Колку заработи газдата на „Тајм.мк“ минатата година?

Газдата на агрегаторот „Тајм.мк“, Игор Трајковски, за последните три години профитирал вкупно околу 728.500 евра. Компанијата која го управува „Тајм.мк“ има само тројца вработени, а основната дејност ѝ е реобјавување вести кои ги креираат новинари од различни македонски информативни портали.

Токму оваа пракса – објавување на вести без директно плаќање кон оригиналните содржини – беше и причината зошто повеќе од 40 сопственици на портали побараа „Тајм.мк“ да престане да ги користи нивните содржини. Имено, „Тајм.мк“ години наназад функционира како агрегатор кој презема вести од други медиуми и ги објавува, честопати без финансиска компензација.

Лани, агрегаторот „Тајм.мк“ остварил приход од 426.000 евра, а неговата нето добивка изнесувала 303.500 евра. Тоа претставува раст од 37% во споредба со 2023 година, покажуваат официјалните податоци од Централниот регистар на Македонија.

За три години, „Тајм.мк“ инкасирал речиси 1,1 милиони евра, при што добивката како процент од приходот е исклучително висока – лани добивката беше 71% од приходот, во 2023 година 64%, а во 2022 година 67%. Ова ја прави компанијата една од најпрофитабилните во секторот.

Од структурата на трошоците, најголем дел од парите лани отишле на плати за тројцата вработени – околу 48.600 евра. За данок на добивка се издвоени 34.200 евра, додека останатите деловни трошоци изнесувале 28.500 евра, а амортизацијата 8.000 евра. Вкупните трошоци за 2024 година биле околу 120.000 евра.

Од профитот, сопственикот Игор Трајковски си исплатил дивиденда во износ од 221.800 евра, што дополнително ја нагласува профитабилноста на фирмата.

Ова покажува дека агрегаторот „Тајм.мк“ е финансиски многу успешен бизнис, и тоа со многу скромен број вработени и со практики кои предизвикаа критики од дел од медиумската јавност.

Извор Фактор.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен