Се надевав дека во очигледниот архетип на наметнатава црвенкапска приказна родителите ќе ја преземат улогата на ловецот што ги спасил бабата (една вистинска стратегија) и Црвенкапа (образовните работници и заинтересираната јавност). Но, нема глас од нив и затоа сега е јасно дека тие не се луѓето на кои им е важно успехот да биде чесен, наместо надуен („поголем”).
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Немање визија и најосновна стратегиска мисла – тоа е одлика на бирократски апаратчик, минион кој не се замара. За ваквите, 44 страни од опевања на некое идеално образование што сигурно не е оттука и што е за беспари супер-хипер-екстра, се вика „Концепција”.
Да е навистина концепција, би била толку кратка од јасност на целта, што би можела да застане на половина страна! Останатиот дел би бил оправдување на таа цел преку докази од бројките на тековниов систем, преку лоцирањата на проблематични и позитивни точки на истиот, преку конкретен план за исполнување на законската должност за вистинска инклузија, а не избегнувања и лажни приправања како во таканаречената „Концепција”, а секако, сосе финансиско планирање за сѐ! Наместо тоа, добивме приспивни песнички за ѕвезди и месечини во некое фантазерско „образование”!
На 44 страни, Бирото за развој на образованието составило сон, корпичка со Гирардели колачиња, крцкава пита и кралско вино за идеалното образование и ја повика јавноста 15 дена да бере цвеќенца во шумата. За тоа време примале писма во електронското сандаче наречено – javnadebata. Многу контроверзно сандаче: ем „јавна дебата”, ем затворено, нетранспарентно, со необјавена содржина. Писмата си ги нарекоа „дебата”, оти може волкот да нѐ изеде ако сите дискутанти си ги видат дискусиите едни на други транспарентно, а чувај боже и други може да ја видат сета „дебата”!
И, на 16-тиот ден, министерката пред наши очи го лапна целото сандаче javnadebata, одеднаш, на екс. Го изџвака пред медиумите, онака гласно и со задоволно мљацкање како ќе ја бранела „Концепцијата” (а каде се авторите?), но и подждригна порака дека сѐ е ок: „Концепцијата” е – модернизација! Едно „бррп” беше вакво:
„…Истражувањата покажуваат дека и наставниците и учениците ја препознаваат потребата од промени,…”
А да ги видиме тие истражувања? Немој само сондажата на најмладите гимназијалци со наведувачки прашања!
„…особено во насока на модернизација на наставните програми…”
Програми? Каде се програмите?! Да му се слоши на човек од толку подждригнувања грешки и незнаења, на пример очигледното незнаење што е наставен план, а што наставни програми кои во „концепцијата” нормално дека ги нема. Модернизација? – „Заостанатите” предмети логика и етика, изгледа немодерни за оваа министерка – се бришат, а изгледа за така-така „заостанатава“ филозофија е дадена можност да се избегне! Математиката пак по старо – најмалку часови од сите ЕУ земји, а и Србија!
Стигнуваме до продавањето магли за изборност на предмети:
„…можност за избор на предметите, воведување современи методи на учење и оценување, како и унапредување на вештините релевантни за 21 век…”. Секако, секако, но ви текнало ли да проверите какви се методите за учење и оценување или така само – од тепка? Ако треба обучување, камо план и финансирање или ќе ги терате наставниците со и онака мали плати сами да си плаќаат за обуки од свој џеб? За вештините релевантни за 21-ви век, со онака назадно „организирана” „дебата”, па и децата веднаш гледаат дека си имаат работа со назадна клика што поим нема што зборува.
Изборност на предмети со нееднаков мисловен напор води во масовен неизбор на напредна математика, физика, хемија, можеби и биологија, а ваму – куп паралелки од историја и географија. Не е ова градација на „важност“ на предмети, затоа што еден ученик со гимназиска матура би морал да ги знае сите овие, плус латински, плус филозофија, итн.! Добро ја познавам таа лага наречена „изборност” и тврдам дека изборноста во „Концепцијата“ е празен збор зад кој е скриено затапувањето на нацијата. Правејќи систем во кој предметите што бараат повеќе меморија отколку логос им конкурираат на повисоката математика, физиката и хемијата, не само што се релативизира (практично – деградира!) трудот за градење на индуктивни и дедуктивни вештини кај ученикот, туку и се создава лоша клима меѓу учениците, но и меѓу наставниците, бидејќи некој за иста оценка се мачи помалку, или пак некој е преоптоварен, а некој порелаксиран. Настрана што предметите кои поинтензивно бараат меморија, а не толку логос – се поедноставни за препис на писмените проверки на знаења. Кратко речено, оваа дилетантска „Концепција” практично диригира да се избегнуваат патеките на природните науки и напредна математика, грдо и неосновано создава клима на ривалство меѓу наставниците, а секој ученик што ќе се нафати да избере физика, хемија или напредна математика би добил иста или помала оценка, и тоа со доста поголем мисловен напор отколку другарчињата што избрале географија и историја!
Доколку, пак, наставниците од предметите по предметите што бараат повеќе логос, заради неизборноста доживуваат неповолности заради помалиот избор (барање часови по други школи, помала плата итн.) тогаш оваа „Kонцепција” се стреми да ги претвара самите наставници во Топшоп рекламери на своите предмети на најпонижувачки можен начин. Уште повеќе, бидејќи рекламите никогаш не успеваат во присуство на законот за избор на помал напор при ист резултат, наставниците од мисловно понапорните предмети би ги сосекле сами критериумите. И така, нацијата станува глупава, проста и со тоа, нехумана и назадна – со тапија!
Но, тоа не е сѐ! Дали беше моментот за плачење или смеење од одговорот – не знам, но сепак после прашањата – каде е логиката, каде е етиката, дојдовме и до прашањето:
„Концепцијо, концепцијо, зошто ти е толкава изборноста”?
„За да биде поголем успехот!” – брпнува министерката цела замотана во „Концепцијата”. Да, успехот ќе биде бројчано поголем кога е изманипулиран кон пониски критериуми. Со таканаречената „изборност“ се врши всушност некој вид на картелска уцена на наставниците од предметите што бараат многу логос и коишто се слаба точка на државно ниво – за да направат гола вода од критериумите по диктатот на „изборниот модел”. Но тој „поголем” успех нема да е вистински.
Всушност, успехот на учениците веќе е супер! Се препишува на тестови, се пробиваат матури, масовни свидетелства со чисти петки, неформално се уценуваат наставници за оценки, се вршат повеќе облици на притисоци врз нив за незаслужена оценка плус, работното место им е вејка на ветрот, нема задолжителна матура од математика, нема приемни испити, системот понатаму во високото образование е финансиски условен со квантитет наместо со квалитет… А оваа „концепција” уште и ќе ја отсече главата на општеството – ниту ќе ги бива децата за факултет, ниту да фатат струка, занает. Во име на „поголемиот успех”!
За оној кој ги знае стапиците на високата изборност во услови кога за сѐ се бара најлесниот и најбрзиот пат, лесно предвидливо е дека оваа „концепција” е општествен удар, но не како чекан или ѓуле, туку како чума од која се умира со години. Уште пострашно, изборите и неизборите на децата ќе бидат запечатени на „универзална” диплома која ги скрива истите тие избори и неизбори! Никаде конкурентни и непоправливо ненасочени, носејќи го товарот на својот иден живот додека одлуките за тој живот ги прават на малолетна возраст.
Се надевав дека во очигледниот архетип на наметнатава црвенкапска приказна родителите ќе ја преземат улогата на ловецот што ги спасил бабата (една вистинска стратегија) и Црвенкапа (образовните работници и заинтересираната јавност). Но, нема глас од нив и затоа сега е јасно дека тие не се луѓето на кои им е важно успехот да биде чесен, наместо надуен („поголем”).
На север од нас во Србија, на студентите им е кристално јасно дека се за чесен, а не „поголем успех”. Ќе чекаме ли и овде пандан на грозоморната Новосадска хаварија, па да прогледаме, конечно, дека пропишаниот „поголем успех”, уште и на стероиди со ваква ултра штетна „концепција” – е рецепт за уште подлабоко пропаѓање на столбот на нацијата – образованието? Дека надуените оценки носат несреќи, одземаат животи и – не ги враќаат?
Да не се лажеме со 33 пати празно кажаниот збор „критичко мислење” во „Концепцијата” за гимназиско образование. Критичкото мислење во овој момент е, всушност, надвор од неа и треба да се употреби сега и овде: Да се отстрани таа мачканица (таканаречената „Концепција”) што побргу и да се побара чесна, одговорна, истражувачки и финансиски издржана стратегија. Не – силеџиство да прифатиме вакви патогени извадоци од нос како оваа таканаречена „Концепција”!