Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Виртуелното во големите национални теми наспроти потценетата реалност во локалната самоуправа

Реалноста на нашето живеење е во локалната самоуправа, покрај изложеноста на виртуелно напумпани теми карактеристични за националната – политички поларизирана арена. Овие „национални“ теми ни го одвлекуваат вниманието од темите поврзани со нашето секојдневие и реалност, а со кои треба да почнеме да се занимаваме. Подобро порано отколку предоцна. 

Тони ПОПОВСКИ

Неколку впечатоци кои ги споделувам, а се поврзани со интерактивната обука за интегрирано развојно планирање за вработените во 16 општини, која УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа ја спроведе изминатата седмица во рамки на проект финансиран од шведската влада и Бирото за регионален развој.

Имаме едностепена локална самоуправа со симетрично пренесени надлежности на сите општини, без оглед на нивните карактеристики. Имаме и компликуван, истовремено тензичен – двостепен систем за управување со метрополата Скопје, со градот Скопје како засебна единица на локалната самоуправа и дури 10 општини кои се преклопуваат со неговата територија. 

Заедно со надлежностите, на општините им беа пренесени установи со вработените, во областа на основното и средното образование, детските градинки, четири домови за стари лица и дел од мрежата на установи во областа на културата. Како последица на оваа политичка одлука се создаваат диспаритети во испораката на локалните услуги помеѓу поголемите претежно урбани општини и помалите – рурални општини. Овие диспаритети предвидено беше да се адресираат низ ефикасно спроведување на законите за меѓуопштинска соработка и рамномерен регионален развој и постепено продлабочување на фискалната децентрализација. До овој момент, заедничко за сите изминати влади е дека поради политички калкулации го забавуваат спроведувањето на овие два закони, и се конзервативни по однос на зголемување на севкупните приходи на општините. Поврзано со последново, нашите општини во период подолг од една декада имаат приходи кои се движат околу 5.5 % од БДП, наспроти во подолг период консолидираниот просек во ЕУ27 од 11.2%. Зачленување во ЕУ подразбира и целосно интегрирање на нашите општини во административниот простор на ЕУ, не само по однос на услуги (Повелбата за локална самоуправа на Советот на Европа е безмалку целосно транспонирана во Законот за локалната самоуправа) туку и по однос на приходите на општините. Исчекорување кон ЕУ истовремено ќе значи притисок на централната власт (без оглед на политичката провиниенција) да се откаже од „привилегиите“ поврзани со трошење на дел од јавните средства. 

Минатата година одбележавме 20 години од носењето на Законот за локалната самоуправа, како системски закон со дво-третинско мнозинство. Наредната година ќе одбележиме 20 години од носењето на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Законот за локалната самоуправа не е отворен за измени и дополнувања, откако е донесен. Да не биде отворен за подобрувања на одредбите е политичка одлука на неколку генерации политички водства во државава. Најчест аргумент е дека на тој начин би се отворила „Пандорината кутија“. Но дали навистина е така? На пример, во системскиот закон недостасува поглавје со одредби со кои би се регулирало интегрираното развојно планирање во општините кои се препуштени на стихијно и фрагментирано – претежно секторско/тематско планирање со не ретко спротивставени цели.

Законот за локалната самоуправа формално доделува значаен пакет надлежности на општините, но различни – посебни закони ја ограничуваат нивната автономија и ги ограничуваат услугите што тие можат да ги даваат на граѓаните. Низа надлежности остануваат споделени помеѓу двете нивои на власт и не ретко се предмет на манипулации мотивирани од нездравото политичко нетрпение и постојаните жестоки кавги меѓу партиите.  

Иако има децидни одредби во Законот за локалната самоправа, исклучително значајни области како локалниот економски развој и социјалната заштита останаа со претежно централизирани надлежности и финансиски инструменти, со потисната улога на општините. 

Наместо да се обезбеди консензус, и ефикасно да се пристапи кон целосно спроведување на фискалната децентрализација и законите за меѓуопштинска соработка и рамномерен регионален развој, во јавноста се појавуваат ретроградни заложби за крупна промена преку премин кон систем со асиметрична децентрализација, со диференциран опсег на надлежности, односно да се создадат  политипни општини блиски на концептот со големите 34 општини кој го наследивме од минатиот систем на политичко уредување, па се до создавање на втор степен на политички региони со засебни избори и органи на власт. Последново има неминовни политички и фискални импликации.  Притоа се игнорира објективниот ризик, населението во помалите и претежно рурални општини да биде лишено од услуги кои би ги добивало населението во поголемите и претежно урбани општини, со сите поврзани последици, вклучувајќи и поттикнување на негативните миграции од село во град во рамки на општината, од рурална во урбана општина, па се до напуштање на државата. Учесниците на обуките, запрашани кој е најсериозниот предизвик, без оглед на големината на општината и политичката провиниенција на тековните водства, едногласно укажуваат на незапирливиот тренд на иселување на младите од државата како критичен предизвик. 

Нареден, но за жал не последен, а истовремено многу крупен предизвик е поврзан со состојбите во секторот на општинските комунални претпријатија. Повеќе од една декада, централните власти играат пинг-понг со префрлање на обврската за уредување и модернизирање на овој сектор, од еден на друг орган на државната управа, а притоа топчето (читај жешкиот костен) е одамна паднато и во моментов не можеме да го лоцираме. Секако, додека надлежните од централната власт мавтаат со рекетите и играат пинг-понг без топче, општините го немаат тој луксуз, и мораат да испорачаат комунали услуги и во услови на повеќекратна криза. Можеби ние како граѓани не обрнуваме внимание кој за што е надлежен, но многу сме блиску до состојба на намалување на овие услуги, како по квалитет така и по опфат на корисници. 

И за крај да го илуминираме и предизвикот со реализација на пропишаните алатки за директно учество на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво. Прагот односно цензусот за референдум во општините (потписи од 20% регистрирани избирачи) е исклучително висок и претставува најдиректна пречка за нивно заживување. Истото се однесува и на граѓанските иницијативи и собири на граѓани за кои е  предвиден праг од 10% поддршка од избирачите. Доколку сакаме вистинска директна – партиципативна демократија овие прагови треба да се преполоват.

Законот за локалната самоуправа има и други дефицити за чие образлагање нема многу простор во форматов на колумна, но вредно е да се спомене дека отсуствуваат одредби со кои би се уредило создавањето на едношалтерските системи во општините, а преку нив и трансформирање на општините во единствена точка за контакт со граѓаните за испорака на општински услуги и услугите на државата, во согласност со практиките и стандардите на ЕУ. Неопфатени со подетални одредби се и процесите за обезбедување интегритет и управување со ризици од корупција во општините, како и поблиско уредување на процесот на дигитализација на локалните услуги. 

Реалноста на нашето живеење е во локалната самоуправа, покрај изложеноста на виртуелно напумпани теми карактеристични за националната – политички поларизирана арена. Овие „национални“ теми ни го одвлекуваат вниманието од темите поврзани со нашето секојдневие и реалност, а со кои треба да почнеме да се занимаваме. Подобро порано отколку предоцна. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира