Чибишев: Четворица пациенти од Токсикологија префрлени на КАРИЛ, тројца ќе бидат транспортирани во странство

На Клиниката за токсикологија се хоспитализирани 18 пациенти, од кои четворица, поради влошена состојба, се префрлени на КАРИЛ. Од нив, тројца ќе бидат транспортирани во странство – еден во Словенија, а двајца во Полска, изјави доктор Чибишев.

Од преостанатите 13 пациенти, четворица не се стабилни, додека останатите се во подобра здравствена состојба. Според Чибишев, станува збор за изгореници на горните дишни патишта и акутно труење со јаглерод моноксид, а во наредните денови се очекуваат можни компликации.

Тој истакна дека на Токсикологија пристигнуваат и пациенти кои немаат посериозни последици од пожарот, и се подложени на испитувања. За дел од нив не се констатирани потешки компликации, но предупреди дека труењето со отровни гасови може да предизвика доцнечки компликации. Чибишев апелираше сите кои биле изложени на чад во дискотеката „Пулс“ да се јават на лекар за дополнителни прегледи во рок од 10 дена.

Зачлени се на нашиот е-билтен