Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Заради инаетот на Мицкоски и на ВМРО, Македонија во Гранада ќе биде известена дека завесата на ЕУ ќе ја остави земјата во изолација

Ако Мицкоски отидеше во Гранада ќе му речеа да се врати и да им објасни на македонските граѓани дека второто надворешно ниво, каде ризикува да биде сместена Македонија заради неговиот и инаетот на ВМРО-ДПМНЕ, не вклучува каква било форма на интеграција со обврзувачките закони на ЕУ или специфичните барања за владеење на правото и нема да ѝ биде дозволен пристап до единствениот ЕУ пазар, ниту до големите фондови за постигнување европски стандарди. Во тој круг можете таму да си останете колку што сакате.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Дали наместо Ковачевски во Гранада требаше да замине Мицкоски за да одговори на прашањето на лидерите на ЕУ и на земјите членки до каде сте со уставните измени од кои зависи продолжувањето на преговорите за членство?

Во таква ситуација, откако Мицкоски ќе одговори „нема уставни измени по бугарски диктат“ тие, ако имаат време, ќе му кажат: ОК,  врати се назад и кажи им на македонските граѓани дека според препораките на експертите на француско-германската група за реформи на ЕУ кои ја опфаќа и стратегијата за идните проширувања, Северна Македонија ќе се соочи со фактот дека ќе влезе во второто надворешно ниво од предложениот модел кој се разгледува во Гранада.

Објасни им на македонските граѓани, би му рекле на Мицкоски, дека второто надворешно ниво не вклучува каква било форма на интеграција со обврзувачките закони на ЕУ или специфичните барања за владеење на правото и нема да ви биде дозволен пристап до единствениот ЕУ пазар, ниту до големите фондови за постигнување европски стандарди.

Наместо тоа, во тоа ниво фокусот на ЕУ ќе биде ставен на геополитичка конвергенција и политичка соработка во политички области од взаемно значење и релевантност, како што се безбедноста, енергијата или животната средина и климатската политика итн. Во тој круг времето нема никаква улога за ЕУ, а вие можете таму да си останете колку што сакате.

Тоа така би било кажано со европски јазик, а за да разберат граѓаните во Македонија, по нашки кажано тоа значи – изолација.

Познавајќи го од тоа што го презентира како свест за стратешките интереси на земјата, убеден сум дека на ова Мицкоски ќе потскокне од радост, ама пред тоа ќе им рече: Ааа…, а да ги усвоиме ние уставните амандмани ама да стапат во сила откако ќе не примите прво во ЕУ…

И нема да стигне да ја доврши реченицата и во видикот ќе му бидат грбовите на европските дипломати додека исчезнуваат во длабочините на ходниците на Алхамбра, и додека знамето на ЕУ кое се повлекува како завеса полека му го затвора видикот и му кажува каде му е местото.

А не е дека не бил информиран за ова и дека не предупредувале за ова нашите пријатели од ЕУ или Бујар Османи и Бојан Маричиќ.

Во повеќе наврати во текот на оваа година ни беше порачувано: „Нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и опасност од нејзина изолација“.

Османи и Маричиќ постојано укажуваа(т) на ризикот дека Северна Македонија може да биде  издвоена и да припадне во група на земји кандидати или потенцијални кандидати кои имаат отворени прашања и за кои нема да има брза патека за пристапување во ЕУ.

А таа патека сега дефинитивно се исцртува во Гранада од препораките што доаѓаат од извештајот на француско-германската експертска група за реформи и за проширување на ЕУ.

Според извештајот, не сите европски држави ќе бидат подготвени и/или способни да се приклучат на ЕУ во догледна иднина, па дури и некои сегашни земји-членки може да претпочитаат полабави форми на интеграција. Затоа, експертите препорачуваат иднината на европската интеграција да се замисли во четри различни нивоа, секој со различен баланс на права и обврски.

Внатрешниот круг би бил составен од земјите кои сакаат да учествуваат во форми на подлабока интеграција. Вториот круг, ЕУ, би бил составен од сите сегашни и идни земји-членки кои работат според сегашните надлежности на Унијата.

Првото надворешно ниво – придружните членки – би можело да овозможи рационализирање на различните форми на здружување со земјите од Европската економска заедница, Швајцарија, па дури и со Велика Британија, се наведува во извештајот. Основна област на учество би била единствениот пазар.

Второто надворешно ниво е она во кое постои ризик да се „смести“ Македонија заради блокадата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ниво не вклучува каква било форма на интеграција со обврзувачките закони на ЕУ или специфичните барања за владеење на правото и нема да дозволи пристап до единствениот пазар. Наместо тоа, тој би се фокусирал на геополитичка конвергенција и политичка соработка во политички области од взаемно значење и релевантност, како што се безбедноста, енергијата или животната средина и климатската политика итн.

„Господа направете го последниот чекор на патот кон отворање на преговорите по поглавја. Сега кога скрининг процесот дава одлични резултати не треба вие самите да си го блокирате членството во ЕУ“. Ова се двете реченици што македонските политички лидери, и од власта и од опозицијата, ги добиваа(т) редовно. И не треба повеќе. Толку е едноставно.

Тоа е нашата домашна работа. Тоа е обврската што стои на нашата страница со задачи.

Од другата страна, од страна на надворешните фактори во ЕУ или на глобален план, Северна Македонија е во моментум кој би било бесмислено да се пропушти заради ситнопартиски интереси или заради малициозно-суетни амбиции на некои лидери, особено од опозицијата, односно Мицкоски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира