Возможната мисија на уметниците од Македонија и Бугарија: Барајќи го домот во светот и светот дома

Проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина, на најубав начин крунисува една етапа од соработката меѓу Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија и Националната академија за ликовни уметности во Софија

Од Софија

Стојан Синадинов

Вчерашното отворање на групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“ во престижниот изложбен простор на Националната академија за ликовни уметности, галеријата „Академија“, според одгласите во медиумите беше оценето како настан на денот.

Изложените дела на авторите Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц, кои се претставија со 50-тина цртежи, графики, слики во комбинирани техники, скулптури, фотографии, дигитали графики и видеоарт дела, како продолжување на проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина, на најубав начин крунисува една етапа од соработката меѓу Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија и Националната академија за ликовни уметности. Сигурно нема да биде и последна.

Целата атмосфера околу оваа изложба, како резултат на идејата на проектот – или подобро речено мисијата „Поврзување“, за збогатување на меѓусебната комуникација и контакти на уметниците од Северна Македонија и Бугарија, не случајно прозвучува во духот на добро познатите стихови „…Куќа цел свет братски ми е, братски срце што отвора, срце – порта наjвисока, срце – куќа наjширока…“, како што пееше Кочо Рацин во неговата „Татунчо“ пред речиси еден век.

Приближно половина век по Рацин, Богомил Ѓузел во неговата книга патеписи „Куќа цел свет“ (1974 г.) запишал: „Дома не можев да живеам без светот, а во светот не можев да живеам без својот корен. Отуѓен дома, а задомен во туѓина. Или, поарно – дом во светот и светот дома“. И, навистина, мораат ли уметниците да имаат само еден свој дом, или нивната судбина е целиот свет куќа братска да им биде?

Професорката Елизабета Шелева во нејзиниот есеј „Куќа – цел свет’ од Кочо Рацин до Богомил Ѓузел“ потсетува дека „една од начелните карактеристики на модернизмот како нова поетичка определба е токму нагласениот интерес и отвореноста кон инонационалните книжевни и културни текови и придобивки. Духот на модернизмот, уште во времето на своите почетоци (во есеистиката на Бодлер) во основа се дефинира како коресподентност – сообразеност, симултаност, свртеност – кон своето актуелно време, совремието….“. Ако интересот кон интернационалните текови е услов без кој не можела, не само модерната, книжевност низ историјата, која зависи од преводот, тогаш имаат ли ликовните уметници некакви лимити?

Проектите како „Поврзување“ велат – или подобро речено покажуваат – дека нема лимити за уметноста зошто, инаку, таа и не би била уметност. Сообразеноста кон совремието, како што е посочено погоре, одлично ја детектира и уметникот, д-р Иво Пецов во неговиот инспиративен есеј за оваа изложба, во кој вели: „Изборот на авторите од изложбата произлегува од нивната поврзаност и нивната желба за ваков вид на комуникација. Самите автори во контактите помеѓу нив гледаат можност за растење и збогатување на нивниот внатрешен свет, преку одгледување во уметноста на другиот и распознавање на различното убаво. Сите тие имаат утврден творечки пат и силна врска со луѓето околу нив“.

Пецов: Уметниците гледаат на хуман начин, без пониженост и навреденост

Иво Пецов, агилниот организатор на настани во КИЦ на РСМ во Софија и „душата“ на проектот „Поврзување“, во разговор за Рацин.мк вели дека овој проект направи многу во изминатите години на полето на презентирањето на македонската уметност и култура во Бугарија.

-Мислам дека сосема го оправда своето име. Во потполност одговори на првично поставените негови цели. Освен што направивме поврзување на нашите уметности, исто така поврзавме еден добар и квалитетен дел од уметниците. Преку пријателствата, кои се иницираа благодарение на проектот, видовме и дополнителни иницијативи и така се случија нови изложби на македонски автори во Бугарија, а исто така и на бугарски уметници во Северна Македонија. Добронамерноста и искреното меѓусебно почитување беа водечки во нашите досегашни контакти и нито во еден момент не дозволивме моменталната политичка ситуација да ја манипулира нашата посветеност на уметноста и вистинските квалитети во животот. Дури мислам дека даваме еден смирувачки тон, којшто секако ќе е потребен за изнаоѓање на решение и разбирање меѓу соседите. Уметниците за многу од проблемите во животот гледаат на еден опширен хуман начин, кој не носи пониженост и навреденост, туку помага за воздигањето на секој човек, вели Пецов (Виница, 1980), кој докторирал на Националната ликовна академија во Софија и повеќе од две децении е активен учесник и сведок на уметничката сцена во Македонија и Бугарија.

Ѕингаров: На Балканот сите се разбираме, но не се познаваме доволно

Марјан Ѕингаров, попознат под псевдонимот Ѕин (Струмица, 1976 г.), дипломец и магистер на Националната ликовна академија во Софија, има реализирано десет самостојни изложби во Северна Македонија, Бугарија и Романија и бил учесник на групни изложби во десетина земји од регионот и светот – е уште едно добро познато име на ликовната сцена во двете земји како слободен уметник. Препознатлив по неговиот стил на апстрактен експресионизам, Ѕингаров веќе 25 години опстојува на ликовната сцена и заедно со Пецов се главните двигатели на поврзувањето на уметниците од двете земји.

-Нашиот најголем успех е што ги поврзавме уметниците кои до пред почетокот на проектот не се познаваа и прсодолжија со меѓусебната соработка, што е навистина прекрасно. Уметници од Бугарија изложуваа во Македонија, македонски уметници гостуваат во Бугарија непрекинато, но сметам дека тоа се само мали чекори, но за поголеми потфати потребна е поголема инволвираност на двете држави. Нашите желби се да нема граници на Балканот, бидејќи сите се разбираме, но не се познаваме доволно! Тоа се некои реминисценции од минатото, но се трудиме да го надминеме тоа, бидејќи времето си врви, а перспективата треба да ни биде заедничка, вели Ѕингаров за Рацин.мк.

Низ историјата на литературата имало дузина примери на дводомни писатели, автори кои твореле на два јазика и им припаѓаат на две книжевности. За ликовните уметници како Ѕингаров, визуелната уметност воопшто не познава граници.

-Сеедно е дали некое дело е насликано од американски, македонски или бугарски автор, тоа е универзално, заклучува Ѕингаров.

Вренцоска: Изложбите како „Средба од десетти вид“ се најдобриот начин за поврзување на двете општества

Гордана Вренцоска (Виница, 1973), сликарка, дизајнерка и професорка на Факултетот за уметност и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје, прв пат учествува во проектот „Поврзување“ и како учесник на изложбата „Средба од десетти вид“ за прв пат изложува во Бугарија. Таа изложи две графики чие создавање започнало од нејзиниот творечки циклус „Македонски фолклор“, но потоа направила истражување и дополнување со актуелните општествени моменти како војните и пандемиите, и нивните негативни последици кои ја зацрнуваат нашата изворна потреба за естетика.

-Изложбите како „Средба од десетти вид“ се најдобриот начин за поврзување на две општества. Се покажува дека културата и спортот се најдобрите поврзувачи на луѓето, народите… воопшто на целиот тој позитивен дух или енергија што треба да ја шириме меѓу себе, вели Вренцоска за Рацин.мк.

Вренцоска како уметник не се врзува само за еден медиум, отворена е за користење на различни техники на изразувања.

-Во поглед на темите што ги обработувам, како и секој уметник, имам лични аспекти што ме интересираат, но постојано се наметнува некое истражување на социјално-политичко-културниот контекст во кој живееме, и на некое локално, и на глобално ниво. Во моето творештво некогаш тоа е повидливо, некогаш е посуптилно, поинтимно, и ако не го објаснам луѓето можеби нема да го разберат на прв поглед. Но, јас го вткајувам тоа како мое лично доживување и чувство во однос на сето она што го живееме како момент во општеството, вели Вренцоска.

Посветена на уметноста и дизајнот низ целата нејзина кариера, Вренцоска вели дека тие два изрази постојано се прелеваат еден во друг.

-Дизајнот има некои свои параметри, да оствари некоја намена за поширока публика, додека во уметноста се тргнува од личното: но и со двата изрази може да се изврши големо културно влијание, смета Вренцоска.

Манева-Чупоска: Иако звучи како празна фраза, уметноста навистина ќе го спаси светот

Јана Манева-Чупоска (Скопје, 1970), ликовен уметник, професорка на Факултетот за уметност и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје и актуелна претседателка на ДЛУМ, по отворањето на изложбата за Рацин.мк вели дека уметноста навистина ќе го спаси светот, и покрај тоа што можеби ќе прозвучи како празна фраза.

-Единствено уметноста уметноста е аполитична, алергична на било какви инсинуации, политички конотации, и таа има униуверзални пораки. Единственото нешто за кое што сметам дека може да се придонесе кон подобрување на начинот на живеење и соработка меѓу сите народи е – уметноста. Со поголем ангажман од двете земји на полето на културната соработка, сметам дека сè друго ќе биде второстепено. Лично, верувам во тие универзални пораки, припаѓам на страната на уметноста, на убавите нешта, на добрите луѓе чијашто единствена намера е да го подобрат животот преку уметноста. Чест и задоволство ми е што сум дел од проектот „Поврзување“, сметам дека ова е важен чекор за соработката, и како претседателка на ДЛУМ би испратила порака дека ќе се интензивира соработката со бугарските уметници, вели Манева-Чупоска.

Треба да знаете
Moже да ве интересира