Во истрагата за трагичниот пожар во кочанскиот клуб „Пулс“, кој однесе човечки животи, активно работат 13 обвинители. Како што соопшти републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, досега се осомничени 47 физички и три правни лица, а мерки за обезбедување се побарани за 19 новоосомничени.
„За четворица се бара притвор, за седум лица куќен притвор комбиниран со забрана за комуникација, додека за уште седум се предложени мерки на претпазливост. Едно лице од новоосомничените воопшто не се наоѓа во Македонија“, изјави Коцевски.
Истрагата опфаќа сопственици и менаџери на клубот, корисници на пиротехниката, како и обезбедувачи, но и низа поранешни и актуелни функционери, чии пропусти овозможиле клубот да работи без да ги исполнува потребните услови.
Коцевски нагласи дека меѓу осомничените се и тројца поранешни градоначалници и тројца градежни инспектори од Општина Кочани, кои, според истрагата, воопшто не извршиле инспекциска контрола, иако објектот бил незаконски пренаменет во угостителски објект.
Дополнително, од Дирекцијата за заштита и спасување се осомничени три лица, кои низ годините не спровеле ниту една инспекција или набљудување на објектот. „Со своето неодговорно постапување ги изложиле граѓаните на сериозна опасност по животот и здравјето“, рече Коцевски.
Истрагата ги опфаќа и двајца државни секретари, поранешен министер за економија и тројца вработени во секторот за угостителство и туризам во истото министерство, кои, според обвинителството, овозможиле клубот „Пулс“ да добие лиценци и да продолжи со работа, иако тоа било незаконски. Коцевски посочи дека актуелниот министер за економија не е дел од истрагата, бидејќи сопственикот на клубот не поднел ново барање за лиценца во неговиот мандат.
Осомничени се и четворица инспектори од Пазарната инспекција, како и уште тројца инспектори кои биле дел од претходната етапа на истрагата. Се вршат дополнителни проверки на нивните директори, бидејќи во нивни мандати клубот работел со фалсификувани или нерегуларни лиценци.
Истражните органи водат постапка и против седум полициски службеници. „Истрагата е во тек, а се преземаат и нови истражни дејствија“, додаде Коцевски.