ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Романи на Малеска и Леруа, Фестивал на грчки филм, Филмски вечери на Вишеградска група, концерт на Добрила и Дориа Дуо

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, концерт, книги… Гледајте, читајте, слушајте…

Книги: Романи на Калина Малеска и Миријам Леруа

Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на „Или-Или“, е приказна за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот.

На почетокот од романот протагонистката, по дваесет години живот со своето семејство, се соочува со нова ситуација, без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман. Новите околности и луѓето што ги запознава кај неа поттикнуваат сеќавања, интроспекција, анализа на своите и на туѓите постапки, изнаоѓање на причините зад нив.

Никола Гелевски за „Светот што го избрав“ пишува дека доминантна карактеристика на романот е „заузданата хетерогеност во најширока смисла (што е романот како жанр): различни генерации, класи, родови тензии, попречености, одлично пренесен детски поглед – Вера е еден од најдобро направените ликови. Се забележува веродостојност, ангажираност, прецизна ситуираност, неореализам (сцената со децата на кои таткото им забранува да си играат кај Леона). Се чувствува љубов и емпатија кон луѓето, но и критичност“.

И Оливера Ќорвезироска ја потенцира хетерогеноста во романот на Малеска, како „убав микс на интересите и ликовите, на надворешното (комисијата) и внатрешното (женската потреба од љубов изразена на многу впечатлив, невообичаен и автентичен начин)“, а комплексноста на романот се огледа и во присуството на „филозофските наслаги, етичките размисли, есеизираноста во една необична форма.“

Калина Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје и авторка на три збирки раскази Недоразбирања (Македонска книга 1998), Именување на инсектот (Слово 2008), Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или 2016) и Скопје во високата зона (Или-Или 2021), романите Бруно и боите (Слово 2006) и Призраци со срмени нишки (Слово 2014), драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (Слово 2010), книгите за деца Арно ама (Или-Или 2018) и Вонземјанинот Лу-Ру-Су (Или-Или 2021), книжевните студии Облици на моќ во современата книжевност (Или-Или 2020) и Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови (Филолошки факултет „Блаже Конески“ 2023), како и уредник и коавтор на студијата Кон-текстот: дигитални осврти (самостојно издание 2023).

Во својот втор роман „Црвените очи“ (“Les Yeux rouges”), Миријам Леруа (Myriam Leroy) ни пренесува дел од нејзиното искуство од разговорите на социјалните мрежи со човекот кој во книгата го носи името Денис. Таа одговара на неговата покана за пријателство, охрабрена што имаат неколку заеднички пријатели на Фејбук. На почетокот, епистоларното пријателство се сведува на речиси симпатична размена на животните приказни.

Но, стапицата полека се затвора над жртвата. Таа ги одбива неговите покани за кафе и еден ден, вознемирена од неговата упорност, го отстранува од списокот пријатели. Свесна дека тој „клик“ може многу да ја чини. И навистина. Денис ја покажува својата грда страна. Тип со екстремно десни ставови, расист, исламофоб, човек кој не може да ги поднесе феминиститките. Тип што сака да ве сомеле и понижи. Накусо, Денис е претставник на токсичните интернет насилници што толку често ги среќаваме на социјалните мрежи и што ја злоупотребуваат слободата на изразувањето и недостигот на законодавство за виртуелното насилство.

Со оригинален стил на размена на пораки, Леруа до болка го опишува очајот во кој ја втурнуваат грозните пораки на Денис и на неговата виртуелна банда следачи. Тие кон жртвата испраќаат не само закани за силување и убиство туку и изместена и грда дефиниција на ликот на хероината во која таа буквално се губи. Обичниот „чет“ на младата новинарка со Денис се претвора во пекол за неа и повеќе на станува збор само за вознемирување туку за токсично виртуелно насилство. Последиците врз физичкото и ментално здравје на жртвата немаат повеќе ништо виртуелно.

Во потрага по решение, таа се соочува со рамнодушноста на нејзините блиски. Нивните совети од типот „блокирај го“, „не одговарај на пораките“, „исклучи се од социјалните мрежи“, „опушти се“, „оди на одмор“, само го акцентираат неразбирањето на околината за нејзиниот очај. Леруа го опишува маратонскиот пекол на жртвата помеѓу полицијата, докторите, адвокатите, алтернативните начини за лекување…. редица неуспешни обиди да најде лек за нејзината мака.

Леруа успева, со својот роман, да ја истакне актуелноста и итноста на овој проблем во денешниот свет. Да го отвори прашањето на неспособноста и немањето политичка волја на институциите, неподносливата затвореност на оопшеството. Виртуелното насилство не е само проблем на жртвата. Туку заеднички општествен проблем што го живеат над 70 отсто жени и што понекогаш ги води во трагедија.

Превод на романот во издание на „Или-Или“ од француски јазик е на Светлана Јовановска.

Миријам Леруа (1982) е белгиска новинарка и писателка, живее и работи во Брисел. Таа се смета за писателка што ги вкрстува уметноста и новинарството и многу често го користи сопствениот живот како примарен материјал за обработка. Леруа отвора деликатни прашања со брутална искреност, ги постила пред јавноста табуата на нашето општество, особено сексистичките, тие што сакаат да ја замолчат жената.

„Црвените очи“ е адаптиран и за театар. Леруа е автор на документарецот „#Валканакурва„ со сведочења на жени од повеќе земји, меѓу кои и од Македонија, за алармантниот онлајн говор на омраза и мизогинијата.

Филмови: Фестивал на новиот грчки филм и Филмски вечери на Вишеградска група В4

Фестивалот на новиот грчки филм годинава ќе го реализира четвртото издание од 7 април (недела) до 9 април (вторник) во Кинотеката во Скопје, а во Битола од 8 април (понеделник) до 10 април (среда) во киното „Браќа Манаки“. На програмата се вкупно 6 филма: 3 долгометражни и 3 кратки филмови.

Фестивалот ќе биде отворен со краткиот филм „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос и трагикомедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на режисерот Јоргос Георгополус.

7 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

ТИШИНАТА НА РИБАТА ШТО УМИРА (THE SILENCE OF THE DYING FISH) на Василис Кекатос (Vassilis Kekatos) / 2019 / 19мин.

Макис работи во фарма за риби. Одејќи на работа едно утро, го известуваат дека починал ден претходно. По неуспешните обиди да докаже дека е жив, тој ја прифаќа својата судбина и го поминува својот последен ден пред неговиот погреб обидувајќи се да обезбеди засолниште за своите сакани канаринци.

НЕ БИ САКАЛ ДА СУМ НЕПРИСТОЕН, НО МОРАМЕ СЕРИОЗНО ДА РАЗГОВАРАМЕ (NOT TO BE UNPLEASANT, BUT WE NEED TO HAVE A SERIOUS TALK / на Јоргос Георгопулос (Giorgos Georgopoulos) / 2019 / трагикомедија / 99мин.

На Арис сè му оди од рака. Како манипулант, како во неговата работна средина така и во личниот живот, тој ужива во животот како безгрижен женкар и миленик на неговиот шеф. Неговата среќа ќе се промени кога ќе открие дека е носител на сексуално пренослив вирус кој е смртоносен само за жените. Но, тој е и единствената надеж за пронаоѓање на лековита вакцина, доколку открие која од неговите поранешни девојки е носител на првиот вирусен вид.

Јоргос Георгопулос студирал режија на Школата за филм Ликургос Ставракос, а подоцна и социологија на Универзитетот Рома I. Режирал документарни и играни филмови. Со неговиот прв долгометражен филм, “TUNGSTEN”, патувал на многу филмски фестивали ширум светот и добил бројни награди. Филмот „ПОДОБРО ДА РАЗГОВАРАМЕ ОТКОЛКУ ДА БИДАМ НЕПРИСТОЕН“ е негов втор долгометражен филм со две награди и 14 номинации.

8 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

БЈУТИ (BEAUTY) на Танос Либеропулос (Thanos Liberopoulos) / 2020 / 20мин.

Кали, невработена млада жена која живее со нејзината мајка која постојано ја контролира, бара излез низ блескавиот, но суров универзум на YouTube beauté. Таа ќе ги надмине своите граници за да ги задоволи нејзините неколку претплатници, а притоа да има насмеано лице и да одржува совршена претстава за себе.

НЕВИДЛИВ (INVISIBLE) на Димитри Атанитис (Dimitri Athanitis) / 2016 / драма / 85мин.

Арис е ненадејно отпуштен од фабриката во која работи. Чувствувајќи се како жртва, тој чекор по чекор станува опседнат со идејата да ја земе правдата во свои раце. Во моменти кога тој се чувствува целосно подготвен да продолжи со својата цел, неочекувано се појавува неговата поранешна сопруга, оставајќи му го нивниот мал син.

Авторот и режисер Димитри Атанитис е член на Европската филмска академија, со реализирани 11 играни филмови со референци и 60 награди за неговата работа ширум светот. Во неговиот филм „НЕВИДЛИВ“ (2016), кој освои 17 награди на меѓународни филмски фестивали, Атанитис усвојува иновативен пристап кон филмската форма и нарација.

9 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ПОГЛЕД ОД БАЛКОНОТ (FROM THE BALCONY) на Арис Капланидис (Aris Kaplanidis) / 2022 / 12мин.

Лина е средовечна госпоѓа која се чини дека никогаш не се поместува од балконот на својот стан, вмешувајќи се во се што се случува во нејзиното видно поле. Некои соседи се изненадени од нејзиното однесување, но повеќето ги нервира нејзиниот постојан поглед кон нив, се додека еден ден Лина ќе ја снема од балконот и тоа мало соседство ќе се промени засекогаш.

ЖЕНА – УБИЕЦ / ФОНИСА (MURDERESS) на Ева Натена (Eva Nathena) / 2023 / драма / 99мин.

„Фониса“

Базиран на класичното ремек дело на Александрос Пападијамантис, филмот „ЖЕНА-УБИЕЦ / ФОНИСА“ се одвива на оддалечен остров во Грција, околу 1900та година. Хадула, која го изгубила својот сопруг на млада возраст, е жена која научила да преживува во крајно патријархално општество.

Но Хадула не толку лесно ја прифаќа таа судбина. Нејзината лична, внатрешна, бликава револуција набргу ќе биде изразена. Жртви на нејзиниот испад се малите девојчиња на островот, кои таа ги ослободува од општествениот и економскиот товар што го носи нивното постоење… со одземање на нивните животи. Нејзините постапки ќе ја доведат лице в лице со властите.

Ева Натена е родена на Крит. Студирала на Атинската школа за ликовни уметности. Работела како асистент на сценографот Дионисис Фотопулос, а потоа продолжила да работи со театарски и филмски режисери како Коста Гаврас и Пантелис Вулгарис. Трипати била наградувана со Државна награда за костимографија.

Филмските вечери на Вишеградска група В4 во Кинотеката се посветени на кинематографиите на Република Чешка, Република Полска, Република Словачка и Република Унгарија, кои се дел од Вишеградската група.

5 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00 ч. 

ПРАЗНИ ШИШИЊА (Vratné láhve), игран филм, Чешка / 2007, 104 мин, ДЦП

Режија: Јан Сверак (Jan Sverák); Сценарио: Зденек Сверак (Zdenek Sverák); Улоги: Зденек Сверак, Даниела Коларова, Павел Ландовски (Zdenek Sverák, Daniela Kolárová, Pavel Landovský)

65-годишниот наставник Јозеф се повлекува од наставата откако бил прекорен затоа што полил со вода еден негов дрзок ученик. Избегнувајќи ја својата сопруга која е разочарана од него, тој се вработува во одделот за враќање шишиња во супермаркет во Прага. Кога не фантазира за жени на половина негова возраст – Јозеф почнува да шпекулира и  да ги нарушува животите на клиентите и соработниците.

Синот Јан и таткото Зденек Сверак (ја игра главната улога) го сочинуваат можеби најпознатиот тандем во чешката кинематографија: со филмот КОЉА од 1997 година го освоија Оскарот за најдобар странски филм.

6 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч         

СТУДЕНА ВОЈНА (Zimna wojna), игран филм, Полска, Франција, Велика Британија / 2018, 88 мин., ДЦП

Режија: Павел Павликовски (Paweł Pawlikowski); Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Paweł Pawlikowski, Janusz Głowacki); Улоги: Јоана Кулиг, Томаж Кот, Борис Жуц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)

Композиторот Виктор и уметницата Зула, две индивидуи од различни социјални средини, се сретнуваат и се заљубуваат, веднаш по Втората светска војна. Набрзо Виктор почнува да ја убедува девојката да ја напуштат комунистичка Полска и да пребегаат во Франција, во потрага по подобар живот.

Како и претходниот филм на Павликовски, оскаровскиот ИДА, и СТУДЕНА ВОЈНА е снимен во црно-бела техника. Филмот освои три номинации за Оскар, како и повеќе номинации и неколку награди на доделувањето на Европските филмски награди. Директор на фотографија е Лукаж Жал, (Łukasz Żal), потписник и на ИДА, лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

12 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00 ч.

 ИНВАЛИД (Invalid), игран филм, Словачка / 2023,  112 мин, ДЦП

Режија: Јонас Карасек (Jonas Karasek); Сценарио: Томаш Душичка (Tomáš Dušička); Улоги: Грегор Холоска, Зденек Годла, Хелена Крајциова (Gregor Holoska, Zdenek Godla, Helena Krajciová)

Лако е некогашен работник на одржување во локален музеј во еден мал анонимен град во Словачка. Неговиот незгоден карактер го доведува во тешка ситуација. Тој останува инвалид  по една средба со група безмилосни измамници. Врзан за инвалидска количка и со неговиот живот во спирала, сфаќа дека правдата изгледа неостварлива, па одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија. Во тоа му помага неговиот нов пријател Габо, локален Ром, кој му овозможува на Лако да ги види работите од нова перспектива.

Приказната на филмот се одвива во периодот пред влезот на Словачка во ЕУ и ги третира темите на расизам, депресија, семејно насилство и нефункционален систем.

13 АПРИЛ (САБОТА) 20:00 ч.

ПЛОШТАД МОСКВА (Moszkva tér), игран филм, Унгарија / 2001, 89 мин, ДЦП

Режија и сценарио: Ференц Торок (Ferenc Török); Улоги: Габор Караљош, Естер Бала, Ерзи Папаи (Gábor Karalyos, Eszter Balla, Erzsi Pápai)

Директор на фотографија: Даниел Гараш (Dániel Garas)

Во Унгарија во 1989 година неколку адолесценти воопшто не се интересираат за клучните промени во нивната средина. Напротив, продолжуваат понатаму со секојдневниот живот, запознавајќи девојки, дружејќи се на забави, излегувајќи речиси секоја вечер, препишувајќи на матурските испити. Секојдневието навидум продолжува, но ништо повеќе нема да биде како што било.

ПЛОШТАДОТ МОСКВА е првиот долгометражен проект на унгарскиот филмаџија Ференц Торок, еден од најпознатите средноевропски филмски автори, кој со филмот ја освои националната награда за дебитантски филм на Унгарскиот филмски фестивал.

Директор на фотографија на ова остварување е унгарскиот фотограф и снимател Даниел Гараш (Dániel Garas) – редовен соработник на режисерот Торок – потписник на фотографијата во повеќе кратки филмови, музички видеа и промотивни клипови за познати светски фирми и брендови.

Концерт: Добрила и Дориан Дуо за финале на циклусот „Светско, а наше”

В сабота (6 април) од 21 часот во „Јавна соба“ настапува Добрила и Дориан Дуо, како последен (осми) бенд на фестивалот “Светско, а наше” – фестивал на светска музика, изведена од македонски бендови.

Добрила Грашеска – вокали, лупови, и Дориан Јовановиќ – ут, електроника во 2020 започнаа проект кој го заокружија со албумот „Апокриф“ (SJF Records, 2021). Добрила пее македонски традиционални песни, истовремено играјќи си со тишината, но и импровизира со мелодија која ја носи кон шумови и тонови, а Дориан свири на ут – инструмент со 12 жици, познат низ целиот Медитеран. Нивниот првенец претставува фузија меѓу знајното и незнајното, прифатеното и непознатото, тишината и звуците од околината и желбата за осознавање и препознавање. Oвој албум беше оценет како ремек-дело од жанрот „музика на светот“ со што дуото започна да се претставува низ големите концертни сцени во Европа.

Во март, 2023 година повторно под етикетата на SJF Records, се појави албумот под име „Пиле шарено“ и веднаш доби феноменални оценки, искачувајќи се на највисоките места и на регионалните и на светските топ-листи од „музиката на светот“. “Пиле шарено” е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.

World Music Saturday е мотото на фестивалот “Светско, а наше”, на кој од февруари, секоја саботна вечер, во „Јавна соба“ настапија бендовите Калата, Зарина Првасевда, Фолтин, Чалгија Саунд Систем, Афро Гитано, Пијан Славеј и ВИС Билјана.

Треба да знаете
Moже да ве интересира