Нова жртва на насилникот од Радовиш јавно проговори: „Ова не е првпат“

Младата В.Г. (19), која во минатото била жртва на истиот маж што беше снимен како насилно напаѓа жена во живо на „ТикТок“, објави видео во кое сведочи дека ова не е изолиран случај.

„Првпат го запознав во март минатата година, и оттогаш започна насилството врз мене. Ме давеше, ме тепаше, плачев и викав, но никој не можеше да ме слушне. Во август, во исто време, не тепаше и мене и жртвата од виралното видео“, изјави В.Г. за Мета.мк.

Според нејзините зборови, ова е четврти случај во кој истиот насилник напаѓа жени. Видеото со нејзината исповед е објавено на поранешен „ТикТок“ профил на лицето Александар Ангелов (35) од Радовиш.

Откако на социјалните мрежи стана вирално видео од насилниот напад, Министерството за внатрешни работи веднаш го приведе осомничениот. Сепак, подоцна тој беше пуштен на слобода, бидејќи, според МВР, немало доволно докази за негово задржување.

Лицето е осомничено за кривично дело „телесна повреда“ според член 130, став 2, а во врска со став 1 од Кривичниот закон. Неофицијално, тековната жртва не сака да поднесе кривична пријава против него.

В.Г. сведочи дека веднаш по нападот во минатото, случајот го пријавила во полиција, но и понатаму се чувствува загрозено.

„Живеам во странство веќе пет години, но минатата година се вратив во Македонија. Веднаш следниот ден по нападот, го пријавив случајот. Чувствувам голем гнев, но и страв, бидејќи тој ѝ се закануваше на мојата фамилија – на сестра ми и мајка ми. Ќе се соочиме на судење на 8 април“, вели таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен