Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН 5 Иван Шопов и „невидливата“ страна на градот: Каде се фланерите по скопските улици

„Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје.

Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија“  – истакнува во својата рецензија за книгата „Книжевна мапа на Скопје“, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови  талкаат по улиците на Скопје.

Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова.

Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа. Авторка на илустрациите за книжевните мапи е Моника Илкова.

„Скопје: изгубените чевли на градот“ на Иван Шопов

Во време кога поради пандемија, движењето низ градот беше забрането или ограничено и кога градот главно го набљудувавме низ нашите прозори, од печат излезе збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“.

Да се биде фланер по скопските улици беше речиси невозможно, а да се талка низ градот можеше само со маска и во определено време, или седејќи дома, со една од книгите чии ликови талкаат низ Скопје. Сите книги за кои досега зборувавме можеа истовремено да послужат како бегство од она што се случува во градот и светот, но и како (реално невозможна) прошетка низ улиците и ќошињата на Скопје.

Предвесник на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ беше малото „книжуле“, „091 – антиразгледници од Скопје“. Еден текст, сместен во него, а подоцна поместен и на самиот крај од „Скопје: изгубените чевли на градот, кога првпат го прочитав, беше одговор на моето прашање: „Зошто секогаш се враќам во Скопје?“. Воедно, беше најкраткото објаснување, зошто и како многумина го сакаме Скопје.

„Како кога заспиваш дете: се обидуваш да се извлечеш тивко и бесшумно од постелата, да се искрадеш на прсти и да излезеш од собата без да го разбудиш. Tоа, сепак, се буди, го забележува твоето ситно предавство и со плачлива наредба те повикува назад во креветот. Немаш избор и се враќаш, со лутина што не ја покажуваш поради плановите што се одложуваат на неодредено, сè додека малечкото не го обземе малку поцврст сон. Но, истовремено, чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното, сега веќе поспокојно дишење на детето што не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно.

На речиси ист или барем сличен начин, некои луѓе никогаш не си заминуваат од Скопје.“ (Шопов, 2020: 98)

Топлината со која Шопов зборува за Скопје, го право автор урбофил во вистинска смисла на зборот, зашто топлото чувствување на градот е првото нешто со кое го дефиниравме урбофилот во литературата.

Кусите раскази сместени во збирката „Скопје: изгубените чевли на градот“ се посветени на „невидливата“ страна на градот. Еден од главните мотиви за нивното пишување е промената на архитектонскиот лик што Скопје ја доживеа во изминативе години.

Наспроти „големата слика“ и „големата приказна“ за градот, стојат „малите приказни“, на „малите луѓе“, без кои градот би бил само архитектура и споменици.

Овие микронаративи на некој начин го прават Шопов современ хроничар на едно, нам блиско Скопје, кое полека исчезнува и добива нов лик. Иако хроничноста во нив не е експлицитна, како што и самиот автор ќе каже, „…тоа е една интимна хроника на мигови, слики и доживувања во Скопје. Ептен алтернативна, микрохроника. Можеби овде-онде во некој од текстовите е ’замрзнато‘ парче од Скопје што по извесно време ќе може да служи и како некаков документ.“

„Изгубените чевли на градот“ е збир од навидум малите приказни за младичот што трчајќи по Партизанска го прегрнува целиот град; за уличните свирачи и малкуте скопјани (и туристи) што застануваат да ги послушаат пред да им остават некоја паричка; за скопјани кои сакаат да пцујат и од негодување и од љубов; за разговорите со скопските таксисти; за графитите што траат повеќе од фасади; за децата што се потпишуваат на ѕидовите на градот како на гипс на раката на најдобар пријател; за бездомниците што решаваат крстозбори; за животот на скопјани што може да се реконструира според облеката што се суши на нивните жици итн.

Низ расказите се сретнуваат низа дискретни критики, како онаа во расказот „Пази, куче!“, во која авторот се прашува колку куќи, кои немаат куче, имаат натпис „Пази, куче!“ и дали нивниот број е поголем од бројот на кучиња скитници. А, голема доза на носталгија за градот каков што некогаш бил се протнува речиси во секој расказ.

„Весниците одамна се печатат во помал формат. Така градот ги загуби своите летачи. Во детството долго ги гледав на клупите во парковите како вежбаат и се готват за своите летови (…) Со раширени раце, речиси до крајните граници на нивниот распон, чичковците ги држеа отворените весници, мрмореа нешто или воздивнуваа. Тогаш наивно верував дека читаат.“

Збирката раскази „Скопје: Изгубените чевли на градот“ е едно читање на Скопје, од различни ќошиња, улички, објекти, автобуси и автобуски постојки. Шетањето низ градот е негово читање, читањето на книгата е негово шетање.

Во едно интервју Шопов ќе каже: „Кога го шетам (читам!) Скопје, како обележувачи ги користам сеќавањата на другите градови, нивните улици, осветлени прозорци, таблите за добредојде и довидување; како и старите сеќавања за овој град, кој веќе станал некој друг. И никогаш не успевам да продолжам да го читам градот од истото место на кое сум застанал. Имам чувство дека почнувам отпочеток…“

Збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ е приказна за градот што сè уште не ги пронашол чевлите во кои ќе му биде удобно.

(Продолжува)

Треба да знаете
Moже да ве интересира