Не се очекуваат отпуштања во македонските компании кои произведуваат автомобилски делови, но е можно да се намали обемот на работа во некои од нив поради актуелната ситуација во Германија и во Европа, изјави претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.
Тој оцени дека, иако намалувањето на профитите е реално, автомобилската индустрија ќе ја преброди кризата. Според него, ситуацијата што се случува во Германија влијае не само на компаниите во Македонија, туку и на глобално ниво.
“Следната година Европа ќе мора да ја врати конкурентноста на производителите на автомобили, со оглед на притисокот од Кина поради пониските трошоци, напредната технологија и пониските цени на возилата. Исто така, развојот на возила во Европа ќе мора да се движи побрзо и поефикасно,” истакна Мизо, додавајќи дека ќе има рационализација на трошоците низ цела Европа.
Во однос на македонските компании, тој нагласи дека тие ќе продолжат да работат според потребите на клиентите, но дека сè зависи од пазарот во Европа и од моделите за кои се изработуваат компонентите. Мизо потенцираше дека е можна флуктуација на вработените, но не се очекуваат отпуштања. Во некои случаи, работните места можеби нема веднаш да се пополнат додека бизнисот не се врати на предвидените нивоа.