Самит на БРИКС за дедоларизација

Доминацијата на американскиот долар во глобалниот финансиски систем е голем предизвик за БРИКС да воведе сопствена валута, бидејќи доларот се уште е примарна валута во глобалната трговија, и водечка валута во светските финансиски институции

Јужна Африка беше домаќин на 15-тиот самит на БРИКС од 22 до 24 август 2023 година во обид да се дефинира неговата улога во глобалниот економски систем, бидејќи беа дискутирани бројни документи во присуство на повеќе од 40 шефови на држави и влади, покрај лидерите на земјите БРИКС, вклучувајќи ги Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка и министерот за надворешни работи на Русија. Како и обично, овој петнаесетти самит во историјата на групата се занимаваше со глобалното управување и неопходноста од реформирање на сегашниот (според учесниците) неправеден и нееднаков систем, со посебен осврт на потребата од големи структурни реформи на глобалниот финансиски систем, со кој од 1944 година доминираат Соединетите Американски Држави.

Самитот во Јоханесбург е невообичаен по сите стандарди, бидејќи неговата агенда беше полна со големи прашања во светлината на глобалните тензии кои произлегуваат од конфликтот во Украина, ескалацијата на тензиите во Источна Азија и можната војна во африканскиот регион Сахел по државниот удар во Нигер. Африканскиот континент во моментов е дипломатско бојно поле меѓу Западот, Кина и Русија, каде што тие се обидуваат да го зголемат своето влијание во контекст на конкуренцијата за суровини и ресурси.

Групата БРИКС се појави во јавноста во 2006 година, а првиот состанок се одржа во 2009 година во рускиот град Екатеринбург. Денес, групацијата ја сочинуваат: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, а името БРИКС доаѓа од првите букви на имињата на земјите-членки на англиски јазик. БРИКС сега сочинува 23% од глобалниот БДП, 42% од светското население (3,2 милијарди) и повеќе од 16% од светската трговија. Најновите податоци за првпат ја покажаа супериорноста на БРИКС во однос на групата индустриски најразвиени земји во светот, т.н. Г7, откако придонесот на БРИКС во глобалната економија достигна 31,5%, наспроти учеството на Г7 од 30,7%.

Земјите од БРИКС се наоѓаат на три континенти, со големи разлики во историјата, антропогеографијата, културата, општествено-политичкото наследство, организацијата и политиката. Групацијата ја комбинира гигантската економија на Кина со географски огромната Русија, која е и нуклеарна воена сила и има право на вето во Советот за безбедност на ОН. Индија, чие население веќе го надмина кинеското, е петта по големина економија во светот и нуклеарна сила. Бразил е рангиран на 12-тото место меѓу најголемите економии во светот и е најголемата земја во Јужна Америка, бидејќи вклучува околу половина од населението и површината на тој континент. Иако Јужна Африка ја нема најголемата економија во Африка, таа е економски исклучително развиена, покрај големото политичко наследство што го ужива како демократска земја, што е создадено по внатрешната и глобалната борба против поранешниот режим на апартхејдот.

Иако формално групацијата не е мултилатерална организација (без постојан секретаријат), како што се ОН, Светската банка (СБ) или Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), таа ужива високо ниво на политичка интеракција (како на пр. годишни самити и голем број експертски тела). БРИКС стана форум за решавање на критичните глобални прашања, како што се трговијата, финансиите, климатските промени и енергетската безбедност и намалувањето на доминацијата на Западот над економиите од третиот свет преку американскиот долар.

Во 2014 година, земјите-членки ја лансираа Новата развојна банка (NDB) со почетен капитал од 50 милијарди долари. Оваа банка делува како алтернатива на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, за финансирање проекти за инфраструктура и одржлив развој.

Земјите од БРИКС, исто така, воспоставија резервен аранжман (CRA), механизам за ликвидност дизајниран да ги поддржи земјите-членки кои се соочуваат со тешкотии во ликвидноста. Овие иницијативи ја покажуваат намерата на групата да основа институции кои ги претставуваат интересите на економиите во развој и претставуваат алтернатива на постојните глобални финансиски институции во кои доминира Западот.

Повеќе од 40 земји изразија интерес да се приклучат на групата држави БРИКС, изјави главниот дипломат на Јужна Африка задолжен за односите со блокот Анил Сооклал.

Проширувањето на БРИКС и руските и кинеските обиди да доминираат во групата

Политичкиот дискурс што преовладуваше на претходните состаноци и самити на групата се фокусираше на „зајакнување на глобалниот мир и безбедност“ и „разбивање на хегемонијата на Западот“ и создавање на „мултиполарен свет“, што стана празна фраза по руската интервенција во Украина.

Русија и Кина беа активни во трансформирањето на групата во нов геополитички и економски блок. Русија, чиј претседател Владимир Путин не можеше да присуствува на самитот поради меѓународната потерница издадена против него од Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг. Сега повеќе од кога било, на Русија и се потребни партнери и сојузници за да се справи со западните економски санкции. Кина, чиј претседател Кси Џинпинг, ја консолидираше својата контрола над земјата на автократски начин, е поефикасна во ширењето на својата воена и политичка моќ низ светот.

На годинашниот самит, 43 земји изразија интерес за приклучување кон БРИКС, а 23 побараа формално членство (Египет, Алжир, Аргентина, Бахреин, Бангладеш, Белорусија, Боливија, Куба, Етиопија, Хондурас, Индонезија, Иран, Казахстан, Кувајт, Мароко, Нигерија, Палестина, Саудиска Арабија, Сенегал, Тајланд, ОАЕ, Венецуела и Виетнам). Русија побрза да ја поддржи кандидатурата на три нејзини сојузници, Белорусија, Иран и Венецуела, додека Бразил, според претседателот Лула да Силва, повика на фокусирање на единството наместо да се обидува да ги антагонизира САД, групата Г7 и Групата Г20. Индија, исто така, со загриженост гледа на проектот за проширување, гледајќи го како начин да се зголеми влијанието на Кина, која ја има најголемата економија во групата.

Учесниците на самитот на БРИКС не можеа да се договорат за индивидуалните барања на секоја земја за членство. Поради недостиг на консензус, тие поканија само шест земји, и тоа Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Нивното членство ќе започне од јануари 2024 година.

Трите арапски држави Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет, кои станаа членки на групата БРИКС, имаат неколку економски и политички причини за овој чин, што може да им наштети на нивните традиционални односи со САД. Прво, Саудиска Арабија i Обединетите Арапски Емирати се главни производители на нафта и би имале корист од блиските економски односи со Кина и Индија, кои се главни увозници на нафта. Второ, и двете земји сакаат да ги диверзифицираат своите економии подалеку од нафтата и го гледаат приклучувањето кон БРИКС како начин за пристап до нови пазари и можности за инвестирање. Од политичка гледна точка, Саудиска Арабија и ОАЕ сакаат да ја балансираат американската моќ на Блискиот Исток со приклучување кон БРИКС.

Кинескиот претседател Си Џинпинг го опиша проширувањето на групата како „период на пресврт и трансформација“ во светот.

Реакциите на САД беа многу млаки и без испраќање сериозни политички пораки. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан рече дека САД не гледаат на групата БРИКС дека „се претвора во геополитички конкурент на Соединетите држави“. Саливан нагласи дека САД ќе се движат напред во насока на „силни и позитивни односи со Бразил, Индија и Јужна Африка“, додавајќи: „Ние ќе продолжиме да управуваме со нашите односи со Кина и ќе продолжиме да се спротивставуваме на руската агресија“.

Турција

Аналитичарите за време на овој самит прашаа каде е Турција денес од овие настани? Дали навистина сака да се приклучи на групата БРИКС? Дали е во согласност со нејзината вообичаена прагматична надворешна политика?

Турција е една од земјите што изрази желба да се приклучи на оваа група, но се уште нема поднесено официјално барање. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, присуствуваше на самитот на БРИКС во Јоханесбург во 2018 година.

Несомнено е дека турската политика не е иста како пред претседателските и парламентарните избори во мај 2023 година. Турција јасно ја дефинираше својата позиција кога претседателот Ердоган рече дека „вртењето кон Исток или Запад не е еден од нашите принципи и дека Турција е блиску до Западот, како и кон Истокот“. Со тоа тој ги демантираше сите аналитичари кои сметаа дека Турција се свртела кон Исток. За време на самитот на НАТО во Вилнус во јули 2023 година, Турција дури го условуваше членството на Шведска во Алијансата со нејзиното членство во ЕУ. Турција е во чекалната на ЕУ од 1959 година.

Несомнено е дека земјите од БРИКС сакаат Турција да се приклучи, поради нејзината географска положба и политичка тежина на меѓународната сцена. Иако групата има одредени предрасуди, поради тешкотиите кои ја погодуваат турската економија, како што се инфлацијата, високите трошоци за живот и невработеноста, што би можело да го намали ентузијазмот во групата, која бара економии во развој.

Влегувањето на Турција во групата БРИКС би претставувало загуба за турската економија, бидејќи најголемите економски партнери на Турција се ЕУ, САД и Велика Британија. Во 2022 година, 26 отсто од увозот на стоки на Турција доаѓа од ЕУ, а 41 отсто од извозот на стоки на земјата отишол во ЕУ. Вкупната трговија со стоки меѓу ЕУ и Турција во 2022 година изнесува 198,1 милијарди евра (3,6% од вкупната трговија на ЕУ со светот). Обемот на трговската размена меѓу Турција и Кина е во корист на Кина, така што увозот од Кина изнесувал 41,35 милијарди долари во 2022 година, а извозот на Турција во Кина бил 3,28 милијарди долари (според меѓународната трговска база на UN COMTRADE).

Економски раст на земјите од БРИКС

Неодамнешните податоци ја откриваат супериорноста на групата БРИКС во однос на групата седум индустриски најразвиени земји во светот Г7, која ги вклучува Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД. Групацијата БРИКС поседува 50% од светските златни и валутни резерви. Извозот на стоки на групата на крајот на 2021 година изнесува 4,6 трилиони долари, што претставува 20,7% од вкупниот светски извоз на стоки, додека увозот на стоки во истата година изнесува 3,9 трилиони долари, што претставува 17% од вкупниот светски увоз на стоки. Извозот на стоки на Г7 изнесува 6,3 трилиони долари, што е 28,1% од вкупниот извоз на стоки во светот, додека увозот на стоки изнесува околу 7,6 трилиони долари, што е 33,5% од вкупниот увоз на стоки во светот.

Се очекува до 2040 година БРИКС да сочинува повеќе од 50% од глобалниот БДП, како како и 50% од гобачното производство на стока и услуги.

Самит за иднината на американскиот долар

Групата БРИКС се обидува да создаде нов светски (монетарен) поредок, кој се потпира на локални валути далеку од трансакции во американски долари, а постои реален тренд членките на БРИКС да носат одредени одлуки, со цел да се намали уделот на доларот во глобалните трансакции со што предизвикуваат сериозна штета на најмоќната валута во светот. Овој тренд е поттикнат од одлуките на РИЦ: руските, индиските и кинеските централни банки во мултилатералниот монетарен систем и плаќањето во домашни валути.

Експертите на Меѓународниот монетарен фонд издадоа предупредување во март 2022 година дека строгите финансиски санкции против Русија може да доведат до постепено ослабнување на доминацијата на американскиот долар, како и до помултилатерален меѓународен монетарен систем и да поттикнат појава на мали валутни блокови засновани на трговијата меѓу одредени групи земји.

И покрај постојаните разговори за „дедоларизација“ и релативното намалување на акциите, речиси 60 отсто од светските девизни резерви се во американски долари, а 88 отсто од меѓународните трансакции се во долари до крајот на 2022 година, покажуваат податоците на ММФ.

Доминацијата на американскиот долар во глобалниот финансиски систем е голем предизвик за БРИКС да воведе сопствена валута, бидејќи доларот се уште е примарна валута во глобалната трговија, и водечка валута во светските финансиски институции. Американскиот долар, исто така, доминира на глобалните берзи, пазарите на стоки, банкарските депозити, финансирањето развојни проекти и задолжувањето.

Кина и Индија се обидоа да ја зајакнат трговијата со санкционираната Русија користејќи три локални валути, јуан, рупија и рубља. Така, донекаде и симболично ја намалија зависноста од американскиот долар на меѓународните берзи, барем кај нивните членки, особено што земјите од БРИКС, освен Русија, сè уште имаат блиски економски односи со западните земји и затоа ќе биде тешко се откажат од употребата на доларот и да се потпираат само на домашните валути на земјите од БРИКС. Мала е можноста другите земји кои ќе се приклучат на организацијата да го напуштат доларот и да го заменат со други валути.

Кина е најголемата земја извозник, која има огромен трговски суфицит со светот, но јуанот не може да се натпреварува со доларот, бидејќи не е достапен на светските пазари. И покрај силата на Кина во глобалната трговија, јуанот сочинува помалку од 2,5% од глобалните трансакции, според податоците на SWIFT. Тоа е многу малку во споредба со учеството на доларот од 40% и еврото од 36%.

Што се однесува до втората пречка со која се соочува планот за создавање на некоја заедничка „валута БРИКС“ е неопходноста од поврзување на сите економии на групата со нова единствена валута и заедничка монетарна политика, така што мора да има економија или систем во основата која ќе ги одржува каматните стапки и ликвидноста. Тоа во овој период е невозможно поради противењето на Индија и Бразил.

Историски гледано, кога група земји сакаат да формираат валутен блок, тие се поврзуваат со економски најсилната земја со ниска стапка на инфлација, во овој случај Кина. Така беше и кога Европската централна банка (ЕЦБ) беше основана во 1998 година и со еврото во 1999 година, по примерот на Бундесбанката, а Германија беше центарот на моќта во Европа. Тоа значеше дека 20-те членки на еврозоната, кои го користат еврото, мораа да се придржуваат до политиката на Европската централна банка.

Ова создаде сериозни проблеми меѓу Германија и неколку земји во еврозоната, поради омекнувањето на монетарната политика на Европската централна банка, со цел да се поддржат послабите членки на сметка на побогатите економии, или како кога на Грција и требаше голема помош во периодот 2010-2012 година.

Без САД и меѓународните институции зависни од Вашингтон, како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), еврозоната не можеше да ја спаси Грција од банкрот.

Покрај тоа, постои нерамнотежа во рамки на БРИКС меѓу Русија, исцрпена од украинската војна и под притисок на санкциите, и Кина и нејзината огромна економска тежина. Исто така, постојат сомнежи за кохезија и кохерентност во групата, особено меѓу Индија и Кина, двата историски ривала. Индија, на пример, е членка на БРИКС, но има најсилни односи со САД, стратешки е непријателска кон Кина и се натпреварува економски и е во постојана конфронтација со кинеската експанзија во Југоисточна Азија и Пацификот. Важно е да се напомене дека официјален Њу Делхи се противи на проширувањето на групата БРИКС, за разлика од Пекинг, кој сака да ги унапреди своите „Патишта на свилата“.

Предизвици и можности

Групата БРИКС се соочува со бројни предизвици. Има ограничени права на глас во некои меѓународни финансиски институции. Таа се соочува и со нестабилни геополитички и економски услови во светот. Сепак, постојат бројни можности кои овозможуваат БРИКС да придонесе за промени во глобалниот систем, како што е понудата на економски модел кој ги мотивира другите земји да му се придружат. Исто така, воспоставување на единствена валута или употреба на локални валути во трговијата меѓу земјите на БРИКС е ефикасен начин за спротивставување на монополот на американскиот долар и справување со неговите последици и ограничувања.

Во тој контекст, извештајот објавен од британскиот UNHERD ја изразува загриженоста на Западот дека „Она што го гледаме е појава на технократски трговски и економски блок, моделиран по Бретон-вудскиот систем по 1945 година, кој го најавува почетокот на нова ера“.

Пореално гледано, влијанието на БРИКС може да биде значајно, но нема да биде доволно да направи револуција на постоечките меѓународни односи. Малку е веројатно дека БРИКС ќе го разниша курсот на глобализацијата и американската контрола според сегашниот однос на силите, но мора да се признае дека БРИКС е првиот сериозен обид во таа насока. (ИФИМЕС/МИА)

Треба да знаете
Moже да ве интересира