Македонскиот јазик стагнира, назадува и се развива стихијно поради политиканството, тука во нашите граници. Се користи како алатка за собирање политички поени и за привлекување на што поголемо гласачко тело.
Пишува: д-р Весна Костовска виш научен соработник/вонреден професор во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје
Би сакала, во овој текст да се изразам со што помалку патетика. Бидејќи, патетиката често била, и е дел од нашиот менталитет. Патетиката привлекува, бидејќи заштитува од одговорност. Патетиката ја уништува самодовербата, патетиката е приспивна песна за оние што немаат храброст да се соочат со животот што значи вечна борба кон прогрес.
Затоа, велам, никој нема да ни го уништи јазикот. Тој опстојува, се развива и функционира. И покрај сѐ. И македонскиот јазик е најмалку загрозен од надворешниот фактор.
Македонскиот јазик стагнира, назадува и се развива стихијно поради политиканството, тука во нашите граници. Се користи како алатка за собирање политички поени и за привлекување на што поголемо гласачко тело.
Односот кон мајчиниот јазик го стекнав преку воспитувањето на моите родители. И го сакам, го чувствувам, затоа што тој е мојата лична алатка за изразување љубов, почит, за поврзување, и за општествено и професионално дејствување.
Никогаш, од страна на нашите родители, јазикот не ни се натураше насила, како нешто што е загрозено, како нешто што треба да се брани од некого, како нешто што ќе ни биде одземено.
Јазикот, како бистра река што смирува и што прочистува протекуваше низ нашиот дом. Пред сѐ преку книгите. Уште од нашето најрано детство се сопнувавме од книгите по собите, ги држевме во рацете, го примавме нивниот мирис како мирисот на свежо лепче. Сѐ уште пред очи ми се сликовниците што неуморно ни ги читаше нашата мајка. Нашиот татко пак, многу често ни раскажуваше, ни кажуваше. Неговото раскажување, и кажувањето, во мојата мисла се преточуваа во живописни слики, во долгометражни или документарни филмови. Така, го засакав својот мајчин јазик. Потоа, сами, без наметнување, спонтано почнавме да читаме, читаме и читаме… Според сопствен избор. Во нашиот дом пристигнуваа книги од различни области, но убави книги. И, преку тие книги во нашиот дом се почитуваше секој јазик, затоа што секој јазик е израз на нечија култура, а допирот на културите ги руши бедемите што ја ограничуваат мислата.
Во нашиот дом редовно пристигнуваа книги од македонските автори. И повеќето ги исчитував. Најмногу ме привлекуваше и сѐ уште ме привлекува белетристиката. Историските книги на пример, ме измачуваа понекогаш, затоа што немав можност да бидам присутна таму и тогаш, за да ја согледам целосната и вистинската слика на случувањата.
Македонскиот јазик стана моја професија, а специјалност – црковнословенскиот јазик и македонските црковнословенски текстови. И во текот на моите истражувања, исто, понекогаш посакував да сум таму и тогаш, за да ја заокружам вистинската слика за развојот на црковнословенскиот јазик. Затоа што и тогаш, се соочував со спротивставени мислења меѓу лингвистите, со непотребни присвојувања. Со политиканство.
Но додека го работев мојот магистерски труд „Јазична анализа на Македонското четвороевангелие“, пред мене, секогаш беа две книги – „Вранешничкиот апостол“ и „Историјата на македонскиот јазик“ од Блаже Конески. Пред сѐ поради совршениот, едноставен научен стил на изразување и поради аргументираноста на презентираното. Конески со својата самодоверба кон својот јазик, ме упати кон мојот научен пристап за јазикот. Да истражувам без потреба да докажувам некому, но со желба да навлегувам во историјата на македонскиот јазик и да го следам неговиот континуитет до денес со факти и со што поголема објективност.
Затоа, сето ова што се случува во последниве децении со македонскиот јазик, со неговата исполитизираност, е нештото што го загрозува во секоја негова свера. Тој прераснува во вжештена топка за предизвикување страв, спротивставување, заради политички поени. Македонскиот јазик станува сиромашен јазик, неговиот речнички фонд сѐ повеќе се стеснува, тој станува јазик во кој доминираат погрдните зборови, зборовите што предизвикуваат сензација. Малкумина останаа што сѐ уште го продолжуваат јазичниот израз на нашите лингвисти, писатели и новинари коишто го издигнаа македонскиот јазик на едно врвно ниво. Се преземаат нивните цитати само како потврда за политичките ставови. Истргнати цитати, без еден целосен контекст што може да се разбере единствено со познавањето на делата на овие наши врвни дејци.
И, повеќето од тие дејци сега се на маргините, поради таа долготрајна негрижа кон вистинските вредности што го создадоа нашиот убав, чувствен, богат македонски јазик. Јас сум растргната меѓу тоа пред и тоа сега. Го чувам тој јазик пред, и се чувам од овој јазик сега. Но изразувајќи се со тој јазик пред, честопати имам чувство како да глумам во некој нем филм.
Македонскиот јазик поради политичкиот контекст во кој е длабоко навлезен, сѐ повеќе се сведува на административен јазик зачинет со навредливи зборови и со пејоративни изрази. Тој е загрозен, да, но поради тоа што тој е огледало на нашето општество. Тој е загрозен, поради тоа што тој е израз на нашата сегашна мисла.
Како што вели Конески: ,,Ако и во нашата комуникација, во оваа нова ситуација на таканаречениот плурализам, обновувањето на исказот се сведе на пцуење, на она што може да биде полемика од долен тип, тогаш какво обновување имаме? Немаме никакво обновување. Подобро тогаш да сме останале на стереотипните форми. А, ако луѓето си дадат труд да ја развијат таа, да кажам, политичка реторика на едно повисоко рамниште, тогаш навистина може да очекуваме некои резултати.”