Се будат злите духови на Скопје 2014 – Фирмата што во 2013 доби дозвола, започнала со активности за изградба на катна гаража до Собранието

Архивска фотографија од 2013 кога почна да се оградува земјиштето помеѓу Собрание и Домот на АРМ
Архивска фотографија од 2013 кога почна да се оградува земјиштето помеѓу Собрание и Домот на АРМ

Се будат злите духови на Скопје 2014 – фирмата што во 2013 доби дозвола, започнала активности за да ја гради катната гаража до Собранието на Северна Македонија.

Според информациите со кои дојде Рацин.мк, на 12 февруари 2024 година до Собранието на Република Северна Македонија, фирмата „АНГО дооел“ доставила „Барање за издавање на потврда со податоци за подземен катастар од страна на сопственик на градежна парцела лоцирана во непосредна близина на Собранието“, кое ова правно лице ја стекнало во сопственост преку постапка за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавање, спроведена од Министерството за транспорт во 2013 година.

Според информациите на Рацин.мк, имајќи ја предвид потребата да се обезбеди целосна безбедност при функционирањето на Собранието, непречена и сигурна работа на пратениците, но и целосна безбедност на државниот врв, странски делегации и високи гости кои го посетуваат Собранието, претседателот Јован Митрески, во неколку наврати ги алармирал надлежните институции дека е неопходно итно да се обезбеди координиран и заеднички пристап во однос на најавите дека во непосредна близина на собраниската зграда, наскоро можно е да се започне со изградба на катна гаража, врз основа на одобрение за градење со УП1 бр 28-300 од 26 август 2014 година издадено од Општина Центар.

За таа цел претседателот Митрески на 19 февруари 2024 година, организирал итен состанок на кој присуствуваа техничкиот претседател на Владата Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменикот министер за внатрешни работи Назим Буши, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, на која разговарале за ризикот и последиците кои може да произлезат од започнувањето на градежните активности во непосредна близина на Собранието.

Дополнително беше отворено прашањето како се случило, низ годините, низ административните и судските процеси, до ситуацијата од претходна идеја на истата локација да се изгради подземна гаража која ќе биде наменета за потребите на Собранието, до катна гаража како комерцијален објект и дали тоа ќе ја наруши безбедноста на Собранието, како државен објект од витално значење.

Од Министерството за внатрешни работи, како институција задолжена да се грижи за јавната безбедност, побарано е да се произнесат дали со градбата се нарушува безбедноста на Собранието како витален објект од државно значење

Од Кабинетот на Претседателот на Собранието не информираа дека со цел да се обезбеди итно и координирано постапување за надминување на проблемот, претседателот Митрески на 23.02.2024 година и писмено се обратил до претседателот на Владата Џафери и министерот за внатрешни работи Тошковски, а на 6.03. 2024 година и до претседателот на државата Стево Пендаровски. Во писменото обраќање Митрески повторно укажал на алармантноста на ситуацијата и побарал координиран пристап за целосно надминување на проблемот кој датира од  јули 2013 година, кога Министерството за транспорт склучил Договор за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавањe.

Од Министерството за внатрешни работи, како институција задолжена да се грижи за јавната безбедност, побарано е да се произнесат дали со градбата се нарушува безбедноста на Собранието како витален објект од државно значење.

Со оглед на тоа што во разумен рок до Собранието на Република Северна Македонија не стигнала никаква реакција, ниту пак беа преземени конкретни чекори за надминување на оваа состојба, од Кабинетот на претседателот Митрески на 5 март 2024 година до Владата и до Министерството за внатрешни работи е доставена и Ургенција за постапување при што повторно беше укажано на потребата за итно постапување по претходните барања.

Одговори на оваа ургенција на Митрески сѐ уште нема.

Хроника на изградбата на катната гаража

Во хрониката за изградба на оваа катна гаража стои дека на локацијата каде што е предвидено да се изгради катната гаража, претходно било планирано подземна гаража и тоа за потребите на Собранието. Сепак, под налетот на Скопје 2014 и со промена на ДУП-от за потребите на овој проект, подоцна на истата маркица се испланирала катна комерцијална гаража за која било спроведено електронското јавно наддавање за отуѓување на градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија од страна на тогашното Министерството за транспорт и врски на 18 јуни 2013 година.

Маркицата од 2013 година каде што треба да се изгради катната гаража

Почетната цена на земјиштето изнесуваше 1.850 денари од квадратен метар за градежната парцела со површина од 2.455 m². Јавното наддавање траело околу еден час, а учество земале три компании: АНГО дооел, Сити Централ Интернационал дооел и ВИП проект. На првото место се најде АНГО дооел, со највисока понуда од 8.355 денари за метар квадратен.

Под притисок на јавноста и реакциите поврзани со Скопје 2014, а на иницијатива на тогашниот градоначалник Саша Богдановиќ, во 2018 година Општина Центар го поништи одобрението за градба на инвеститорот „АНГО ДООЕЛ“ Скопје.

Правна основа за ова решение на Општина Центар било пробивањето на законски предвидениот рок за отпочнување со градење, согласно членот 66 од Законот за градење, според кој рокот за почеток на градба е 2 (две) години од правосилноста на одобрението за градење (2014), во спротивно одобрението за градење престанува да важи.

Според информациите што ги добивме од новата, актуелна гарнитура на Општина Центар, решението на Саша Богдановиќ да го поништи одобрението за градба на „АНГО дооел“, било прогласено за ништовно од страна на Уставниот суд по жалбата на инвеститорот.

Следувало уште еден, нов управен акт од страна на Општина Центар во 2012 година, кога повторно поради непочитување на рокот за започнување на изградба на конкретниот објект во рок од 2 години, било донесено Решение за огласување на Одобрението за градење за ништовно. Министерството за транспорт и врски – секторот за нормативно-правни работи, по вложена жалба од страна на Инвеститорот, жалбата ја отфрли како неоснована, а Решението на Општина Центар-Скопје го потврди.

Но, инвеститорот „АНГО дсооел“ покренал нова жалбена постапка до Управниот суд, кој на крајот на декември 2021 година преку донесената Пресуда ја прифати тужбата на инвеститорот и со тоа поништени се и Решението на Министерството за транспорт и врски, а со тоа и на Општина Центар-Скопје.

Пресудата станала правосилна и сѐ уште е правосилна и врз основа на неа од инвеститорот „АНГО дооел“ е најавена постапка за почеток на изградба на комерцијална катна гаража во непосредна близина на Собранието. Според тоа што го добивме како одговор на прашањето кои се натамошните активности согласно надлежностите на Општина Центар, од општината ни одговорија дека тие се должни да го следат, го следат и ќе продолжат да го следи спроведувањето на Договорот за отуѓување на земјиште по пат на јавно наддавање што Министерството за транспорт и врски во име на Државата го склучило со правното лице – купувач во 2013 година. Тоа значи и дека ќе ги следи сите обврски кои правното лице е должно да ги почитува. Но, ако тоа не го прави согласно договорот од тоа би  произлегле негативни консеквенци, па како резултат на тоа согласно Законот за градежно земјиште и согласно Договорот би биле преземени соодветни мерки.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Треба да знаете
Moже да ве интересира