Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Новиот состав МК/БГ Комисијата – тврд, како и партијата, решение со Бугарија на Св. Никад

Зоран БОЈАРОВСКИ

Новиот состав на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања со новиот состав нема никогаш да донесе решение за историските и образовни прашања меѓу двете земји.

За претседател е назначен Ванчо Ѓорѓиев, професор на Факулетот за историја во Скопје. Ѓорѓиев порано беше член на комисијата, но ја напушти во 2021 тврдејќи дека имало политички притисоци во нејзиното работење. Во новиот состав на комисијата е Александар Литовски, историчар. И тој беше член на историската комисија во периодот 2018 до 2020. Вработен е во Институтот за национална историја и ја истражува новата историја.

Други членови на комисијата се: Митко Панов, историчар од Институтот за национална историја; Никола Минов, професор по историја на Филизофскиот факултет; Сашо Додевски, насловен доцент од Институтот за историја на Филозофскиот факултет; Бесник Емини, историчар од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје; и Димитар Љоровски, историчар, вработен во Институтот за национална историја.

Сосема е јасно дека изборот на членовите е заради одбрана на националните интереси и тоа нема никаква поврзаност со членот 8 од Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија каде што стои дека „заедничка комисија за историски и образовни прашања треба да придонесе за научно толкување на историските настани“.

Во тој дух беше дефинирана и задачата на мешовитата комисија: „…со цел продлабочување на заемната доверба… да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Задача на Комисијата во нејзиното работење (независно од нејзиниот персонален состав) била и треба да е исклучиво имплементирање на овие научни принципи, а не заштита на националните интереси на македонскиот или на бугарскиот народ денес“.

Сега, исто така е сосема јасно дека нема да има ништо од „продлабочување на заемната доверба“ поради што нема да има ништо ниту од „објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“.

Особено значаен и индикативен е последниод дел од Членот 8 од договорот дека „задача на Комисијата во нејзиното работење (независно од нејзиниот персонален состав) била и треба да е исклучиво имплементирање на овие научни принципи, а не заштита на националните интереси на македонскиот или на бугарскиот народ денес“.

„Независно од нејзиниот персонален состав“! Очигледно е дека со политичкиот притисок кој беше извршен од страна на актуелната Влада, првенствено од премиерот и министерот за надворешни работи, за нив „независно од нејзиниот персонален состав“ се само купче букви и зборови кои не им значат ама баш ништо.

Со една одлука на затворена седница тие го формираа новиот состав на македонскиот дел од комијата и именуваа нејзин претседател кој има за цел да ги брани националните, а не научните интереси.

Ете, и одминатите години на 21-от век кај нас и понатаму се на сила идеолошки обрасци за кои мислевме дека се одамна надминати. Со одлука на власта на комисијата и се додели улога од идеолошко-партиски контекст, а не од основните принципи на научниот дискурс на историографијата.

А интерес на Македонија се дефинитивно научните интереси и исходот кој произлегува од нив.

Многу е интересно да се знае како сега ја толкува одлуката на Владата новиот претседател на комисијата Ванчо Ѓоргиев?!? Како притисок или како привилегија? И, има ли разлика меѓу тие две позиции од аспект на неговиот научен интегритет?

Инаку, кога станува збор за „притисокот врз членови на македонскиот дел од комисијата“, членови на македонскиот дел на комисијата за Рацин.мк велат дека, ако воопшто може да се нарече притисок, тоа беше атмосферата во којашто работеше комисијата уште од самиот нејзин поечток во 2018 година до оваа година.

„Ние не можевме да останеме имуни на тоа што се случуваше во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневно политички препукувања, кои се случуваа во македонско-бугарските односи. Тие несомнено влијаеја и на работата на Комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваа се спомнуваше и Комисијата, нејзини одделни членови, историјата ја толкуваа медиуми и други „познавачи“ на историските епохи и личности… Таа атмосфера влијаеше врз сите членови, но само некој или еден од нив толкуваше дека тое е притисок врз него. Никој друг од комисија не го доживеа сето тоа како притисок врз неговата работа“, брифираа извори за Рацин.мк

Што ќе се случува понатаму? Дали она што досега е постигнато ќе се преиспита и ревидира?

Во досегашното работење Комисијата има донесено Препораки за заедничко одбележување на историските личности: Цар Самоил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Св. Наум Охридски, како и Препораки за учебниците по историја за 5-ти клас во Република Бугарија и за 6-то одделение во Република Северна Македонија.

До овие препораки, кои ги прифатија двете страни во мешовитата комисија, се дојде врз согласноста дека се засновани на базичните принципи во секој научен дискурс, особено во историографскиот, каде се димензионирани како мултиперспективни интерпретативни образци на автентични, проверени и на докази засновани и верификувани историски извори.

Она што со сигурност може да се претпостави е дека дури и да се постигне согласност со бугарскиот политички врв во било кој состав и во било кој мандат – со техничка или со политичка влада, историските недоразбирања нема да се решат преку ноќ. Премногу длабоки се разликите меѓу македонските и бугарските историчари.

Сега може да се очекува дека и Бугарија ќе го промени составот на својот дел од комисијата и сосема не треба да не изненади ако и тие предложат членови со тврди ставови, иако и досегашниот нивни состав беше прилично тврд. Дури тогаш ќе стане јасно дека до прифатливи решенија за различните историски периоди и личности ќе има на „Св. Никад“. Особено ако се знае дека работата на комисијата дојде до периодот од 19-от и првите децении од 20-от век, период во кој се јавуваат националните движења и националните држави на Балканот и пошироко. Односно, тоа значи дека работата на Комисијата сега ќе биде соочена со далеку посложен предизвик во интерпретацијата на настаните и личностите од последните два века во споредба со оној од Средниот век.

Освен ако новиот состав на македонскиот дел на МК/БГ Комисијата не ги поништи досега  прифатените препораки од двете страни за заедничко одбележување на историските личности: Цар Самоил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Св. Наум Охридски, како и Препораки за учебниците по историја за 5-ти клас во Република Бугарија и за 6-то одделение во Република Северна Македонија.

Ништо чудно.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново