Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гордана Јанакиевска, туристички водич: Со приказни и легенди го оживува сеќавањето за Скопје

Јас и ден денес имам некакво препознатливо чувство дека повторно ќе стресе. Веројатно тоа го има и кај многу скопјани.

Во Скопје, за среќа, има неколкумина раскажувачи на градските приказни кои ги одржуваат спомените живи и се од непроценлива вредност за урбаната историја на градот. Една од нив е Гордана Јанакиевска која неколку децении го чува Скопје од заборав и објавува информации за градот на нејзината страница на Фејсбук – „Скопје се сеќава“.

Покрај тоа, таа е и туристички работник и тоа веќе ја исполнува неколку децении. На туристите со голем ентузијазам им раскажува приказни и легенди за историјата на градот и секогаш е подготвена за нови туристички авантури и истражувања. Во Скопје од Белград таа доаѓа на 14-годишна возраст, тука завршува гимназија и запишува архитектура. Но, по три години на Архитектонскиот факултет, го напушта за љубов кон туризмот и верна му останала со години.

Авторка е на книгата “Скопје и скопски регион”, а во подготовка има и нова книга „Дали знаете – Македонија“, која е резултат на нејзиното посветено истражување и ажурирање на постови на оваа тема на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм и ЛинкдИн. Таа е одличен познавач на туристичките потенцијали на Скопје, Матка, Јасен, па и Македонија во целост. Со неа разговараме за Скопје, по повод 60 годишната од земјотресот, неможејќи да ја игнорираме солидарноста.

Трн: Дали Скопје страда од заборав? 

Гордана: Повеќе би го нарекла тоа недоволна грижа. Нема доволно регулирана процедура кој и како ќе се грижи на презентација и чување на вредностите кои ги имаме и на кои треба да сме горди, како што е Аквадуктот – еден од трите на Балканот, Адам – едно од најважните откритија на дваесетиот век кој би требало да биде лого на скопските вредности, на пропагандни материјали и информативни центри за секој намерник кој сака да дознае повеќе за Скопје итн. 

Трн: Како што Скопје се приближува до 60-годишнината од разорниот земјотрес, како се трансформира градот од тој настан и каква улога игра неговата историја во привлекувањето туристи денес? 

Гордана: Колку ми е познато нема некоја официјална програма со која ќе се потсетиме на деновите од пред шеесет години, ниту пак Музеј на земјотресот во кој секој ќе може да дознае повеќе за тие денови. Недоволно се оддолжуваме на тие што помогнаа во тие моменти а да не кажам дека младите генерации речиси и да немаат некои поголеми знаења за тој период. Објектите кои се изградени со помош на многу земји немаат никакви одбележување од кого се изградени а тоа треба да го знаат идните генерации. 

Трн: Според вашето искуство како туристички работник и истражувач, како земјотресот во Скопје влијаеше на архитектурата, знаменитостите или урбаниот развој на градот што посетителите можат да го набљудуваат денес? 

Гордана: Речиси да нема јасна слика и знаење кои објекти успеале да го преживеат земјотресот без видни оштетувања како што се Ристиќева палата, Арапска куќа, куќата на Рубин и многу други, или да има покрај поновите објекти информација со цртеж на објект кој постоел тука пред земјотресот. Секако  дека тоа ќе даде сосема друга димензија и слика на еден град кој 1963 оставил преку сто илјади луге без покрив. Почетокот на урбаното Скопје добило градски печат благодарение на тогашниот градоначалникот на кого му се заблагагодаруваме со една малечка улица во Старата чаршија, а голем дел од објектите изградени во негово време опстојуваат до денешни времиња. 

Трн: Дали има одредени области или локации во Скопје каде што влијанието на земјотресот е особено евидентно и какви приказни или искуства им нудат на туристите заинтересирани да дознаат за овој историски настан? 

Гордана: Најевидентен е самиот центар, делот околу Камени мост од двете страни и најпосетениот дел на градот. Организирани туристички посети на групи или поединци, со можност за туристичка презентација, колку што знам постои само ако тоа е побарано од туристите, но тоа сепак не е доволно. Денес туристот доаѓа индивидуално и е препуштен сам на себе, оставен да се снаоѓа за информации од тој вид. Токму затоа се потребни такви информативни табли за ова. Мислам дека туристот нема можност да ја почувствува трагедијата која Скопје го погодила со трите катастрофални земјотреси од 518, 1555 и 1963 година. 

Трн: На кој начин мислите дека скопскиот земјотрес влијаел на издржливоста и духот на жителите и како тоа се одразува на туристичките понуди? 

Гордана: Јас и ден денес имам некакво препознатливо чувство дека повторно ќе стресе. Веројатно тоа го има и кај многу скопјани. Во Скопје немате агенција во која ќе ви понудат туристичка тура посветена на земјотресот, сувенир кој ќе ја пренесе таа приказна, а да не кажам изложбен салон или музеј посветен на скопскиот земјотрес. Тоа доволно кажува колку не сме организирани во таа смисла. Кус период по земјотресот се организираа Средби на солидарноста во која гостуваа многу познати лица, имаше спортски и културни настани. Да не речам дека тоа е изводливо и денес да се случува во соработка на градот и земјите кои несебично помагаа во тие тешки денови. 

Трн: Носител сте на иницијативата „Скопје се сеќава“, која е целта на оваа иницијатива?

Гордана: Активноста е сведена на ФБ страница под тоа име и таму можат да се најдат многу информации од деновите на земјотресот и изградбата на едно ново Скопје. За жал на здружението Кингмарколенд чиј председател сум јас, не успеа во сите овие години да спроведе неколку поднесени проекти поради неуспешни финансиски подршки за спроведување на истите. 

Трн: На кои проекти работите во моментов? 

Гордана: Последниве неколку години посветена сум на презентација на Македонија на социјалните мрежи каде ме слеат преку 70.000 луѓе. Во подготовка е книга на македонски и англиски јазик „Дали знаете“ која беше иницијатива на нашите луѓе во дијаспората, кои за истата собраа извесна сума пари. До тогаш истите приказни можат а се прочитаат и на скоро отворената страница https://daliznaete.mk/. Од мај започнав соработка и со Вистел телевизија каде водам секој ден четири рубрики, Дали знаете, Беше, Азбука на Скопје и Авантуризам. 

Трн: Кои се уникатните карактеристики на Скопје што го прават привлечна дестинација за туристите? 

Гордана: Скопје има навистина многу да понуди. Моето здружение во соработка со неколку туристички агенции нуди туризам низ легенди во кои се нудат местата поврзани со името на Кралот Марко, се поврзува со неколку ресторани. Една од специјалностите на рестораните е понудата на Крале Марко, која претставува  храна која не содржи патлиџан, пиперка, пченка и други прехрамбени продукти кои биле однесени од Америка долго време по неговото постоење и навистина предизвикуваат љубопитност кај посетителите посебно на 18 мај кога имаме манифестација  Денови на Крале Марко. 

Трн: Скопје е познато по својата богата историја и архитектонска различност. Кои историски знаменитости или архитектонски зданија ве враќаат назад да ги претставите пред гостите? 

Гордана: Најубавото доживување се: посетата на музејот на Стара чаршија каде има можност да се доживее едно старо веме, Музеј на град Скопје каде има изложбен дел посветен на земјотресот а објектите како Арапска куќа, Срушената железничка станица, Старата скопска чаршија се секако места кои се задолжителни за посета.

Трн: Како истражувач на градот, дали наидовте на некои фасцинантни приказни или анегдоти за историјата на Скопје или неговите луѓе кои можете да ги споделите со нас? 

Гордана: Има една информација за поклон на семеен дијамантски прстен како помош на страдалното Скопје од една јапонка, приказна која со години ја повторувам но не успеав да и влезам во трага, што се случи со тој прстен и каков е крајот на таа информација. 

Есма и Стево Теодосиевски исто така ќе останат запаметени во скопската колективна меморија како едни од најголемите донатори за постземјотресно Скопје.

Трн: Има ли нешто што го издвојува Скопје од другите градови и што го прави посебно место за посета? 

Гордана: Секако е тоа солидарноста и желбата да му се помогне на народот кој во тие трагични моменти остана на улица. Важиме за гостопримлив и мирен народ кој несебично се дава и сака да е добар домаќин. Тоа е нешто што го носиме во себе и не треба да се менуваме. 

Трн: По која траса се движи вашата туристичка тура за Скопје, што опфаќа, кои места, локалитети и споменици? 

Гордана: Турата зависи од видот на туристите и нивните интереси. Една тура во зависност дали се ученици, студенти, стручни лица или обични туристи од странство кои повеќе сакаат да се прошетаат малку и појдат во некој ресторан или маркет различно се кажува и презентира. Основната цел е низ тоа кажување да се пренесат убавите приказни кои ќе доведат до тоа да дома ја пренесат таа приказна и наведат и други да посакаат да го посетат Скопје. 

Александра Тодоровиќ (Трн)

Зачлени се на нашиот е-билтен