Меѓу стравот и молкот: Кому му пречат „црните листи“?

Пишува: Џабир ДЕРАЛА

Имајќи предвид што предвидуваат измените на Законот за рестриктивни мерки, воопшто не е чудно зошто десничарите на Левица се обидоа да ги блокираат на собраниската седница на 9 февруари. За нивниот предлог гласаа самите (двајца), воздржан беше еден (погодете кој). Интересно е што предлогот на квази левичарите беше надгласан со 60 гласови, иако во парламентот беа регистрирани 103 пратенички и пратеници (17 отсутни, настинати или по приватна работа, не знаеме).

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, иако присутни, не гласаа. Како може да се протолкува тоа? Едноставно, како премолчана поддршка на дуетот Апасиев-Крмов, кои ќе останат запаметени по своето дивеење на собраниската седница во ноември 2023, кога кршеа и физички ги нападнаа потпретседателите Мисовски и Иванова.

Зошто измените во Законот за рестриктивни мерки им пречи на радикалите? Затоа што предвидуваат законска можност за истражни дејствија и судско процесирање на оние што се наоѓаат на „црните листи“ на САД и Обединетото Кралство.

Интересно е да се види и кои други се спротивставија на законските измени со кои може да се спроведуваат санкции против оние што се наоѓаат на „црните листи“.

Претседателска кандидатка на „левичарите“, Билјана Ванковска, на социјалните мрежи остро се спротивстави против измените, велејќи дека „денешната божем демократска држава ги подложува своите граѓани на волјата и на властите (и разузнавачките служби) на туѓи држави.“ Така, отпорот против „црните листи“ доби и „академска“ поддршка.

Може лесно да се претпостави кои медиуми побрзаа да ѝ дадат простор на госпожа претседателска кандидатка.

Симптоматично: И оваа неславна епизода од односот на овие „бранители“ кон напорите да се зајакне борбата против корупцијата, остана практично незабележана во јавноста. (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира