И покрај најавите за заштита на стандардот, Владата го повторува истото сценарио со новогодишната кошничка, како што беше случај со есенската. Граѓаните повторно добиваат ветувања за „жестоки реакции“ и „поригорозни мерки“ против трговците, додека цените на основните производи растат. Министрите и премиерот Христијан Мицкоски уверуваа дека нема да има злоупотреби, но и покрај тоа, дел од производите веќе поскапеа, а инфлацијата во ноември достигна 4,3% споредено со истиот период лани.
Најголемиот проблем е што и со есенската, но и со новогодишната кошничка, Владата како да им најави предвреме и им даде простор на трговците да ги зголемат цените, коментираат економистите за Рацин.мк.
Есенската кошничка: манипулации и празни ветувања
Во септември Владата воведе ограничување на профитната маржа на 73 основни производи, промовирајќи ја мерката како есенска потрошувачка кошничка. Министрите тврдеа дека ќе има намалување на цените, а министерот за економија Бесар Дурмиши изјави дека „мерката дала резултати“. Но, податоците од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го покажуваат спротивното. Наместо поевтинување, трговците ги зголемиле цените пред мерката да стапи на сила, а минималните трошоци за храна на едно четиричлено семејство во октомври изнесувале 22.069 денари, со минимално намалување во споредба со септември.
ССМ и тогаш предупреди дека ваквите мерки се само краткорочни и дека Владата треба да воведе поефикасни механизми и поголеми контроли. Сепак, наместо системско решение, власта продолжува со истите изјави и закани, сега фокусирани на новогодишната кошничка.
Новогодишна кошничка: Се повторува сценариото, цените растат
Новогодишната кошничка беше промовирана како мерка за намалување на цените и заштита на граѓаните до јануари. Но, уште пред мерката да стапи на сила, трговците исто како и со есенската ги зголемија цените на клучните производи, како млекото, маслото, шеќерот и лебот.
„Ќе ги искористиме сите алатки за да го заштитиме стандардот на граѓаните,“ изјави премиерот Мицкоски, додека министерот Дурмиши најави поригорозни мерки ако продолжат злоупотребите. Но, и покрај нивните апели, граѓаните се соочуваат со поскапувања и со зголемени трошоци за живот.
Опозицијата обвинува дека Владата ги манипулира граѓаните со исти ветувања и сценарија, додека трговците продолжуваат да профитираат. Наместо системски мерки и контроли, граѓаните добиваат само реторика, додека нивниот стандард постојано се влошува.