ИНТЕРВЈУ Пламен Тотев: Современата македонска литература ги дели истите тенденции како и останатите европски литератури

Тотев е нарекуван „Кристофер Колумбо за современата македонска литература“ на бугарската книжевна сцена, издавач кој на читателите последниве години им претстави четириесеттина автори со околу 70 изданија. На промоциите во Куманово и Скопје на неговата книга „Животот на литературната класика“, деновиве издадена на македонски јазик, читателите имаа можност да ја запознаат неговата страст кон книжевноста која, меѓу другото, и ја направи видлива современата македонска литература во бугарската културна јавност

Стојан СИНАДИНОВ

Фотографии: Драгана БАСЕКИЌ

Бугарскиот книжевен истражувач, критичар и издавач Пламен Тотев изминативе два дена во Куманово и Скопје ја промовираше неговата книга „Животот на литературната класика“, чиј издавач на македонски јазик е „Македоника литера“, во превод на Предраг Димитровски.

Тотев дипломирал бугарска филологија на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, и специјализирал историска поетика на бугарската литература. Објавил стотици литературно-критички и книжевно-историски написи, рецензии на книги, статии за проблемите на литературата, издаваштвото и културата. Автор е на три книги од областа на историјата на книжевноста, на дваесетина учебници и учебни помагала по бугарски јазик и литература, составувач е на антологии со светска и бугарска класична поезија.

„Животот на литературната класика“ е исклучителна студија за историскиот развој на античката и европската литература. Напишана во питок стил, книгата ги информира читателите за главните двигатели на книжевно-историскиот процес, кои се моделите во развојот на големата светска литература, кои се закономерностите во развојот на големите светски литератури низ вековите, кои се најважните особености на класичните епохи и правци од древноста до денес.

Тотев во книгата вклучува и анализи на античките дела „Илијада“ на Хомер, „Цар Едип“ на Софокле, „Подвизите на Александар“ на Калистен (Псевдо-Калистен), потоа „Робинсон Крусо“ на Д. Дефо, „Грофот Монте Кристо“ на А. Дима, „Чичко Горио“ и „Изгубени илузии“ на О. де Балзак, „Црвено и црно“ на Стендал, „Ругон-Макарови“ од Е. Зола, „Бел Ами“ на Ги де Мопасан, „Големите надежи“ на Дикенс, „Панаѓур на суетата“ на В.М.Текери, „Злосторство и казна“ на Достоевски… Насловот на предговорот „За класиката и лично и со љубов“, кој Тотев го напишал специјално за македонското издание, кратко и јасно ги навестуваат редовите кои придонесуваат за популаризација на врвната светска литературна класика кај широк круг читатели.

Тотев е добитник на македонските литературни награди „Рациново признание“ (2023) и „Македонски книжевен Дедал“ (2019), како и на награди за литературна критика во Бугарија. Меѓутоа, зад сиве овие информативни редови стои една исклучителна естетска и емотивна врска со современата македонска литература. Тотев за помалку од една деценија издал повеќе дела на македонски автори на бугарски јазик од сите други издавачи по Втората светска војна.

Портфолиото на неговите издавачки куќи „Персеј“ и „Изида“ содржат седумдесеттина наслови од четириесеттина современи македонски автори, ставајќи ја современата македонска проза на динамичната книжевна мапа во Бугарија.

Од каде интересот за современата македонска литература?

Пред 9 години издавачот Нове Цветановски пристигна во Софија заедно со шестмина млади македонски автори, за да ги претстави на бугарската литературна сцена. Тоа беше првиот контакт со нив, повеќето беа селектирани во потесниот избор за наградата „Роман на годината“. По преводот и издавањето на првите две книги сфатив дека се работи за огромен потенцијал. Бев фасциниран од Фросина Пармаковска и нејзиниот стил: како може толку млада жена да пишува толку добро. Во нејзината „Вишнова хроника“ најдов многу блиски спомени со моите… Тоа е смисолот на литературата, да те тера да мислиш, да донесе емоција. Соработката продолжи спонтано, па инспирирани од главниот лик на романот „Вилино“ на Винка Саздова направивме и фестивал на македонската литература во мојот родне град Ловеч. Малку претходно, кога ја промовиравме книгата на Јагода Михајловска-Георгиева во Ловеч, Винка го пишуваше нејзиниот роман. Се запозна со Вили, моја другарка од детството, и таа стана нејзина романескна хероина: Винка и во романот пишува дека насловот „Вилино“ е од Вили. Во Ловеч ги промовиравме книгите на Јагода и на Сашко Насев, и така се родија „Деновите на македонската литература“ во Ловеч…

Вие ја имате, на некој начин, привилегираната позиција да бидете критички читател на современата македонска литература. Кои се доминантните тенденции во неа?

Македонската литература ги има истите тенденции како и во останатите современи европски литератури, бугарската, чешка, романска, норвешка… Од една страна да се пишува поразлично, помодерно, а од друга страна, пак, класичен пристап на раскажувањето. Мислам дека читателите веќе се заситени со експерименталниот начин на раскажување, или постмодернистичката литература, која беше интересна во одреден момент, но потоа стана неинтересна. Во тенденциите да се биде необичен во раскажувањето – исчезна содржината, стана нејасно за што се раскажува.

Каде е современата македонска проза како ваш избор во тие тенденции?

Ги има двете тенденции, ако можеме да ги сметаме така. Едната е да се третираат проблеми кои го засегаат човекот, а има и од вечните теми какви што се љубовта, односите меѓу луѓето, или темата на пандемијата како во романот „На враќање“ на Фросина Пармаковска…

Вашата книга „Животот на литературната класика“ е поглед на светската литература од страна на страстен читател. Како настана ова дело?

Се прашував кои се вечните дела во историјата на светската литература, кои се битни во форматирањето на секој човек, без разлика на политичко-идеолошките периоди. За мене тоа се античките драми на Есхил, преку модернизмот, Достоевски, до реализмот на Ги де Мопасан и Вилијам Текери, Чарлс Дикенс… Направив избор на најзабележителните автори од секоја епоха, еден вид топ листа на 10 најважни писатели во историјата на литературата.

Денешната сеприсутност на интернетот и социјалните мрежи го одвраќа интересот на помладите генерации од читањето книги. Но, за време на промоцијата споменавте дека социјалните мрежи можат да бидат инспирација за младите да и се вратат на класичната литература?

Да, тоа беше вистинско изненадување за мене. Никако не можев да ја убедам мојата 14-годишна ќерка да чита, а татко и е издавач! Во еден момент тоа се смени благодарение на „Тик-Ток“: се појавил еден вид предизвик на таа социјална мрежа за читањето книги, и ќерка ми започна да ги чита оние дебели класични дела од по 800 страници!

Како (да) се одржува – да асоцирам на вашето име – пламенот во литературата?

Убаво е кога хобито станува професија, кога можеш нешто даработиш со страст. Моето искуство вели дека без разлика на тоа што работиш, во одреден момент работите одат по инерција, рутински, без да го внесуваш срцето, страста во тоа. А литературата за мене остана страст.

Сашко Насев ве апострофираше како „Кристофер Колумбо за македонската литература на бугарската културна сцена“, нејзиниот најголем промотер. Но, сте се нашле ли и во „Донкихотовски“ моменти на залудност во таа ваша литературна и културна мисија? Што ве исполнува во оваа работа?

Да, има нешто „Донкихотовско“ во тоа, уште повеќе што кога ја создавав мојата издавачка куќа „Персеј“ пред две децении одлучив да издавам само книги кои мене ме восхитуваат, без разлика на тоа како ќе поминат на литературниот пазар. Веќе втората книга што ја издадов беше Антологија на светската љубовна поезија, па моите пријатели ме критикуваа дека само фрлам пари во ветер со печатењето на таква книга. Но, книгата што носеше наслов „Те сакам“ и која ја правев со срце стана хит кај читателите, имаше повеќе од 10.000 продадени примероци, што никогаш не се случило со поетска книга во книжарниците во Бугарија!

Каква е денешната состојба на книжевната и книжарска сцена во Бугарија? Долго време Софија беше истакнувана како ретко кој град со плоштад на книгите, плоштадот „Славејков“?

За жал, тој книжевен плоштад веќе не постои неколку години, бидејќи градската власт реши да ги отстрани тие штандови на „Славејков“, на кои имаше и нови и антикварни изданија…

Каде отидоа книгите?

Во книжарниците, бидејќи власта рече дека таму им е местото, а не на улица! Забележуваме дека бројот на читателите се намалува, а кога тие можеа да се најдат на уличните штандови, и да не си имал намера да ги купиш, сепак тие се на дофат. Сепак, веќе неколку години наназад во поголемите градови во Бугарија со поголемите и поагилни издавачи правиме манифестации „Алеја на книгата“. Во Софија, на пример, таа е на пешачката улица „Витоша“ и за време на манифестацијата доаѓаат многу луѓе кои последниве години не влегле во книжарница!

Во ерата пред интернетот читателите ја бараа книгата. Дали сега нејзината судбина е таа да го бара читателот?

Да, го живееме тој момент. Во Бугарија се печатат многу изданија, обично пред Нова Година излегуваат и по 400 нови книги! Тиражите зависат од жанрот, се сеќавам дека пред 20-30 години некои книги доживуваат тиражи и од по 100.000 примероци. И се продаваа за една седмица! Потоа, во средината на 90-те, тиражите паднаа на 20-тина илјади примероци, а пред неколку години со пандемијата на Ковид-19 тие уште повеќе се намалија, па успех е да се продадат во неколку илјади примероци.

Треба да знаете
Moже да ве интересира