Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Наоми Клајн: Потребен ни е егзодус од ционизмот

Сакаме слобода од проект кој врши геноцид во наше име. Слобода од идеологијата која нема друг план за мир освен дилови со убиствените теократски петро-држави во соседството, додека на светот му продава технологии за роботизирано убивање

Пишува: Наоми КЛАЈН*

Размислував за Мојсеј и неговиот гнев кога, откако се симнал од планината, ги затекнал Израелците како му се поклонуваат на златното теле.

Екофеминистката во мене секогаш се чувствуваше непријатно за оваа приказна: каков тоа Бог е љубоморен на животните? Каков Бог сака да ја зграпчи сета светост на Земјата за себе?

Но, оваа приказна можеме да ја разбереме и помалку буквално. Таа зборува за лажни идоли. За човечката склоност да се поклонува на профаното и блескавото, за склоноста на луѓето да се занимаваат со дребулиите и материјалното, а не со она што е големо и трансцендентно.

Она што сакам да ви го кажам вечерва, на овој револуционерен и историски Седер на улиците, е дека премногу наши луѓе повторно се поклонуваат на лажен идол. Тие се воодушевени од него. Опиени. Осквернавени.

Тој лажен идол се вика ционизам.

Тоа е лажен идол кој ги зема нашите најважни библиски приказни за правдата и еманципацијата од ропството – приказната за самата Пасха – и ги претвора во брутално оружје за кражба на колонијална земја, во планови за етничко чистење и геноцид.

Тоа е лажен идол кој ја зеде трансцендентната идеја за ветената земја – метафора за човечкото ослободување, која допре до секој агол на планетата преку многу религии – и се осмели да ја претвори во договор за милитаристичка етнодржава.

Верзијата за ослободување во политичкиот ционизам сама по себе е профана. Од самиот почеток, таа налагала масовно протерување на Палестинците од нивните домови и земјата на предците во Накба.

Од самиот почеток, тој води војна против соништата за ослободување. На Седер вреди да се потсетиме дека ова ги вклучува соништата за ослободување и самоопределување на египетскиот народ. Овој лажен идол на ционизмот ја поистоветува безбедноста на Израел со египетската диктатура и поданичките држави.

Од почетокот произведува грда форма на слобода во која на палестинските деца не се гледа како на човечки суштества, туку како на демографска закана – исто како што фараонот во Книгата за егзодусот се плашеше од сè побројниот народ на Израел и затоа ја наредил смртта на неговите синови.

Ционизмот нè доведе до нашиот сегашен момент на катаклизма, и време е да го разјасниме: тој секогаш нè водел до него.

Тоа е лажен идол што премногу наши луѓе ги поведе на крајно неморален пат, на кој сега го оправдуваат предавството на основните заповеди: Не убивај. Не кради. Не посакувај туѓо.

Тоа е лажен идол кој ја поистоветува еврејската слобода со касетните бомби кои убиваат и осакатуваат палестински деца.

Ционизмот е лажен идол кој ја изневерил секоја еврејска вредност, вклучувајќи ја и вредноста што ја придаваме со поставување на прашањата – практика вградена во Седер преку четирите прашања што ги поставува најмалото дете.

Вклучувајќи ја и љубовта што како луѓе ја чувствуваме кон текстот и образованието.

Денес овој лажен идол го оправдува бомбардирањето на секој универзитет во Газа; уништување на безброј училишта, архиви, печатници; убивањето на стотици академици, новинари, поети – тоа е она што Палестинците го нарекуваат схоластицид, убивање на средствата за образование.

Во меѓувреме, во овој град, универзитетите повикуваат полиција и подигнуваат барикади за да се заштитат од страшната закана што ја претставуваат нивните студенти затоа што се осмелуваат да им постават некои основни прашања, како на пример: како можете да тврдите дека воопшто верувате во нешто, а најмалку во нас, додека овозможувате, инвестирате и соработувате со овој геноцид?

Предолго му се дозволува на лажниот идол на ционизмот да расте неконтролирано.

Затоа вечерва велиме: овде тоа завршува.

Нашиот јудаизам не може да се ограничи со една етно-држава, бидејќи нашиот јудаизам е интернационалистички по природа.

Нашиот јудаизам не може да го заштити разуларената војска на таа држава, бидејќи војската сее само тага и жнее омраза – вклучително и омраза против нас како Евреи.

За нашиот јудаизам не е закана тоа што луѓето – над линиите на расните и етничките заедници, различните физички способности, родовиот идентитет или возраста – го креваат својот глас во знак на солидарност со Палестина.

Нашиот јудаизам е еден од тие гласови и знае дека во тој хор лежи нашата безбедност и нашето колективно ослободување.

Нашиот јудаизам е јудаизмот на Пасхалниот Седер: церемонијален собир за да споделиме храна и вино и со блиските и со странците, ритуал кој е инхерентно пренослив, доволно лесен за да го носиме на грб, кој не бара ништо освен нас: нема ѕидови, нема храм, без рабин, со улога за секого, дури – особено – за најмалото дете. Седерот е технологија на дијаспората, создадена за колективно жалење, размислување, преиспитување, сеќавање и оживување на револуционерниот дух.

Затоа погледнете околу себе. Ова, овде, е нашиот јудаизам. Додека водите се креваат, а шумите горат и ништо не е сигурно, ние се молиме пред олтарот на солидарноста и взаемната помош, без разлика на цената.

Не ни е потребен, ниту го сакаме лажниот идол на ционизмот. Сакаме слобода од проект кој врши геноцид во наше име. Слобода од идеологијата која нема друг план за мир освен дилови со убиствените теократски петро-држави во соседството, додека на светот му продава технологии за роботизирано убивање.

Настојуваме да го ослободиме јудаизмот од етнодржавата која сака Евреите постојано да се плашат, која сака нашите деца да се плашат, која сака да веруваме дека светот е против нас за да можеме да се засолниме во нејзината тврдина и под нејзината Железна купола – или барем да одржуваме доток на оружје и донации.

Тоа е лажниот идол.

И тоа не е само Нетанјаху, туку светот што тој го создаде и светот што го создаде него – тоа е ционизмот.

Кои сме ние? Ние на овие улици со месеци, ние сме егзодусот. Егзодусот од ционизмот.

И на Чак Шамерите на овој свет не им велиме: „Пуштете го нашиот народ“.

Туку им порачуваме: „Ние веќе заминавме. И вашите деца тргнаа со нас“.

*Наоми КЛАЈН (Naomi KLEIN) е активистка и режисерка позната по нејзините политички анализи, поддршка на екофеминизмот, организирана работа, левичарска политика и критика на корпоративната глобализација, фашизмот, екофашизмот и капитализмот.

Текстот е говор одржан на молитвен Седер на 23 април во Њујорк пред куќата на лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шамер, по што беа уапсени стотици учесници на состанокот.

Извор: The Guardian / Pescanik

Треба да знаете
Moже да ве интересира