ЕУ нема да се распадне, и уште долго ќе биде „секси“, за нас и за нејзините граѓани

Професионалната биографија на Тони Поповски е исклучително богата. Дипломиран архитект, со одбранет магистерски труд од областа на политичките науки, Министер за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, независен консултант, проектен менаџер на голем број проекти, Извршен директор на Регионалниот еколошки центар за Централна и Источна Европа, колумнист, а и голем заговорник на тоа дека Македонија мора да остане на европскиот пат.

Во рубриката „Едно прашање, еден одговор“ на порталот Плоштад.мк, Поповски образложува зошто ЕУ нема да се распадне, и дека уште долго ќе биде „секси“, за нас и за нејзините граѓани.

Парафразирајќи го насловот на еден брилијантен есеј од Горан Стефановски, би Ве запрашал: зошто Европската унија веќе не е секси? До пред десетина години многу често можеше да се слушне во разни дискусии кај нас, реченицата: „Така не се оди во Европа“. Денес ретко некој го изговара тој аргумент во било каква дебата. На сметка на тоа почесто се кажува: „Додека нас нѐ примат, таа ЕУ ќе се распадне“. Во меѓувреме, се случи Брегзитот. Мнозинството Британци сега се каат поради таква одлука на референдумот во 2016-та, но во тој момент мислеа дека ќе им биде подобро надвор од Унијата. Речиси сите популисти во Европа се однесуваат повеќе со пркос, отколку со респект кон администрацијата во Брисел. Ќе успее ли таа администрација да ги надмине проблемите кои ги предизвикува со својата бирократизираност? Се загуби ли Европа во сопствениот лавиринт на партикуларни интереси, кои ги потиснаа вредностите врз кои е основана? Накратко речено, дали повторно ќе дојде време кога ЕУ ќе биде секси (привлечна) како некогаш?

За да оцениме дали и колку Европската Унија е „секси“ треба да појдеме од значењето на самиот израз, односно да се обидеме да одговориме на прашањето дали Унијата како сојуз заснован на политички договор е привлечна, атрактивна, па и гламурозна и возбудлива, атрибути кои се карактеристични за луѓето. Притоа, може да се постави и дополнително прашање, односно дали би ни се допаднал сојуз и систем на вредности во негова позадина, а кои не толку се грижат за сопствената појавност, колку за суштинско постигнување на очекуваните исходи од членувањето и соработката во рамки на тој сојуз. Оттаму, дали нешто е привлечно за нас, зависи и од нашите проекции и очекувања. Дали за нас е повеќе од полза „сексипилот“ на политичарите или досадните, но сепак корисни политики? За мене лично, Европската Унија во моментов е доволно „секси“, но истовремено и прагматично „невозбудлива“, во смисла дека сѐ уште, па на моменти и технократски, а со тоа и нехаризматично опстојува на фундаменталните вредности на либералната демократија и истовремено обезбедува, мир, стабилност и развој на заедничкиот економски пазар, а преку него и континуиран раст, просперитет и благосостојба за државите членки и нивните општества.

Од друга страна, во рамки на Унијата се забележува тренд на зајакнување на популарноста на партиите кои припаѓаат на крајностите од политичкиот спектар, а чие основно залагање е да се трансформира Унијата во сојуз на суверени национални држави (изразот е позајмен од израелскиот историчар Yuval Noah Harari) на сметка на било какви иницијативи за поголема внатрешна интеграција во рамки на Унијата. Овој конфликт на концепти (про-европскиот и евро-скептичниот) не поаѓа само од прагматичната дилема за отстапување на дел од суверенитет на европската мега-држава (Еврозона, Шенген, заедничка надворешна и безбедносна политика), а кој во суштина упатува на „болното и тешко“ делегирање на дел од дискреционата моќ на националните политички елити, туку во позадина е нагласен отпорот кон создавањето на европски идентитет, односно примaрен идентитет на Европјани наспроти националните идентитети. Последново е одлика на културолошка дилема, која налага да одлучиме дали како Европјани би се чувствувале повеќе „секси“ или ни е удобно во изолираната зона на комфор заснована на заштитениот и неприкосновен национален идентитет, кој сметаме дека нѐ прави попривлечни, а со тоа ја зголемува и нашата самодоверба, и покрај евентуалното жртвување на перспективи поврзани со економски раст, повисок животен стандард и зголемен степен на безбедност.

Што е навистина тактилно и секојдневно „секси“ во Европската унија? Патувања без чекање со саати на гранични премини. Разговори без роаминг. Повеќекратно поголем избор на држави каде што покрај желбата да направите некаква промена, да се освежите, може и професинално да се реализирате. Повеќекратно зголемен обем на дигитални услуги, помалку бирократија и шалтери, и услуги кои се претежно стандардизирани и изедначени во опфат и квалитет. Споредбено многу поквалитетни здравствени услуги. За студентите тука се можностите за престој на различни универзитети и запознавање со различни европски култури. Истовремено, продуктите на културните и спортските индустрии се глобално меѓу најатрактивните и најуспешните. Истото се однесува и на заштитата на пределската и биолошката разновидност, но споредбено и на квалитетот на животната средина.

Надоврзани на претходното и неколку помалку тактилни и на прв поглед апстрактни, но сепак доволно „секси“ одлики на Европската унија, како примената на начелото на единство во различноста, начело кое најдиректно ги штити националните идентитети низ обединување на различните култури, јазици и традиции, како и ефективна заштита на културното наследство. На ова се надоврзува и негувањето на демократските вредности, заштитата на човековите права и слободи, еднаквоста и владеењето на правото и сведувањето на корупцијата на можен минимум. Понатаму, фактичката состојба на функционирање на ЕУ како мировен проект, на претходно длабоко раскарани нации. Не помалку значајна е економската моќ на Унијата како заеднички пазар, ова наспроти илузијата дека особено помалите самостојни суверени национални држави во Европа, би имале слични можности за развој доколку се надвор од Унијата. Притоа, за споредба, доволно е објективно да го согледаме нашето искуство.

За крај, и кус осврт на неколку тековни предизвици од чие адресирање зависи дали Унијата ќе биде повеќе или помалку „секси“. Можеби и најголемиот е иницијативата за внатрешна реформа, која е поврзана со Договорот од Лисабон и првенствено се однесува на начинот на одлучување во рамките на Европскиот Совет на шефови на држави и влади. Поконкретно, на дневен ред е иницијатива за проширување на опсегот на политики каде би можело да се одлучува со т.н. квалификувано мнозинство (сочинето од минимум 15 од 27 држави членки, односно 55%), вклучувајќи ја и надворешната политика и безбедноста, а во чии рамки се дискутира и предизвикот на понатамошно проширување на Унијата. Притисокот за забрзување на оваа реформа произлегува од војната во Украина, но и од воочените предизвици поврзани со дигиталната и енергетската транзиција, климатските промени, даночната политика и нараснатите социо-економски нееднаквости, кои го зголемуваат резервоарот на избирачи за најекстремните партии. Интересно е да спомне и иницијативата за суспензија на правото на глас за оние држави кои отстапуваат од европските стандарди за демократија, владеење на правото и заштита на човековите права и слободи.

Би завршил и со наодот од спроведените анкети кај нас, кој укажува дека три четвртини од граѓанките и граѓаните се определени за членство во Европската унија, што претставува најдиректна потврда дека за нас и покрај потешкотиите на тој пат, а кои во голем дел не зависеа од нас, ЕУ и понатаму е „секси“.  Истовремено, некои работи постојано зависат и од нас, па оттаму сметам дека „Така не се оди во Европа“ е актуелна констататација и во моментов, и таа упатува на потреба од далеку поголема посветеност и реален, искрен напор во спроведување на нужни, па и болни реформи, кои во крајна линија ги правиме поради нас.

И покрај нагласените противречности во пресрет на изборите за Европскиот Парламент, сепак сите емпириски сознанија се дека ЕУ нема да се распадне, или барем не во догледна иднина. Напротив, тенденцијата на мнозинството сочинето од политички субјекти кои гравитираат кон умереното во политичкиот центар, е порешително да се спротивстават на внатрешните тенденции за слабеење на сојузот, како и на трети страни кои најдиректно ги поттикнуваат тие тенденции. Премногу е вложено во еден ваков сојуз за да европските држави одлучат да го растурат, и на тој начин да наштетат на постоечката состојба и перспективите за економски раст, мир и стабилност на европскиот континент. Според мене, за очекување е дека многу побргу ќе дојде до позитивна реконструкција на заедничките интереси и прагматично обединување околу нив, отколку до поларизација и фрагментирање. Оттаму и потребата во нашето предизборие да обрнеме внимание и на зачувување на нашата перспектива за зачленување во Унијата, наспроти било какви тенденции за изолационизам, кој може да нѐ воведе во состојба на многу тешко управливи ризици.

М.М.

Преземено од Плоштад.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира