Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Темни облаци над грчката политика: екстремната десница повторно во парламентот

Грчките конзервативци излегоа како победници во вториот круг од изборите вчера, освојувајќи историско апсолутно мнозинство, но со колапсот на левичарската опозиција, во комбинација со подемот на крајната десница, се фрлаат темни сенки врз новиот парламент, анализира ЕУРАКТИВ еден ден по изборите во Грција.

Партијата Нова демократија (ЕПП) на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис доби 158 места од 300-члениот парламент. Главната опозиција останува левичарската партија Сириза (ЕУ левица) со 48 места, потоа социјалистите со 32, комунистите (ККЕ) со 20 места и новата мала левичарска партија (Плефси Елефтеријас) со осум места.

Но, на десната страна на политичкиот спектар, влегувањето на две екстремно десничарски групи го создаде она што веб-страницата за вести News247 го опиша како „парламент чудовиште“.

Партијата „Спартанци“ доби 12 места и се смета за континуитет на поранешната неонацистичка партија Златна зора, која е означена како криминална организација. Човекот зад ова е Елијас Касидиарис, поранешен водечки член на Златна зора, кој беше затворен, но сите овие години му беше дозволено да шири екстремно десничарска пропаганда на интернет од затвор. Според пресудата на грчкиот суд, Златна зора и Елијас Касидиарис не смееле да учествуваат на изборите, и тоа не го направиле во првиот круг во мај.

Меѓутоа, во вториот круг, стотици илјади плакати низ целата земја го информираа електоратот дека Касидиарис ја поддржува партијата формирана пред неколку недели наречена „Спартанци“.

Шефот на Спартанците Василис Стига, дури, му се заблагодари на осудениот Касидиарис во својата прва порака по изборите: „Би сакал да му се заблагодарам на Елијас Касидиарис за неговата поддршка. Тоа беше горивото што ни даде поттик да дојдеме до денешниот резултат“.

Друга партија што предизвикува вознемиреност е „Ники“, која доби 10 места. Оваа партија ги нагласува христијанските православни традиции, има цврст став против мигрантите, се спротивставува на абортусот и го промовира православието како обединувачки елемент на балканскиот народ. Покрај тоа, таа се спротивстави на поддршката за Украина во нејзината војна со Русија. Извештаите на грчкиот печат сугерираат дека добива финансиска поддршка од парарелигиозни организации или дури и од некои руски бизнисмени. Официјалната православна црква се држи на дистанца од партијата.

Третата партија, „Грчко решение“ (12 пратенички места), исто така се смета за ултранационалистичка и припаѓа на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР). Иако е поумерено во споредба со другите две, „Грчко решение“ е проруско и има силна антимиграциска реторика.

Во меѓувреме, левичарската опозициска партија Сириза, иако остана како главна опозиција, дополнително се намали. Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, изјави дека „кога десницата и крајната десница напредуваат, демократските сили мора да го организираат својот отпор“. Се очекува партијата наскоро да започне внатрешни процедури додека аналитичарите сугерираат дека лидерството на Ципрас може да биде доведено во прашање. Сепак, Ципрас рече дека стои на располагање за дискусија со членовите на партијата, што беше протолкувано како тој да не сака да се повлече.

Социјалистите (Пасок), уште една прогресивна партија, го повторија резултатот од првиот круг и немаа корист од загубените гласови на Сириза.

Извештаите на антивладиниот печат сугерираат дека конзервативниот Мицотакис сега ќе се обиде да се претстави како „либерал во стилот на Макрон“ што претставува единствена гаранција за фрагментирана опозиција на екстремите, „токсичната левица“ и „темната крајна десница“.

Други проценуваат дека подемот на крајната десница потенцијално би можел да изврши притисок врз владата да води повеќе десничарски политики за да ја држи под контрола крајната десница.

извор: ЕУРАКТИВ

подготви: С.К. (НоваТВ)

Зачлени се на нашиот е-билтен