Врсничко насилство: Потребно е цело село за да се израсне едно дете

Љуан ИМЕРИ

Во училиштата има булинг, а децата и одговорните често не се ни свесни за последиците од врсничкото насилство. Наставниците ретко или воопшто не обрнувале внимание на оваа тема, а доколку побарале поддршка, децата биле одбивани на различни начини. Голем дел од наставниците не го гледаат врсничкото насилство како такво, туку, како „обична детска шега, која е нормална за нивна возраст“.

Често знаеме да кажеме дека децата се нашата иднина, дека сѐ што правиме го правиме за доброто и за безбедноста на нашите деца, дека децата се непроценлив капитал на секоја држава и вложувањето во нив е вложување во иднината.

Но, дали навистина е така? Колку навистина ги познаваме нашите деца? Дали ги учиме децата за нивните права и одговорности? Дали тие се чувствуваат безбедни на улица, во училиште? Дали знаеме кому му веруваат нашите деца? Дали децата знаат што треба да направат доколку им се загрозени или прекршени нивните права?

Неодамна, во рамки на еден проект бев ангажиран да посетам неколку средни училишта во Скопје и да разговараме со децата за врсничкото насилство, односно булингот, а со цел да се зајакне капацитетот на учениците со знаења за превенција и справување со врсничкото насилство.

Работилниците беа интересни и интерактивни. Меѓу другото беа прикажани и неколку кратки видеа, инспирирани од вистински случки, во кои беа опфатени неколку аспекти од врсничкото насилство. Се развиваше интересна дискусија. Очигледна беше потребата за да се зборува на оваа тема. На пример, учениците потврдуваа дека има врсничко насилство, но, кога ќе требаше да посочат некој пример, најчесто кажуваа дека за тоа слушале од други, дека самите не се сведоци. По само неколку моменти, откако ќе ги погледнаа видеата и ќе се соочија со одредени ситуации на насилство, голем број од учениците кажуваа дека всушност тоа го има и кај нив, но дека „тие така се шегуваат“. Потоа споделуваа дека често има конфликти и физички пресметки помеѓу учениците.

Бев изненаден колку мал број од учениците покажаа емпатија кон жртвите на врсничко насилство во видеата, а најмногу бев изненаден од фактот што многу ученици гледаа одговорност (и) кај жртвите. Најчесто имаше јасно различен однос кон жртвата во зависност од тоа дали е машко или женско. Неколку од учениците, момчиња, го оправдуваа насилството врз жртвите жени притоа изнаоѓајќи многу оправдувања за тоа (сама си го барала, зошто да носи кратко фустанче, зошто да не знае за другарот кај оди и сл.). Дел од учениците споделија и случки кои укажуваат дека сајбер насилството е многу изразено помеѓу нивните врсници. Децата споделуваа многу лични примери, каде и кога биле сведоци и жртви на врсничко насилство.

Општ е заклучокот дека во училиштата има булинг, а децата и одговорните често не се ни свесни за последиците од врсничкото насилство. Наставниците ретко или воопшто не обрнувале внимание на оваа тема, а доколку побарале поддршка, децата биле одбивани на различни начини. Голем дел од наставниците не го гледаат врсничкото насилство како такво, туку, како „обична детска шега, која е нормална за нивна возраст“.

Сите ние претпоставуваме/знаеме дека веројатно децата се изложени на врсничко насилство, ама не сме свесни за размерите и сериозноста на ситуацијата. Експертите секојдневно нè предупредуваат и наведуваат низа знаци што може да ги забележите кај детето во училиште и дома и да препознаете дали вашето дете е жртва на врсничко насилство, но сепак треба да имаме предвид дека нашите деца одат во училишта во кои насилството е оправдано, во училишта во кои се обвинува жртвата и се оправдува  насилникот. Учениците (а и родителите) не знаат како се пријавува булинг, каде треба да се обрати родителот или ученикот доколку се посомнева дека неговото дете е жртва на булинг во училиштето и што треба да направи ученикот.

И покрај тоа што училиштата работат на превенција и зајакнување на децата да пријават такви случаи, се чини дека борбата ќе биде долготрајна и макотрпна. Законите можеби се добри но мора да се работи повеќе на зајакнување и превенцијата од насилство. Официјално постои административна процедура според која ученик/родител/наставник може да реагира по препознаен булинг, а пријавувањето на насилство или сомнеж за насилство е должност. Училиштата во своите програми за работа предвидуваат активности за подобрување на менталното здравје на учениците, за подобрување на комуникацијата, за препознавање и спречување на булинг и слично. Но, дали е ова доволно? Дали сите ние го сфаќаме сериозно врсничкото насилство? Дали може училиштата и наставниците сами да се справат со вакви ситуации? Да не заборавиме, се работи за истите училишта во кои постојано се намалуваат инвестициите, и се работи за истите наставниците за кои издвојуваме по 3,5 евра годишно за нивно усовршување и развој!?

Децата често се оставени сами на себе. Родителите и наставниците ретко комуницираат. Според Конвенцијата за правата на детето, сите деца имаат право да бидат згрижени и заштитени. Така, секој што има контакт со деца има одговорност да ги чува детето безбедно а заштитата на децата се однесува и на спречување и на одговор на насилство. Треба да се работи тимски и да најдеме подобар и поефикасен систем за заштита на децата. Можеби ќе треба да ги ревидираме законите и политиките за заштита на децата, ќе мора да се подобри координацијата помеѓу сите чинители и на различни нивоа. Треба да се работи на превенција но и да се одговори на врсничкото насилство. Ќе мора да се доквалификуваат наставниците за заштита на децата. Сето тоа мора соодветно да се финансира и секако треба да се чуе и гласот на детето а јавноста мора да биде свесна и поддржувачка. Потребно е опкружување кое го слуша гласот на детето и каде што сите се грижат за детето.

И да „потребно е цело село за да се израсне едно дете“ (африканска поговорка). Само така можеме да обезбедиме безбедна, здрава средина за децата, каде што на децата им се дава потребната сигурност, да се развиваат и да можат да ги остварат своите соништа.

Треба да знаете
Moже да ве интересира