Ниту еден од пациентите од Кочани примени во „Пирогов“ не е на механичка вентилација, изјави директорот на болницата Валентин Димитров

Сите осум пациенти кои се тешко повредени во пожарот во дискотека во Кочани, Северна Македонија, хоспитализирани во болницата Пирогов, веќе се екстубаирани. Ниту еден од пациентите не е на механичка вентилација, дел од нив користат маска за кислород, изјави за телевизија Нова директорот на болницата д-р Валентин Димитров.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Овој тип на изгореници и повреди се тешки и бараат долго лекување и опоравување, а секогаш постои ризик по живот, додаде тој.

  • При таквиот вид повреди кои ги зафаќаат горните и долните дишни патишта, бидејќи вдишувале отровни гасови, бактерии, прашина, чад – ова е амалгам на штетни материи и тоа станува средина за развој на инфекции, објасни Димитров.

Нашата желба е што побрзо да им помогнеме на овие луѓе и да се вратат кај семејствата, но не можеме да кажеме колку долго ќе трае нивното лекување, додаде тој.

Димитров им се заблагодари на сите кои даруваа крв за лекување на повредените. – Одамна не сум видел толку спонтан и брз одговор и таква желба да се помогне, рече тој, истакнувајќи дека можно е акцијата да се продолжи доколку има потреба.

-Самиот третман е многу скап, бидејќи вклучува многу биопроизводи, многу антибиотици, и многу специфична опрема, но во конкретниот случај не размислуваме за парите. Прашањето колку чини и како ќе се плати воопшто не беше на дневен ред. Болницата е обезбедена со се што е потребно, рече д-р Димитров.

На роднините им даваме информации за состојбата на жртвите еднаш дневно, а ги информираме и властите во Република Северна Македонија, рече Димитров.

Вкупно 59 лица загинаа, а над 150 се повредени откако за време на концерт избувна пожар во дискотека во Кочани. Дел од повредените се пренесени на лекување во странство. Четиринаесет од повредените се пренесени во Бугарија, осум пациенти се примени во болницата Пирогов.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари на 18 март престојуваа во Софија и ја посетија Универзитетската мултипрофилна болница за активно лекување и ургентна медицина (УМБАЛСМ) „Н.И. Пирогов“. Двајцата беа придружувани од нивните бугарски колеги – министерот за надворешни работи Георг Георгиев и министерот за здравство доц. д-р Силви Кирилов.

Зачлени се на нашиот е-билтен