Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[Видео] Меѓуврсничкото насилство го активира алармот 

Насловите по медиумите како што се  „Тепачки меѓу ученици“, „Крвава тепачка меѓу ученици„ и честите видео снимки од ученици кои вршат насилство едни врз други споделени на социјалните медиуми се доволен доказ дека ситуацијата со меѓу врсничкото насилство во земјата е алармантна.

Хусамедин ГИНА

Во овој период од суштинско значење е да се зборува за меѓуврсничкото насилство за да се подигне јавната свест со цел да се заштитат учениците и нивната иднина.  

Експертите укажувајќи на проблемот потенцираат дека родителите се  тие кои инвестираат во иднината на едно дете и дека насилството покрај тоа што е индивидуален проблем, тој исто така е семеен и проблем на општеството.

Извештајот на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) за 2022 година, укажува дека 19 отсто од девојчињата и 19 отсто од момчињата од Македонија истакнале дека биле жртва на врсничко насилство барем неколку пати месечно, а просекот на ОЕЦД е 20 отсто од девојчињата и 21 отсто од момчињата.

Порталот  racin.mk за проблемот со меѓу врсничкото насилство кој е во подем разговараше со експертите д-р Љубинка Дамјановиќ – специјалист психијатар на поликлиника Бит Пазар, во Скопје и Кристина Атанасова, стручен соработник – психолог во Гимназијата Јосип Броз Тито.

Говорејќи за причините за меѓуврсничкото насилство, д-р Љубинка Дамјановиќ истакна дека модерниот начин на живот доведе до тоа да луѓето да се изолираат и дистанцираат едни од други.

„Во последно време за насилство се говори се почесто. Времето стана многу динамично, а модерниот начин на живот доведе до тоа да сите бидеме малку по изолирани, по дистанцирани едни од други, семејството да ги разлабави своите нишки. Надзорот над малолетниците да биде многу помал или дискретен“

Потсетувајќи дека врсничките насилства може да бидат физичко, вербално и модерното сајбер насилство Дамјановиќ подвлече дека избегнувањето, односно игнорирањето на врсниците е исто така насилство за кое никогаш не говориме.

Опишувајќи ја разликата на генерациите во училиштата, психологот Кристина Атанасова, нагласи дека влијанието на интернетот и на социјалните мрежи е поприлично негативно во однос на меѓуврсничкото насилство.

„На тие интернет медиуми, на тие социјални мрежи многу често можеме да сретнеме одредени информации којшто за жал не секогаш се со позитивна содржина. Па многу лесно може да се случи да една прочитана информација пробуди одредена фантазија кај еден ученик или дете и да си рече аха, на овој начин можам и јас да извршам булинг или меѓуврсничко насилство, да извршам одредена агресија затоа што адолесцентите посебно во период  крај на пубертет, почеток на адолесценција се водат по принципот негативен модел на однесување. Односно се обидуваат да се допаднат некому така што ќе манифестираат одредено негативно поведение“.

На прашањето дали можеме да кажеме дека врсничкото насилство е алармантно и преставува една тивка опасност за училиштата и за целокупното општество Кристина Атанасова нагласи:

„Самата појава и самото зачестено присуство на меѓуврсничко насилство веќе го, имам впечаток, дека веќе го активира алармот за нужни промени. Општествени промени, социјални промени, промени во семејството. Промени којшто започнуваат од најмала возраст на децата. Затоа што едно дете се раѓа како табула раса или празна табла. Што ќе биде испишано на таа празна табла зависи првенствено од родителите, односно старателите односно од семејството на детенцето. Родителите се тие кои инвестираат во иднината на едно дете“.

Психологот Кристина Атанасова потенцирајќи дека како училиште многу време и внимание посветуваат на превенција на меѓуврсничкото насилство рече дека се водат по идеологијата дека е подобро нешто да се спречи отколку во иднина да се лекува.

„Многу сериозна работиме на тоа да посетата на психолог не биде табу тема. Учениците ја сфаќаат сериозноста за грижата за нашето ментално здравје. Доста често доаѓаат, разговараат. Мене мие многу поважно да бидам за време на малите одмори во училишните ходници, помеѓу учениците затоа што тогаш најлесно можам да забележам дали одредено дете пројавува одреден облик на однесување кое манифестира дека можеби е жртва на меѓуврсничко насилство или пак е онаа другата страна односно оној кој предизвикува меѓу врсничко насилство “

За тоа дали и како меѓуврсничкото насилство може да делува во понатамошниот живот на учениците, д-р Љубинка Дамјановиќ рече дека секое насилство врз една личност остава трајни последици по психичкиот капацитет на личноста.

„Работата е да ги зајакнеме, значи силите, внатрешните сили на личноста да се справува, нели, со било какво насилство. Меѓутоа не смееме ние како општество да дозволиме да се случува насилство. И последиците доколку децата се помали  ќе бидат потешки. Затоа што тие се деца којшто емотивно реагираат, немаат доволно самодоверба, немаат изградено, пријателски, семејни како да кажеме поддржувачки релации којшто би им овозможиле полесно тоа да го пребродат, односно нели да го пријават, тоа да се санкционира, да побараат помош, секогаш тие деца се срамат од тоа што им се случило, не сакаат да ги вознемират своите родители, згрижувачите“.

За тоа како може еден родител да препознае дали неговото дете е изложено на меѓуврсничко насилство,Дамјановиќ потенцираше дека тоа може да се препознае доколку детето континуирано избегнува да оди на училиште, да кажува дека чувствува болки во стомакот и дека му се повраќа.

Треба да знаете
Moже да ве интересира