Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Микроверзум: Првата социјална игра за парови

Живееме во време кога комуникацијата се сведува на минимум, а искреноста скоро воопшто и да ја нема. Многу врски пропаѓаат токму заради тоа, многу бракови се растураат а понекогаш решението е едноставно. Најголем проблем во една врска е комуникацијата, односно некомуницирањето може да доведе до проблем, констатира Лилјана Танчева – Мехмед, креатор на картите Микроверзум – Едиција за парови, првата социјална игра за подобро запознавање на партнерите во една врска. Во кутијата има два шпила карти, односно две нивоа – перцепирање и рефлектирање. Секој од нив содржи по 60 карти, односно прашања. Правила нема. Освен безусловна искреност. Суштината е подобрена комуникација помеѓу соиграчите. Направена е за двајца партнери во љубовна врска. Низ прашањата ќе ископате подлабоко и во другиот/другите, но и во самите себе.

Трн: Ако си стигнал на ниво 2 односно Рефлектирање тоа значи дека врската со партнерот е веќе продлабочена, а ниво 1 или Перцепирање е она кога сѐ уште се запознаваат меѓу себе? Колку партнерите се подготвени да поминат на ниво 2 ?

Лилјана: Со самото набавување на играта е направен првиот чекор за подготвеноста да се помине на повисоки нивоа. И тоа е за пофалба кон секој кој посегнал кон оваа алатка за откривање на нови димензии од врската. Но, не мора да значи. Нивоата се со цел да се погледне и во личните перцепции и во заедничките. И пар во долгогодишна релација може да има различни, неискомуницирани ставови за некои нешта или состојби – и постари, „пикнати под тепих“, но и новонастанати, од секојдневни ситуации. Она што е важно е дека постои желба за разговор.

Трн: Дали има трето ниво на партнерство?

Лилјана: Треба да има, неколку. Тие се ултимативната цел на играта. Двата шпила во кутијата се само алатки да се стигне до нив. Конекција и интимност треба да се постигнат како повисоки нивоа после оваа игра. Двете нивоа се именувани како што се „Перцепција“ и „Рефлексија“ за да ги дознаат партнерите нивните гледни точки, слепи агли, превидени или некажани маки. Рефлектирањето има повеќе дефиниции. Може да е процес на осознавање, може да се случи кога ќе се постигне согласност дека е детектиран проблем. Рефлекцијата е и одразување – како перцепциите се одразиле, како траумите на личноста се одразуваат на парот… Кога во овие нивоа ќе се постигне разбирање и ќе се цели кон заедништво, тогаш доаѓа до конектирање и интимност. На сите играчи им посакувам да преминат кон овие нивоа.

Трн: Со што никогаш не правиш компромис без разлика дали си во врска или не?

Лилјана: Со личната слобода. И мојата и на партнерот и сечија. Овде се мисли на слобода во избори, во амбиции, во лично приватно време, во искажување емоции без да се има страв од тоа “што ќе мисли“, финансиска слобода, слобода на желби, мисли и ставови. Кога слободата постои како основна валута, по нејзе следи поддршката. Двете се поврзани една од друга.

Трн: Како мислиш дека оваа ментална игра ќе им помогне на паровите во решавање на нивните дилеми?

Лилјана: Играта е смислена со две цели. Првата е играчите да се потсетат да „ѕирнат во светото внатре“. И во својот, затоа што често забораваме на себе и нашите јадрени вредности, но и во светот на партнерот, да видиме што се „крие“ подлабоко во личноста која ни е драга каква што ја гледаме. Втората цел е да се биде искрен. Повторно – и со себе и со партнерот. Ако не ни се допаѓаат новооткриените или превидените детали, за време на играта треба да биде прилично добро време за мирно искажување на личните чувства и перспективи. После таа искреност длабоко во себе ќе знаеме на кое ниво е и во кој правец ќе се движи врската.

Трн: Какви промени може да донесе?

Лилјана: Може и треба да донесе многу убави нешта. Убава енергија, „храна“ за умот и срцето. Секако, доколку и двете страни се отворени за слушање со срцето. Дефинитивно ќе донесе нови информации. Нови или продлабочување на постоечки чувства од сите страни на спектарот. Правецот на промените може зависи од новите информации. Целта е да донесе повеќе љубов и зближување, себезапознавање и подлабоко запознавање на одбраната личност на начини на кои што никој друг не ги познава.

Трн: Дали тебе ти недостасуваше ваква игра, па оттаму дојде на инспирација да ја создадеш?

Лилјана: Апсолутно да. Лично, многу сакам да разговарам со блиски луѓе за прашања далеку под површината. Посебно со мојот партнер, кој има сериозен удел во поддршката и креирањето на оваа игра. Голем дел од прашањата се извадени од наши разговори и животни случки. Но, сфатив дека некогаш ни недостасува структура. И многу важно, неретко соговорниците не знаат како и што да прашаат. Сум се фатила како размислувам „мене ова никој не ме прашал“. Недостасуваше алатка за поттикнување на разговори. Побарав, не најдов во близина, дури преку „барата“. Тогаш решив дека ако нема, време е да се создаде. Секако некому ќе се најде.

Трн: Колку мислиш дека сега партнерите се искрени меѓу себе?

 Лилјана: Речиси никогаш до крај. И тоа е, донекаде, во ред. За сите нас интимноста има различно значење, понекогаш тоа се скриени ќошиња од нас, кои можеби е подобро да останат таму. Но, сметам дека денес, дури и во врските предводи егото пред заедништвото. Со сигурност знам дека одредени клучни чувства, мисли, желби, фантазии остануваат засекогаш во себе, само за да не „испровоцираат“ несогласување или потсмевање. А тоа не е во ред. Комуникацијата создава партнерство. Само треба да се слуша со срце и ум, и клучно – без дистракции.

Трн: Дали во однос на прашањата се консултираше со некој психолог или сите прашања се плод на твое искуство и анализа?

Лилјана:   Директно, при создавањето, не. Но, психолози кои ја набавија играта ја пофалија и ја нарачуваат како алатка за нивни клиенти. Се консултирав со сопственото искуство, со нашиот менталитет и со странски, милионски успешни изданија на кои светот им верува. Некои од нив се создадени од успешни психолози. Така да, индиректно „консултирани“ се одредени прашања со психолози.

Трн: Според тебе што најмногу фали во денешните врски?

Лилјана: Токму комуникација. Но, суштинска. Денеска повеќе зборуваме за баналности, други луѓе, социјалните мрежи, политички ролеркостери… Многу малку за соништа, универзумот, трауми, што нѐ дефинирало, кои се нашите погледи за иднина, кои ни се неостварени желби… Клучно во целото тоа што фали во денешните врски, е оградување од социјалните норми или преведено на нашиот јазик – она што ќе кажат луѓето. Секако, ова не важи за сите врски и за таквите сум многу среќна. Дури и за луѓе кои не ги познавам лично. Ако парот е среќен, согласен со своите заеднички избори и нишки, без разлика на определби или средини од кои партнерите доаѓаат и функционира како нуклреарна единица, социјалните норми треба да останат ирелевантни.

Александра Тодоровиќ (Трн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира