Катар ја предупреди Европската Унија дека може да го прекине снабдувањето со течен природен гас доколку земјите-членки строго ги применат новите закони за емисии на јаглерод и права на работниците.
Министерот за енергетика на Катар, Саад ал-Кааби, за „Фајненшл тајмс“ изјави дека казните утврдени со директивата за корпоративна длабинска анализа, кои предвидуваат одземање до 5% од годишниот приход на компаниите, се неприфатливи.
„Ако изгубам 5% од приходот со извоз во Европа, нема да извезувам таму. Не блефирам“, рече Кааби, додавајќи дека тие пари се од витално значење за државата.
Оваа директива, усвоена од ЕУ во мај 2024, е дел од стратегијата за постигнување нето нула емисии до 2050 година. Сепак, предизвика негативни реакции кај компаниите кои ја сметаат за тежок товар и закана за конкурентноста.
Заканата од Катар дополнително го комплицира односот меѓу Доха и ЕУ, која се потпира на катарскиот гас за енергетска стабилност.