен случај можам да го кажам случајот со еден германски државјанин кој неколку дена бил следен во западниот дел на земјата, за конечно да биде пресретнат на заминување кон Германија на еден од нашите гранични премини.

– Тој управуваше и беше сопственик на возило старо само година дена. Се случи за време на извршување на нашите работни обврски со даваме до знаење дека функционираме и работиме на целата територија на Република Северна Македонија. Со сопственикот на возилото се сретнавме на патот, не праша дали е на вистинскиот пат за Струга. Истото возило, кога се враќавме од работната задача го сретнавме повторно на планинскиот превој Стража. Се упативме по него, го следевме и возилото влезе во едно гостиварско село и ни се изгуби од видокруг, раскажува Ѓоргиевски.

– Се создаде сомнеж и побаравме од нашата дежурна служба, од дежурниот оперативен центар кога ќе се појави на било кој граничен премин да бидеме известени. За некои три-четри дена возилото се појави на граничен премин. Не повикаа, направивме контрола и во возилото имаше марихуана. Во што е успехот во овој случај? После неколку месеци добивме пофалница од страна на германската амбасада затоа што, всушност, сме спречиле не толку шверц на марихуана, туку се работело и за лице кое било барано со потерница во Република Германија, ја доврши оваа случка нашиот соговирник.

Како на рентген, ништо не може да им се скрие на мобилните царински скенери

Денот со мобилниот тим на Царинската Управа го завршивме на царинскиот терминал на граничниот премин Табановце.

Тука се запознавме со работата на Службата за мобилни скенери. Тоа е последниот збор на техниката и на царинските „алатки“ за откривање и спречување на нелегална трговија и резултат на соработката на Царинската Управа на Северна Македонија со ЕУ, односно со земјите членки на ЕУ, кои се обединети околу заедничката царинска политика на унијата и околу борбата против криумчарењето.

Нашиот соговорник Горан Ѓоргиевски не запозна со работата на оваа служба.

– Царинската Управа располага со едно вакво скенер возило и уште со 4 мали рентген комбиња. Рентген комбињата се наменети за скенирање на помали пратки, додека големиот мобилен скенер служи за скенирање на камиони, на автобуси и на патнички возила, не информираше Ѓоргиевски.

Тој дополни дека, како и царинскиот пес, и мобилниот скенер претставува многу корисна „алатка“.

– Откако функционира службата за мобилни скенери, можат да се пофалат со убави откривања и заплени и допринесуваат во помошта за спречување криумчарење на дрога, оружје, злато, пари, а во последно време и на мигранти, ни рече Горан Ѓоргиевски, главен инспектор во Службата мобилни тимови на Царинска Управа .

Со крајот на денот со мобилните царински тимови на најпрометниот граничен премин на Северна Македонија заврши и презентацијата за нивната работа којашто не се разликува од реалното секојдневие на овие службеници чија првенствена грижа е спречувањето на нелегалната трговија и криминалот и заштитата на буџетот на граѓаните од обидите за неплаќање на царинските давачки.

Додека за оваа година се привршуваат статистиките, со примената на европските стандарди во работењето, наплатата на приходите по основ на царински давачки во 2022 година беа за 27% повисоки во однос на птретходната. Тоа се индиции за поголемо учество во финансиската сигурност на државата и за активниот придонес во намалувањето на сивата економија.

*Успешното откривање на обидот за нелегално пренесување девизни стредства е сиумулација за да се реконструира постапката на царинските службеници и асистенцијата на царинските песови

Треба да знаете
Moже да ве интересира