Полуанализите и полувистините придонесуваат за јакнење на евроскептицизмот кај нас и од еден Институт кој пледира дека е објективен и независен се очекува поголема доследност и компетентност која треба постојано да се потврдува низ длабоки и сеопфатни анализи на сите варијабли.
Тони ПОПОВСКИ
Изминатата седмица беа промовирани две публикации на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје, чија изработка е поддржана од германската десничарска Фондација „Конрад Аденауер“.
Првата публикација е насловена „Европа во криза. Последиците врз јавното мислење во Северна Македонија“. Во неа се опфатени наоди и анализи од телефонска анкета на репрезентативен примерок од населението, спроведена во втората половина на ноември, минатата година. Авторка на публикацијата е помлада истражувачка на институтот.
Поради ограничениот простор, само еден кус осврт на два наоди кои се очекува да дадат суштински придонес во јавната дебата на теми кои сите не засегаат и за кои треба да создадеме општествен консензус и кохезија.
Првиот наод е дека „Две третини од вкупниот број на испитаниците (65%) не се согласуваат со уставни измени неопходни за комплетирање на фазата за отворање на преговорите за членство. Следено според етничка припадност, цврсто мнозинство од 80% на етнички Македонци се против уставни измени. Додека пак, 53% од испитаниците идентификувани како етнички Албанци даваат поддршка на уставните измени“. Поставеното прашање е „На патот кон ЕУ дали сметате дека Северна Македонија треба да направи промена на уставот преку вметнување на нови малцинства вклучувајќи го и бугарското малцинство?“. Доколку ова прашање не биде проследено барем со уште едно поврзано прашање, има реален ризик да дојдеме до изолиран, и сам по себе наведувачки наод. Начин тоа да се избегне е на пример, дополнително да се праша „ Дали сметате дека блокираниот пат кон ЕУ поради неспроведени уставни измени ќе обезбеди споредбено поголеми развојни придобивки и подобри перспективи за населението во Северна Македонија“. Анкетирањето за политички прашања е полезно само доколку сознанијата помагаат за попрецизно утврдување на придобивките и ризиците од политичките одлуки. Тоа сознание не можеме да го изведеме од изолиран наод.
Наредниот наод е дека „Силно двотретинско мнозинство (69%) вели дека измени кои предвидуваат историска ревизија не се прифатливи на патот кон Европската Унија“. Поставеното прашање е „На патот кон ЕУ дали сметате дека Северна Македонија треба да направи историска ревизија?“. На прашањето, 81% од испитаници Македонци одговориле негативно. Прашањето е не само наведувачко туку е хипотетичко и неповрзано со усвоената рамка за преговори. Наведувачко е поради отсуство на дополнително прашање, како во претходниот случај. Повторно недостасува обид да се утврди перцепција на населението за придобивките и ризиците. Па оттаму, за да дојдеме до подлабоки, а со тоа и корисни сознанија треба да поставиме барем уште две прашања: „Дали се согласувате со препораката на ООН (или попрецизно УНЕСКО) дека историските наративи треба да придонесат за продлабочување на меѓусебното разбирање, помирување и дијалог меѓу нациите и народите“ и „Дали сметате дека реципрочна корекција на историски наративи кои се восприемаат како провокација или навреда, ќе придонесе за добрососедски односи, пријателство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија“. Единственото поставено прашање е хипотетичко бидејќи никаде експлицитно не се бара “историска ревизија“, а уште помалку еднострана ревизија. Терминот „историска ревизија“ го нема во рамката за преговори, ниту го има во билатералниот Договор со Бугарија. Со билатералниот договор е воспоставена заедничка, а притоа стручна Комисија за историски и образовни прашања. Рамката ги спомнува билатералните договори во контекст на „добрососедството“ како критериум но навлегува во детали за операционализација. Дека услов на патот кон ЕУ е еднострана историска ревизија е шпекулација која сериозни истражувачи треба да ја избегнуваат.
Помладата истражувачка во Институтот, пред да премине кон презентирање и анализа на наодите дава преглед на политичките случувања. Во него не прави разлика помеѓу иницијалниот (кој беше експлицитно и ургентно одбиен од нашето водство) и ревидираниот француски предлог кој прерасна во европски предлог. Европскиот предлог го квалификува како „билатерализиран“ предлог во кој се прифатени голем дел од бугарските барања и следствено како преседан бидејќи наводно билатералните прашања до „нашиов“ случај биле изоставувани од рамките за преговори. Ова гледиште е конзистентно со гледиштето на Институтот во периодот на јавната дебата за европскиот предлог, па се до денес, и истото се преклопува со гледиштето на опозициските партии во македонскиот камп, покрај гледиштетото на помалите партии во владата, во меѓувреме една од нив ја напушти Владата. Марко Трошановски како Претседателот на Институтот, промовирајќи ги двете публикации потенцира дека „резултатите покажуваат дека кредибилитетот на ЕУ закрепнува односно бележи значително подобрување во споредба со претходната година како од аспект на влијание така и од аспект на сојузништво. Но, оваа перцепција не е проследена со пораст на спремноста да се влезе во ЕУ која со години наназад е разбирливо опадната, а притоа вината е во самата Унија особено со поларизацијата што ја создаде преговарачката рамка“.
Оваа позиција на Институтот заслужува барем две начелни и добронамерни укажувања. Прво, дека од политиколошки аспект е неодговорно целосно да се игнорира безбедносната варијабла која според мене го дообликува европскиот предлог. Предлогот се создаваше во период кога Руската Федерација започна воени дејствија во Украина. Во контекст на оваа војна, европскиот предлог ја зема предвид и фрагилната и фрагментирана политичка сцена во Бугарија, каде најгласните приврзаници на ветото беа и се партии чија понуда е насочена кон русофилскиот сегмент на избирачкото тело. Од таа причина, со европскиот предлог се спроведе и „меко приземјување“ од радикалната рамковна позиција на бугарското Собрание. Имајќи го ова предвид, почесно е да се заклучи и јавно да се каже дека војната во Украина имаше неповолно влијание врз примената на „златен стандард“ во формулирање на рамката отколку да се обвинува ЕУ и Владата на Северна Македонија за непринципиленост, а вторите и за наводна сервилност. Настрана и целосниот недостаток на внатрешно политичка и безбедносна анализа на сценарио во кое ние го отфрламе европскиот предлог и остануваме во чекална, а притоа Албанија напредува. Токму вакви полуанализи, полувистини придонесуваат за јакнење на евроскептицизмот кај нас, и додека нивната употреба е донекаде „нормална“ во внатре-политичкиот натпревар, сепак од еден Институт кој пледира дека е објективен и независен, барем јас очекувам поголема доследност и компетентност која треба постојано да се потврдува низ длабоки и сеопфатни анализи на сите варијабли.
Поврзано со ова и два деманта на тврдењата на Институтот. Не се работи за европски преседан на рамката, бидејќи засебно поглавје за билатералните односи има во рамката на Србија, а поврзано со односите со Косово, и го имаше како барање во образложението на Владата на Бугарија на рамковната позиција, но го нема во европскиот предлог. Нема посебно поглавје од каде би можеле да се изведуваат историско – идентитетски одредници. Дека не се прифатени голем дел од барањата на Бугарија (контра наод), може да се прочита и во Извештајот кој МНР Генчовска го сподели со пратениците во бугарското Собрание. Ова се однесува и на формулата со засебни правно необврзувачки, издвоени изјави поврзани со македонскиот јазик (во практика потврдено и со потпишувањето на Договорот со Фронтекс на македонски јазик) како и со прифаќање од бугарска страна, Акцискиот план за остварување на човековите права и слободи како дел од Патоказот на поглавјето за владеење на правото да биде составен од македонската Влада. Мојава добронамерна критика, сепак би ја завршил и со признание за Институтот, а поврзано со објавувањето на исклучително полезната публикација „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2022)“ подготвена од страна на професорот Иван Дамјановски. Оваа публикација претставува драгоцено четиво за сите политички истражувачи кои поблиску работат на нашите европски интеграции.