Младите кои загубија блиски во трагедијата во Кочани се соочуваат со панични напади и анксиозност, вели психологот Бошковска

По првичниот шок од трагедијата во Кочани, започнува периодот на длабока тага. Учениците кои во пожарот во дискотеката „Пулс“ изгубија соученици, другари и роднини, сега се соочуваат со панични напади и анксиозност. Психологот Емилија Бошковска, која е дел од тимот што работи со средношколци од Штип, Кочани, Облешево, Виница и Пробиштип, истакнува дека се забележуваат и емоции на лутина кај дел од учениците.

„Ова е колективна траума, а секој човек се соочува со неа на различен начин и во различна мера. Не можам да кажам дека било кој жител на овој регион, а ни во Македонија, не е афектиран од оваа трагедија. Сите ние сме засегнати, но секој ќе заздравува со своето темпо. Народски кажано, имаме седум дена, четириесет дена од тагувањето, но во овој момент, ниедно правило не може да биде валидно за сите,“ изјави Бошковска, член на Комората на психолози.

На терен се вклучени 130 волонтерски психолози, од кои повеќе од 30 се во Кочани. Бројот на волонтери постојано расте, а сите тие претходно поминаа обука за справување со кризни ситуации. Весна Јаневска, министерката за образование, која го посети средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип, каде што во еден клас има тројца починати, а во друг неколкумина повредени, изјави дека сите овие психолози работат на терен и им помагаат на учениците.

Министерството за образование ќе продолжи да се фокусира на психо-социјалната поддршка, но и на безбедносните стандарди во училиштата низ државата. „Министерството испрати писмо до општините и државните училишта да направат дополнителни проверки на безбедносните системи и проценките на ризик од катастрофи. Потребно е да се увериме дека училиштата ги имаат сите неопходни безбедносни елементи,“ изјави Јаневска.

Во Штип е отворен Центар за младинско советување при Универзитетот, каде што учениците и граѓаните кои имаат потреба од поддршка и насоки во справувањето со трагедијата можат да се обратат. Од Комората на психолози повикаа и други колеги да се вклучат во акцијата и да помогнат во надминувањето на оваа колективна траума.

Зачлени се на нашиот е-билтен