Во Северна Македонија дел од патничкиот железнички сообраќај долж Коридорот 8 е укинат поради расипаните локомотиви, додека и состојбата на товарниот сообраќај не е многу подобра. Иако постои идеја за изградба на брза пруга која ќе се поврзе со српската мрежа и ќе овозможи возење со брзина од 200 км/час, во рамки на Коридорот 10, проектот сѐ уште не е започнат. Во меѓувреме, дел од возовите кои одат кон Прилеп и битола се движат и со брзини од само 20 км/час.
Соња ТАНЕСКА
Изградбата на железничката пруга која ја поврзува Северна Македонија со Бугарија, пак, изминативе месеци стана причина за дополнителни тензии помеѓу Скопје и Софија. Вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница од пругата (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија за недостаток на проект за Коридорот.
Сепак, под притисок на ЕУ, на 16 октомври во Брисел беше постигнат договор помеѓу Северна Македонија и Бугарија да продолжат заедно со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8.
![](https://racin.mk/wp-content/uploads/2024/12/zeleznicki-soobrakaj-02.jpg?x76258)
Македонија има долгата историја на железнички транспорт, која датира уште од 1873 година кога првата железничка пруга поврзувала Скопје и Солун. Меѓутоа, денеска, земјата не може да се пофали со развиена железничка мрежа. Професорот Доц. д-р Златко Зафировски, член на Катедрата за железници на Градежниот факултет во Скопје, истакнува дека иако железницата е скапа инвестиција, таа е основна за економскиот развој на земјата и е неопходна за постигнување на побрзо и попријатно патување.
„Повеќето европски метрополи ја имаат оваа инфраструктура во моментот кога земјите ги достигнуваат економската стабилност. Економски силните земји се оние кои имаат добра инфраструктура. Без добра транспортна мрежа, било каков напредок на економијата ќе биде спречен“, вели Зафировски.
Сепак, актуелната состојба на железничката мрежа во Македонија е далеку од задоволителна. Зафировски напоменува дека земјата има потреба од стручно тело кое ќе ги постави приоритетите за развојот на патната и железничката инфраструктура, без оглед на политичките турбуленции и промени. Според него, оваа иницијатива би била клучна за обезбедување на континуитет и стабилност во развојот на транспортната инфраструктура во земјата.
„Во светот, железницата не е само економска потреба, туку и стратешки важна компонента на националната инфраструктура. Во земји кои го имаат потребното искуство и стручност, изградбата на железничка мрежа е стандард. Кај нас, тоа ќе биде долг процес, но не смееме да го одложуваме“, додава Зафировски.
Кога се зборува за брзи пруги, Зафировски објаснува дека тие се пруги на кои брзината на возовите е над 160 километри на час. Постојната железничка мрежа во Македонија е наменета за возови кои патуваат со помала брзина, но во иднина, брзите пруги ќе бидат важен дел од модернизацијата. Зафировски истакнува дека за изградба на брзи пруги е неопходно двојна траса, што ќе ја овозможи безбедноста и брзината на движење без чекање поминување на еден воз и поминување на спротивен правец. Сигурноста и комфорот, како и брзо пристигнување до дестинацијата, ќе бидат главни предности на новите линии.
„Со изградбата на овие пруги, не само што ќе се подобри патувањето, туку ќе се овозможи и економски развој на земјата. Железницата не е само за патувања, туку и за пренос на стоки, што е од огромно значење за индустријата и трговијата“, додава професорот Зафировски.
Во однос на проектот за Коридорот 8, Зафировски верува дека проектот е изводлив и дека не постојат стручно проблеми во реализацијата.
„Теренот е таков каков што е, но од стручен аспект нема никакви пречки за изградба на мостови и тунели, што ќе ја овозможат функционалноста на овој коридор“, вели тој.
Сепак тој додава дека покрај пругата кон Бугарија значајно е и завршувањето на делниците од Кичево до Охрид и Струга- Лин во Албанија со што ќе ја поврзе Македонија со соседните земји и ќе ја подобри транспортната поврзаност на Балканот.
![](https://racin.mk/wp-content/uploads/2024/12/zeleznicki-soobrakaj-03.jpg?x76258)
„Коридорот 8 не е само важен за Македонија, туку и за целиот регион. Тој ќе овозможи економски поттик и ќе создаде нови можности за соработка и трговија помеѓу земјите на Балканот“, додава Зафировски.
Дополнително, Зафировски се осврнува на можноста за изградба на метро во Скопје. Иако смета дека изградбата на метро е предуслов за поголем број на жители и понатамошен раст на градот
Зафировски напоменува дека, ако проектот за метро треба да се реализира, тоа треба да започне со планови, анализи и студии, бидејќи за таков проект треба да се решат и инфраструктурни проблеми како што е недостигот од подземен катастар.
„Мојот апел е да се започне со планирање и анализи на проектот уште сега, со сите потребни подготовки, бидејќи таквиот проект бара многу внимателност и време“, додава Зафировски.