Се чека ССМ да објасни зошто во трошоците на потрошувачката кошничка два пати ја пресметува инфлацијата

По министерот за економија, Крешник Бектеши, и премиерот Димитар Ковачевски реагираше во јавноста на промената на методологијата и двојното сметање на инфлацијата во минималната синдикална кошничка која што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија.

ССМ при објавувањето на потрошувачката кошничка за последните неколку месеци, покрај стандардните трошоци за исхраната и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравјето, за прв пат има воведено и осма ставка- инфлацијата, со што драстично се зголемува сумата на потрошувачката кошничка.

Во отсуство на јавен став на ССМ зошто двојно ја пресметуваат инфлацијата, еднаш во цените на самите производи, а потоа и само со наведување на инфлацијата во посебна графа, премиерот Ковачевски во интервјуто на телевизија Сител информираше дека од понеделник ќе ги повикаат синдикалните лидери да објаснат зошто преминале во нов начин на пресметување на трошоците за живот.

Македонија постојано имала инфлација низ годините наназад, но таа секогаш се пресметувала во основните трошоци, односно во седумте делови на кошничката и затоа сега јавноста е во дилема дали кошничката изнесува 43.000 денари (трошоците со пресметана инфлација) или 50.000 денари (со дополнета графа само со инфлација)

„Во понеделник ќе бидат повикани претставниците на синдикатите во Министерството за економија, бидејќи постои недоследност во пресметувањето. Последнава пресметка, дали заради превид или заради одредена техничка грешка, постои двојно пресметување на инфлацијата.“- изјави Ковачевски.

Тој направи и споредба на висината на минималната плата во однос на потрошувачката кошничка, сега и пред 10 години.

„Потрошувачката кошничка без двојното сметање на инфлацијата е 43.000 денари, за чие задоволување сега се потребни само 2,1 минимална плата. Кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт беа потребни 4,5 минимални плати за задоволување на потрошувачката кошничка. Имаме двојно зголемување на стандардот на работниците кои што работат за минимална плата“ рече Ковачевски.

Во понеделник Бектеши ќе има прилика лично од синдикаците да слушне зошто е сменет начинот за пресметување на конечната сума на потрошувачката кошничка и дали нивната постапка е исправна. До тогаш ќе остане неговиот став пласиран во јавноста.

„Кај нас има погрешни статистички податоци на кои се повикуваме и за тоа разговарав со моите советници во делот на утврдување на минималната кошничка. Во август е изменета методологијата, што значи дека два пати се калкулираат трошоците за живот согласно инфлацијата. Методологијата за пресметување има седум елементи, на пример таа во јули минатата година, а од декември наваму методологијата има осум елементи каде што дополнително уште еднаш е пресметана инфлацијата, но инфлацијата е калкулирана во другите седум елементи и дополнително како осми елемент во табелата“, рече Бектеши во емисијата „Топ тема“.

Со сегашната ситуација, ако се земе реалната потрошувачката кошничка со износ од 43.000 денари, на едно домаќинство со една просечна плата од 34.000 денари, колку што е во моментов и со една минимална плата од 20.000 денари месечно му остануваат 11.000 денари за останати трошоци надвор од основната кошничка.

Р. Р.

Треба да знаете
Moже да ве интересира