Политички дијалог а ла Мицкоски

Мицкоски не го крие својот националшовинизам. Напротив, како што се приближува времето за државнички одлуки на македонските пратеници за европската иднина, така и тој е сè понервозен. Национализмот му е последното прибежиште на секој политичар од неговиот вид. Некритички, како да се огласни табли, поголем дел од медиумите му даваат отворена платформа да го шири својот националшовинизам, а со тоа да ги разгори страстите кај луѓето и да изврши притисок врз пратениците на партијата што ја води.

За што се работи? Премиерот Ковачевски, воедно и лидер на владејачкиот СДСМ, повика на лидерска средба за политичките процеси и иднината на ЕУ интеграцијата. Се подразбира, главното прашање се уставните измени за внесување на бугарското и неколку други малцинства во преамбулата на Уставот. Дотука, тоа е една вообичаена постапка во демократска земја во која политичкиот дијалог е редовна појава. Но само дотука.

Мицкоски ја искористи поканата за политички дијалог за валкан политички маркетинг. Кажа дека прифаќа лидерска средба, но само во четири очи. Националистичкиот драјв на неговата игра се гледа во неговите изјави и коментарите во медиумите и социјалните мрежи во кои главната поента е дека Ковачевски се плаши од средба во четири очи, особено затоа што, наводно, „чека одобрение од Али Ахмети“, лидерот на коалицискиот партнер во власта, ДУИ.

„Цела седмица гледаме една сапуница, каде со доза на напнатост од страна на медиумите се дознава дали премиерот ќе испрати официјална покана за лидерска, па потоа дали Али Ахмети ќе се согласи Ковачевски во четири очи да разговара за иднината на својата држава“, ќе рече Мицкоски во Кавадарци и ќе го повтори тоа на неколку други места.

Ковачевски се плаши од Али Ахмети – е заклучокот што треба да го извлече јавноста од изјавите на Мицкоски и од коментарите во медиумите на кои кокетирањето со радикалниот национализам не им е туѓа медиумска практика.

Во приказната, всушност, Македонецот се плаши од Албанецот „да разговара за иднината на својата земја“. Тоа е наративот кој се шири како шумски пожар веќе со години. Со други зборови – Македонија на Македонците. Сите останати се гости во оваа земја, кои немаат право да се занимаваат со државни прашања. За жал, кон националистичката хистерија што ја шири Мицкоски и еден дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, од минатата година (антиевропски протести), отворено му се придружија интелектуалци, уредници и лидери во граѓанскиот сектор. Пишувавме и говоревме на оваа тема, а за тоа јасно проговори и претседателот Пендаровски.

Има и една донекаде комична димензија на однесувањето на Мицкоски на сцената. Поканата за политички дијалог за клучни процеси во земјата, Мицкоски ја сфати некако лично, па така и ја прифати. Тој уште еднаш покажа дека политичкиот дијалог на кој го покани првиот човек на власта во земјата го разбира како приватна работа.

Се согласува на лидерска средба, но само во тет-а-тет формат и точка. Изгледа не разбира или не сака да разбере дека тоа покажува и недостаток од демократски капацитет. Со тоа што прифати само средба во четири очи, Мицкоски не само што ги исклучи сите останати политички лидери, туку ја исклучи и својата партија. Во општество во кое се негуваат демократските вредности, ваквото однесување би било неприфатливо, а за членовите на раководството на неговата партија и – крајно навредливо.

Што се однесува до постапката, освен тоа што има употребна вредност само во националистичка кампања, а е навредлива за сите останати политички ентитети, вклучително и неговата партија, инсистирањето на средба во четири очи може да упатува и на страв. Што е тоа што Мицкоски може да го каже во средба само со еден човек, а му е страв да го каже во присуство на други политички лидери?

Понатаму, не е далеку ни помислата на тоа дека Мицкоски можеби има намера да го уцени или да му се закани на премиерот. Јавноста не доби ниту една причина да верува во чесните намери на вмровскиот шеф, по сите навреди и говор на омраза што го истури во изминатите години, а особено откако земјата, по 17 години чекање, се приклучи на брзата лента кон ЕУ.

Лидерската средба се претвори во пародија уште пред да се одржи. Мицкоски мисли дека поканата му даде простор за манипулации и пропаганда, но целата приказна околу учеството на Мицкоски во клучните процеси се претвори во бесмислица. Блуткава смеса од евтин популизам. Но наспроти сета гротеска, не треба да занемари дека се работи за жесток национализам и силна антизападна кампања со – потенцијално – големи последици по интеграциските процеси на земјата.

Не смее да се занемари и прашањето за демократскиот капацитет на шефот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски целосно ја потцени (сега веќе сосема заслужено во наводници) „лидерската средба“. Тој со денови неуморно повторува дека ја прифатил средбата за да му каже на Ковачевски дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени. Раскажа во детали што ќе му каже на Ковачевски. И дека ќе го прашал што мисли да прави откако нема да успеат уставните измени и дека после тој неуспех треба да падне владата. Останува прашањето – каква смисла има лидерската средба по сиот циркус што го приредува Мицкоски. Едноставно, било каква средба нема логика, кога веќе се познати сите ставови на „соговорникот“.

Информиран човек, свесен за националните интереси и за тоа каде припаѓа и каде (треба да) се движи Македонија, не може да го прифати ваквото деструктивно однесување во политиката.

Извор: CivilMedia
Moже да ве интересира