Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Таборот на Макрон планира враќање на врвот по изборниот хаос

Без очигледен кандидат за премиер, сојузниците на францускиот претседател веруваат дека сè е можно

Прашината едвај се спушти по неделниот изненадувачки резултат на француските избори кои доведоа до поделено Национално собрание, а веќе сојузниците на претседателот Емануел Макрон се надеваат да ги свртат превирањата во своја полза.

Наспроти неодамнешните предвидувања, левичарската алијанса Нов народен фронт освои најмногу места во последниот круг од парламентарните избори во неделата, престигнувајќи ги центристите на Макрон и победувајќи го екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен. Но, резултатот го остави францускиот парламент во неизвесност, без очигледен кандидат за премиер и без ниту една партија во позиција да формира влада.

Сојузниците на претседателот сега бараат можности да ја искористат неизвесноста за да ја наметнат својата центристичка агенда. Некои мислат дека нашле можен пат: со растурање на веќе расцепканата и фрагментирана левичарска алијанса.

Новиот народен фронт е шарена група на различни левичарски партии со набрзина договорена политичка платформа и без јасен лидер. Ја вклучува екстремно левичарската партија „Франција непокорена“, предводена од огнениот ветеран Жан-Лук Меланшон; комунистите; социјалистите и зелените.

Алијансата беше набрзина склопена откако Макрон ги поттикна предвремените избори пред еден месец и таа е кревка и полна со внатрешни тензии. До неодамна, Социјалистичката партија и „Франција непокорена“ беа во кавга поради војната на Израел против Хамас, при што социјалистите ја обвинуваа крајната левица дека јасно не ги осуди нападите на Хамас на 7 октомври.

Во понеделникот наутро, левицата сè уште беше цврсто во фазата на меден месец и вети дека ќе поддржи само еден човек да стане премиер до крајот на неделата. Меѓутоа, либералите на Макрон се надеваат дека само прашање на време е кога левицата ќе пукне и центарот ќе се појави како најголема група во парламентот. Еден од главните сојузници на Макрон, Франсоа Бајру, во понеделникот на француското радио тврдеше дека „изборите сè уште не ја донеле својата пресуда во однос на бројките“.

Предизвикан да објасни повеќе што мисли, Бајру рече дека прашањето не е за „броење гласови“, туку за идентификување која група „може да се обедини“.

Францускиот претседател во меѓувреме беше чудно тивок и се чини дека си го пролонгира времето. Во понеделникот францускиот премиер Габриел Атал понуди оставка, но Макрон побара од него да остане „заради стабилноста на земјата“, се вели во соопштението од Елисејската палата.

За лидерот на Зелените, Марин Тонделие, кој беше во студиото со Бајру, неговите коментари беа „демант“ на резултатите од неделата. „Треба да ја прифатите победата на вашите противници“, одговори таа.

Но, очигледно не случајно Бајру избегнуваше да го препознае успехот на левицата, бидејќи инсајдерите од партијата на Макрон се обидуваат да најдат начин да се вратат на врвот.

„Без „Франција непокорена“ има помалку места од нас и ние сме пред Националниот собир“, рече еден функционер од партијата на Макрон.

Друг министер во заминување смета дека на либералите на Макрон им требат само уште неколку пратеници за да ја надминат левицата. „Помеѓу десницата што не е поврзана, пратениците од странство и УДИ [центристите], сè е можно“, рече поранешниот министер.

На левицата ѝ се потребни сојузници ако сака да управува со Франција, што е уште еден извор на тензии внатре во коалицијата. Последниве недели, неколку силни фигури од политичкиот центар ја покренаа идејата за соработка со левицата во „широка коалиција“, иако тоа ќе треба да ја исклучи екстремната левичарска „Франција непокорена“ на Меланшон.

Поделбата на моќта, исто така, се префрли на левата страна и додека некогаш цврсто доминираше „Франција непокорена“, сега Зелените и Социјалистите се појавуваат како помоќни партии по изборите.

Но, превирањата во парламентот им даваат можности и на другите. Дури и ако Макрон го добие она на што се надева и левичарската алијанса имплодира, тој сепак ќе има поголем проблем: центарот се распаѓа.Одлуката на францускиот претседател да ја прокоцка политичката иднина на неговото движење на предвремени избори, отуѓи многумина од неговите сојузници, вклучително и поранешниот премиер Едуар Филип и премиерот на Макрон, Габриел Атал, кој на телевизија призна дека претседателот не се консултирал со него однапред.

За време на кампањата, Филип го обвини Макрон дека ја „убил коалицијата“ и повика да се создаде „ново [парламентарно] мнозинство“. Во неделата, сојузниците на Макрон за малку избегнаа „крвопролевање“ иако изгубија повеќе од 70 места, но тоа не го спречи Филип, кој има претседателски амбиции за себе, да ги осуди предвремените избори кои донесоа „голема неодлучност“.

Бидејќи Макрон не може да се кандидира повторно во 2027 година, сите очи сега се вперени во трката за следните претседателски избори и малку потенцијални кандидати ќе бидат подготвени да ја жртвуваат својата иднина за сегашноста на Макрон. Дури и оние кои ја поддржаа одлуката на францускиот претседател да одржи нови парламентарни избори се чини дека ја подготвуваат својата стратегија за излез.

Дури и ако либералите успеат да обезбедат најголема група во Националното собрание и Макрон може да назначи колега-центрист за премиер, на болката и нема крај. Опозициските партии ќе можат да ја соборат владата на секој чекор, а усвојувањето на закони ќе вклучи многу крвавења: хаосот сè уште ќе владее во парламентот. (Политико / превод и обработка: Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира