Пензионерите не се проблем во оваа држава, особено не се единствениот проблем како што некои се обидуваат да го претстават. Пензионерите не се само бројка. Мора да ги разгледаме сите аспекти и да размислиме за сите идни пензионери. Мора да има широка дискусија за оваа тема.
Љуан ИМЕРИ
Најавата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години предизвикува многу реакции. Слушаме многу аргументи, дебати, анализи и логики за и против овој предлог. Некои од нив се многу добри и легитимни, без разлика од која страна доаѓаат. Едни ја оправдуваат оваа мерка, други ја напаѓаат.
Сите се согласуваат барем во една работа: предлогот е дискутабилен! Некои го сметаат овој предлог како нефер кон идните генерации кои наскоро треба да се пензионираат, нефер за оние кои работеа илјадници прекувремени и неплатени часови, за оние вработени со најниски плати, за оние што работат тешки и макотрпни работи, за оние кои работеа во нестабилни времиња, времиња на големи инфлации и девалвации. Други сметаат дека пензионерите кај нас едноставно нема да имаат доволно време да уживаат во своите пензионерски денови. Трети ја гледаат економската оправданост.
Но, замката во која паѓаат речи си сите, и експертите и политичарите е во тоа што и едните и другите ги гледаат луѓето само како бројки, односно како објект, а пензионерите како (единствен) проблем во државата.
Се разбира бројките се многу важни, но сепак анализите и дебатата мора да бидат многу посуштински и да се расчленат за што е можно повеќе категории вработени. Бројките сами по себе не ја раскажуваат целата приказна. Понекогаш и исклучоците можат да бидат многу важни и да укажуваат на нешто значајно. Се разбира дека не може секогаш сите различни вработени да се третираат исто. Секоја одлука мора темели на човековите права и достоинството на човекот. Тоа е темел на слободата, правдата и мирот.
Кривата на животот како концепт кој го опишува текот на животот на една личност, од раѓање до смрт, не е иста за сите. Најраспространетото разбирање за животот е дека ние се раѓаме, се образуваме, работиме, се пензионираме и на крај умираме. Па, ако ги читаме експертите, односно ги гледаме само бројките, тие ни укажуваат на тоа дека нашиот животен век е околу 73 години и според овој предлог за пензионирање на 67 години, тоа би значело дека ние ќе може да ја користиме пензијата нешто повеќе од 6 години. Тука би сакал да додадам една димензија: не само колку туку и како ќе живееме?
Ако се гледаат само бројките, може да ни избега и фактот дека сепак, за повеќето пензионери животот продолжува и по 73-тата година. Ако ја преставиме графички кривата на животот која обично вклучува фази како детство, младост, зрелост и старост и притоа знаеме дека секој од овие периоди има свои карактеристики и предизвици, може да заклучиме дека најголемите предизвици најчесто доаѓаат во последниот период. Тогаш ни е потребно најмногу помош. Но исто така мора да бидеме свесни дека таа крива, поради многу фактори, не е иста за сите, односно се повеќе истражувања покажуваат дека како што расте очекуваниот животен век, така се менува и оваа крива, односно за многу луѓе таа крива во одреден момент станува права, хоризонтална линија (најчесто после 65-тата година од животот). Често се случува многу луѓе да ги живеат своите последни години (а тоа може да биде и над 20 години после пензионирањето) во агонија предизвикана од болести, социјална исклученост и неквалитетен живот.
Во оваа дебата често пропуштаме да коментираме низа значајни елементи, како на пример квалитетот на живот. Тој е особено важен при донесувањето на една ваква одлука. Во нашата земја финансиската стабилност на луѓето над 65 години е значително загрозена. Здравјето е нарушено, а одржувањето на социјални врски со семејството и пријателите, како и учеството во заедницата, е доведено до минимум. Самата држава не нуди речиси никакви активности кои даваат смисла и цел на животот во староста (како што се хобија, патувања, учење нови вештини или можности за волонтирање). Живееме во непријатна и небезбедна животна средина која не ни овозможува да уживаме во преостанатото време. Поради лошиот квалитет на живот, здравствените проблеми ќе стануваат почести, ќе имаме помалку време за уживање во хобија, патувања и време поминато со семејството и пријателите, а ако сакате, и помалку време да бидеме со нашите внуци. Државата не прави доволно за да го подобри квалитетот на животот, односно остава многу можности кои го загрозуваат нашиот живот, а притоа нė тера да работиме се повеќе. Се сеќавате на зборовите на Бертолд Брехт: „Постојат повеќе начини да се убие човек. Некому може да му се забие нож во стомак, некому да му се одземе лебот од уста, некој да не се излечи од болест, некој да се принуди да живее во лоша куќа, некој да се натера на самоубиство, некој да се истошти со работа, некој да се поведе во војна… само по нешто од сето ова е забрането во нашата држава“.
Ако ги гледаме само бројките, нема да ги видиме жените кои, иако имаат нешто подолг животен век споредбено со мажите, и кои се соочуваат со специфични предизвици кога станува збор за пензионирањето, како што се разликите во платите, времето поминато надвор од работната сила заради грижа за семејството. Многу жени прават паузи во кариерата за да се грижат за децата или старите родители, што влијае на нивните пензиски придонеси. Како резултат ќе имаат и пониски пензии. Забораваме и дека целиот систем на вредности во нашата земја е таков да поддржува и создава економска зависност на жените.
Забораваме и на дискриминацијата на работното место кое може да ги ограничи можностите за напредување и зголемување на платите. Многу луѓе од маргинализираните групи имаат пониски приходи за време на нивниот работен век. Најчесто овие лица работат во нестабилните работни места и несоодветни услови во неформалната економија.
Пензионерите не се проблем во оваа држава, особено не се единствениот проблем како што некои се обидуваат да го претстават. Пензионерите не се само бројка. Мора да ги разгледаме сите аспекти и да размислиме за сите идни пензионери. Мора да има широка дискусија за оваа тема. Дури и да мора да донесеме една ваква одлука, таа мора да биде донесена во услови на општествен консензус а идните пензионери мора да имаат право на избор. Сите вработени треба да имаат право да изберат дали сакаат да заминат во пензија со 62, 65 или 67 години. Можеби како прв чекор е да се размисли во насока на поставувањето на долната и горната граница за пензионирање. Притоа, паралелно мора да се работи на подобрување на квалитетот на животот.