Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ако од Скопје до Софија требаат 4 часа, а од Скопје до Солун еден час помалку, колку ли ќе трае патувањето на Македонија до Брисел?

Дали новата власт и носителите на промените се запрашале барем еднаш кои ќе бидат последиците по државата и по она во кое барем на збор се колнат – македонскиот идентитет, од провокациите кои ги прават и непочитувањето на договорите, односно од изложувањето на несакани странски вмешувања и разградување?

Андреја СТОЈКОВСКИ

Пред малку повеќе од шест години, во средината на мај 2018 година, во Софија, како дел од Бугарското претседателство со Европската Унија се одржуваше Самитот ЕУ – Западен Балкан. Паралелно со официјалниот настан, во Националниот дворец на културата (НДК), се одржуваше серијал настани на граѓанското општество. Еден од ко-организаторите беше Европскиот совет за надворешни работи (ECFR) од Софија, кои ме поканија како учесник на една од дебатите. Иако оддалеченоста на Софија од Скопје е само 250 километри, патувањето трае приближно 4 часа. За илустрација, оддалеченоста помеѓу Солун и Скопје е 10 километри помала, а се патува едвај 3 часа. Додека, помеѓу Белград и Скопје има 440 километри и се патува приближно 5 часа. Не сакам ниту да почнам да зборувам за оддалеченоста помеѓу Скопје и Атина, Скопје и Тирана, или Скопје и Приштина.

Беше предвидено дека дебатата ќе започне рано. Оттаму, немав можност за утринско патување и во Софија стигнав претходното попладне. Тоа значеше можност за дополнителни разговори со многуте колеги од граѓанското општество. Бевме собрани од цела Европа, а тоа сепак беше точно утврдена и одамна позната група на евро ентузијасти и застапници за проширувањето на Европската Унија. Дебатата помина навистина интересно. Еден од говорниците беше тогашниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, кој во своето обраќање реферираше на тогашната германска канцеларка, Ангела Меркел и на нивното блиско пријателство, а патем ми одговори или долеа масло вечната дилема за причините на ужасната сообраќајна поврзаност помеѓу Скопје и Софија.

Веднаш по завршувањето на настанот, со колешката со која патувавме заедно тргнавме назад за Скопје. Ни се придружија уште две колешки. Едната од граѓанското општество, а втората од Министерството за надворешни работи која тогаш беше на висока позиција во министерството, а денес е амбасадорка во една од државите членки. Знаевме дека во текот на денот, на маргините на самитот, ќе се одржи билатерална средба помеѓу македонскиот и грчкиот премиер, Заев и Ципрас. Додека го изминувавме патот до границата, средбата беше во тек, а некаде по Крива Паланка, стигна известувањето дека средбата завршила и ќе започне прес конференција. На прес конференцијата не беше соопштено решението за Договорот од Преспа, но беа исцртани контурите за договорот кој беше потпишан еден месец подоцна. Како за човек кој го вложил, или веќе 25 години го вложува целиот свој професионален капацитет за евроатланските интеграции. Како за некој кој израснал со свеста за македонската битка за државност. Впрочем, како и за родител кој сака неговото дете да има иднина во сопствената држава, за мене тоа беше исклучително емотивен момент. Значењето на договорот беше повеќестрано, слично на оценката која ја даде 45тиот Претседател на САД, Доналд Трамп како „…историски најголемото достигнување на Балканот по Дејтонскиот договор…“

Значењето на Договорот од Пресоа беше повеќестрано, слично на оценката која ја даде 45тиот Претседател на САД, Доналд Трамп како „…историски најголемото достигнување на Балканот по Дејтонскиот договор…“

Неколку месеци претходно, на почетокот на февруари 2018 година, исто така патував за Софија. Тогаш, заедно со еден драг пријател и колега бевме на една дебата посветена на еден друг договор, на соработката помеѓу државите од Западен Балкан и соработката со Европската Унија. На настанот, повторно во организација на ECFR, заедно со тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева говоревме за успехот на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка посочувајќи го значителниот пораст на обемот на економската соработка и размената помеѓу двете држави. За потсетување, но и за илустрација, само во првите шест месеци од потпишувањето на договорот, трговската соработка помеѓу Македонија и Бугарија порасна за 17%. Се разбира, потоа следуваа изборни циклуси во Македонија, потоа во Бугарија, па повторно во Македонија и потоа неколку пати во Бугарија што преку наративот на двете страни од границата, преку повеќе дејствија на политичките субјекти и институциите не доведоа во позицијата во која што сме денес.

Договорот за добрососедство беше само политички договор, истиот имаше безброј пречки на патот на неговото целосно исполнување, но донесе и прикажа, барем во извесен период од неговата имплементација реален економски бенефит. Дополнување на ваквиот придонес можеме да бараме во моментот на решавањето, или почетокот на решавањето на уште едно важно национално прашање. За потсетување, Договорот за добрососедство, пријателство и соработка беше потпишан на 01 август 2017 година, а на 09 ноември 2017 година, или само 3 месеци подоцна, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) писмено се обрати до Бугарската православна црква со барање за воспоставување на црковно единство и понуда за возврат МПЦ-ОА да ја прифати БПЦ за мајка црква. Писмото во името на САС на МПЦ-ОА го потпиша поглаварот г.г. Стефан.

Сѐ уште не ми е јасно како синодот во кој членуваат неколку изразени „патриоти“, архиереи кои упорно се борат против „разнебитувањето“ на македонскиот народ од неговите надворешни непријатели, се согласил со ваквото писмо!? Сепак, неколку години подоцна, неколку јасни активности на црковната дипломатија и неизмерна поддршка на владата, на 09 мај 2022 година, Вселенската патријаршија ја прими во канонско, црковно, единство МПЦ-ОА. Одлуката на Вселенската патријаршија исцрта неколку важни точки во идниот развој на нашата црква, а веројатно најзначајниот, оној на кој сакајќи или не, забораваме, признанието на црквата како Охридска архиепископија со нејзината 1000 годишна историја и црковно опишани граници. Иако приемот во црковно единство не беше договор, сепак беше историски настан кој го заокружува нашето осамостојување и ја јакне идентитетската посебност. Се разбира, за автокефалноста на црквата ќе треба допрва да се одлучува. Тука имаме и ние неколку работи што ќе треба да ги сториме. Но, директна последица на одлуката на Фанар е прифаќањето, на 05 јуни, истата, 2022 година, на црковната автокефалност од страна на Српската православна црква.

Договорот за добрососедство, пријателство и соработка ги стави во фокусот односите помеѓу двете соседни држави и сакале да признаеме или не, претставуваше патоказ за надминување на билатералниот спор и за стратешката определба, членството на Македонија во Европската Унија. Дури и правецот на движење што го изгубивме во напливот на националистичкиот наратив на постојаното предизборие од двете страни на границата може лесно да биде повратен преку „францускиот предлог“ и Преговарачката рамка, односно преку уставните измени. Од другата страна, Договорот од Преспа го разреши најдолготрајниот меѓудржавен спор од регионот, ги стави во фокусот и граѓаните на двете држави, а даде придонес и за демократијата во регионот, како и за регионалната безбедност. Обата договори имаат надворешно-политички фокус, бидејќи решаваат некој билатерален спор. Толку ни е на сите јасно. Обата договори ја заокружуваат државноста и ја јакнат идентитетската посебност на македонците. Тоа можеби не им е најјасно на сите, но е сепак полесно видливо. Она за кое сме најмалку свесни е оној, далеку позначаен домашен, чилинг (chilling), или ефект на внатрешно смирување. Надминувањето на надворешните спорови овозможи целото општество, сите, најпрвин Македонци и Албанци, но и другите да се фокусираат на напредокот и обезбедувањето на иднина за нашите деца дома. Овозможи да ги надминеме поделбите и да зборуваме за „Едно општество за сите“. Анализата за тоа колку ја искористивме оваа можност, колку вистински бевме посветени е за некоја следна колумна.

Надминувањето на надворешните спорови овозможи целото општество, сите, најпрвин Македонци и Албанци, но и другите да се фокусираат на напредокот и обезбедувањето на иднина за нашите деца дома. Овозможи да ги надминеме поделбите и да зборуваме за „Едно општество за сите“.

Шест години подоцна, договорите кои ги потпишавме и кои требаше да ни го означат патот до целосно евроатланско интегрирање беа постојано оспорувани од тогашната опозиција. Оспорувањето сепак беше нешто што можеа да го чинат додека беа опозиција. Речиси и да немаше јавен настап на некој од претставниците на идната власт во кој не се зборуваше за поништувањето или промената на некој од договорите. Од 08 мај, просторот за политички авантури е намален, а од 12 мај, тој простор веќе воопшто го нема. Избраната претседателка, како и премиерот во најава ќе мораат да се придржуваат до договорите или да ризикуваат целосна изолација на државата. Руската инвазија врз Украина создаде нова реалност, а европските лидери истата ја препознаа и посветено работат на проширена Европска Унија до 2030 година. Наместо да се откажуваме пред да започнеме, наместо да паѓаме очекуваме подобри времиња, да го искористиме подобро времето што го имаме. Точно, анализата колку досега сме ги користеле можностите е релевантна. Таа треба да се направи, но тоа не смее да не спречи да продолжиме по утврдениот пат. Затоа, порелевантни се прашањата дали новата власт и носителите на промените се запрашале барем еднаш кои ќе бидат последиците по државата и по она во кое барем на збор се колнат македонскиот идентитет од провокациите кои ги прават и непочитувањето на договорите, односно од изложувањето на несакани странски вмешувања и разградување? Се запрашале ли каков ќе биде ефектот врз општеството од недостатокот на интеграции и од отворањето на теми кои одамна ги сметаме затворени? Се запрашале ли барем еднаш архиереите каде бевме ние и што ќе беше со нас ако немаше црковно единство и Вселенскиот патријарх не ја призна и препозна нашата посебност? Се запрашале ли што не  прави нас канонски за да одбиеме да им го признаеме и препознаеме на Украинците истото право за кое толку долго мечтаевме?

Повторно е мај. 25 мај, некогаш, во поранешна СФРЈ, беше ден на младоста. 24 мај беше Ден на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј и Ден на словенската писменост. Според информациите од МВР, речиси 15.000 македонски граѓани ја поминале државната граница и заминале на продолжен викенд во Грција. Во исто време, според други податоци од приватни истражувања и од медиумите, приближно 90.000 македонски граѓани имаат бугарски пасош. Многумина од нив се наоѓаат на работа или студии во некоја од државите членки на Европската Унија. Според Пописот од 2021 година Државниот завод за статистика го утврдил резидентното население на приближно 1,85 милиони жители, што претставува намалување од приближно 0.2 милиони жители споредено со пописот во 2002 година. Исто така, со пописот беше утврдено дека приближно 260.000 жители престојуваат во странство подолго од една година. Бројката може да биде и поголема, ако се земе предвид дека оваа категорија беше предмет на само пријавување. Своевремено еден исклучително луциден граѓански активист рече: „Интеграцијата е неминовна. Или Македонија ќе стане членка на Европската Унија, или ние самите, индивидуално ќе заминеме таму.“

Moже да ве интересира