Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Спасов за 100 дена Влада: Ќе почекаат ЕУ, враќањето на името, гордоста и за сето тоа виновни се други

Професорот и поранешен амбасадор Ѓорѓи Спасов во интервју за Рацин.мк вели дека после првите 100 дена не е јасно во која насока ќе оди земјата и дека тоа е резултат на составот на Владата во која има министри подржувачи на Путин, на Самоопределување на Курти, вљубеници во Орбан и кадри од ултралевото крило на Црвенковски. Ништо чудно наскоро да ја отворат и темата за БРИКС, вели амбасадорот.

Со проф. д-р Ѓорѓи Спасов разговараше Зоран Бојаровски

Што видовме во пракса од ветени промени што ги најавуваше ВМРО-ДПМНЕ во предизборниот период?

Спасов: По 100 дена од формирањето на владата на Мицковски разбравме дека најавените и ветените промени ќе одат бавно затоа што: состојбата во земјата била многу полоша од она што тие ја очекувале, странците се мешале во нашите внатрешни работи, Бугарија немала влада, Грција немала разбирање за нашата интерпретација на Договорот од Преспа а Унгарија и Орбан ни биле единствените востински пријатели меѓу членките на ЕУ.

Заради сето тоа, ќе почека ветувањето за враќањето на името, на гордоста, достоинството на македонскиот народ, довербата во судството и зголемување на минималната плата, на платите на просветните работници, на пензиите и на условите за достоинствен живот.

Ама ќе се врати оградата пред зградата на владата, ќе им се намали данокот на најбогатите, ќе им се остават високите плати на државните функционери, ќе се оправдува луксузирањето при патувања на министрите во странство, ќе земе кредит од милијарда евра и ќе се зголеми задолжувањето на земјата, ќе се вратат кавгите со соседите, ќе се вратат меѓуетничките односи  на нивото од пред 2001 година, ќе врати споменикот на Ќосето и идејата за завршување на објектите од проектот Скопје 2014, ќе се вратат на слобода „уставобранителите“, а на власт кадрите на Груевски и останува уште само Груевски да се врати и да продолжи таму кај што застана.

Имитирајќи ја политиката на бегалецот Груевски, кој е уште подобар пријател со Орбан, Мицковски реално ризикува да му ја сервира на Груевски освоената власт на тацна. А ДУИ тоа и го посакува и на тоа ќе работи.

Владата на Мицковски, надградена и проширена во однос на претходните влади, со бројните министри, заменици министри, државни секретари, советници, и национални координатори за измислени работи е состав од кој може сѐ да се очекува. Ако се види политичката определба на министрите во неа, ќе забележите дека тоа е еден многу интересен политички мозаик. Таму има:   министри подржувачи на Путин, на Самоопределување на Курти, вљубеници во Орбан и кадри од ултралевото крило на Црвенковски. Во која насока тие ќе ја водат земјата, за сега никој не знае.

За сега битката против корупцијата на бившите функционери се води само со јавно оцрнување,  и исмејување кое е на ниво на маалско оговарање и кое е модел на казнување без почитување на презумпцијата на невиност, типично за авторитарани режими кои ја имаат контролата врз медиумите. Тоа е познато како јавен линч и заплашување.

Една од главните теми на коишто постојано инсистираат и пред изборите, а и во текот на изминатите три месеци, беше борбата против корупцијата. Дали од нагласеното говорење и истакување на оваа тема како приоритет на владата, гледате некакви конкретни резултати?

Спасов: За сега битката против корупцијата на бившите функционери се води само со јавно оцрнување и исмејување кое е на ниво на маалско оговарање и кое е модел на казнување без почитување на презумпцијата на невиност, типично за авторитарани режими кои ја имаат контролата врз медиумите. Тоа е познато како јавен линч и заплашување.

Од идеите за реформи во таа сфера за сега само објавија дека не се откажуваат од радикална смена на сите судии и обвинители, ама тој генијален потег не им го дозволувале клетите  амбасадори што се мешаат во нашите внатрешни работи.

И најново е тоа што  премиерот Мицкоски и министерот Николоски објавија дека некој им нудел поткуп за да добие тендер од владата, односно да не го поништат веќе доделениот, ама тие ниту го зеле поткупот, ниту го пријавиле сторителот, бидејќи сакале со корупцијата да се справуваат јавно. А тоа значи јавно да се фалат дека се чесни и непоткупливи, да не ги откриваат понудувачите на поткуп, и со тоа да остане сомневањето за нудење поткуп врз сите учесници на тендерот кој бил доделен.

Во „пеколното темпо“ што го најави премиерот во експозето во Собранието, кога се избираше новата влада, немаше место за евоинтеграциите и за соседските односи, но токму на тој план во изминатиот период бевме сведоци на постапки коиштио сериозно ги предизвикаа токму односите со соседите со кои долго време градевме односи за да ни бидат најсилните поддржувачи во процесот за членство во ЕУ. Зошто се случи тоа?

Спасов: Мицкоски сега на меѓународен план се вози сѐ уште на приказната дека нема влада во Бугарија за обнова на преговорите, ниту волја во ЕУ за репреговарање што тој го вети ама тој веќе ги замени членовите на Историските комисии со Бугарија и Грција со “потврди преговарачи” од наша страна.

Зеде голем кредит од пријателот Орбан и ги јакне врските со него, ја засили антиевропската реторика дома, објави дека членството на Македонија во ЕУ не зависи само од нас, што значи дека другите се виновни, и наскоро може да се очекува да  објави дека членството во ЕУ е посакувана иднина за нас, ама не треба да бегаме и од БРИКС и јакнење на односите со Србија, Унгарија, Кина и Русија.

Тажно е ако Унгарија ни останала, според зборовите на Мицковски, нашиот единствен пријател меѓу членките на ЕУ.

Како гледате на инсистирањето на актуелната влада да воспостави, како што од таму го нарекуваат, стратешко партнерство со Унгарија? Зошто сме сведоци на префрлање на фокусот на меѓународен план кон оваа земја од што може да се стекне впечаток дека, кога станува збор на за нашите пријатели од ЕУ, дека ја напуштаме конекцијата со Германија и Франција?

Спасов: Тоа уште на никого не му е јасно. Јас очекував дека кога Орбан ќе дојде во пријателска посета на Македонија, Мицковски да го праша за задравјето и за азилот на Груевски, кој во меѓувреме САД го ставија на црната листа. Мислев дека е редно или да му се изрази благодарност за таа услуга или да му се каже дека веќе кај нас не постои режим, нема политички прогон и на Груевски ќе му се гарантира фер судење, а тоа значи дека веќе не му е потребен азил и Унгарија треба да постпаи според барањето за екстрадиција.

А можеше и да го праша што беше таа работа со судените и осудените за шпионажа во корист на Унгарија кај нас и дали сѐ уште некој не шпионира во корист на Унгарија и зошто.

Или зошто неговиот амбасадор во Советот на Европа гласал за одвојување на Албанија од Македонија на европскиот пат, кога Орбан мисли дека тоа било лоша идеја.

Но, како и да е. Тажно е ако Унгарија ни останала, според зборовите на Мицковски, нашиот единствен пријател меѓу членките на ЕУ.

Нешто на што постојано инсистираше премиерот во изминатите 100 дена беше постојаното предупредување дека Македонија внатре ќе се соочи со дестабилизација. Зошто се инсистираше на таа реторика, иако еве дојде есента, за кога беше најавувана таква состојба?

Спасов: За жал, и тоа е веќе видена приказна кога ВМРО ДПМНЕ е на власт.

Македонија, со таа реторика и тој јавен дискурс, ќе запаѓа полека во политичка параноја. Власта ќе гледа секаде околу себе непријатели, ќе најавува можни дестабилизации на земјата подржани од” внатрешниот и од надворешниот” непријател, и ќе го јакне авторитарниот модел на владеење преку контрола на медиумите, и злоупотреба на полицијата, судството и буџетот.

Причините за можни протести и дестабилизација таа нема никогаш да го гледа кај себе и да ги спречува со промена на политиката. Туку ќе ги обвинува другите.

Некој друг им е виновен што без подготовки и договори  почнаа да ги чепкаат Законот за употреба на јазиците, Балансерот, Еднаквата застапеност, Законот за бранителите и што го доведуваат дури и својот партнер во владата, коалицијата Вреди, во непријатна  состојба.

Работниците ќе им бидат виновни ако се побунат заради ниските плати.

А Синдикатите ќе бидат обвинувани дека се политички инструментализирани од опозицијата и ќе прават се да им го сменат раководството.

Кога ќе наидат на било каков отпор, тие ќе говорат за дестабилизација и дека се подготвени да санкционираат и казнуваат, а не да се корегираат. Во првите 100 дена од работата на владата се препознаваат сите овие нешта и најави. Но, добро е тоа да се знае и препознава на време. Со критика и што не и се допаѓа на владата некои нешта можат да се менуваат.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново