СДСМ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека во договор со трговците ја организирал кражбата од граѓаните преку зголемување на цените во маркетите. Според партијата, мерката „новогодишна кошничка“ е само пропаганден трик, кој служи за прикривање на вистинските договори меѓу Владата и бизнис секторот.
„Мицкоски свесно дозволи трговците да ги зголемат цените со месеци пред воведувањето на мерката, создавајќи дополнителен товар за граѓаните. Ова не е случајност, туку добро осмислен план што го спроведе во договор со своите бизнис партнери,“ наведува СДСМ.
Партијата додава дека Владата ја одби нивната иницијатива за укинување на ДДВ на основни прехранбени производи, што ќе донесеше вистинско олеснување за граѓаните. Наместо тоа, Владата воведе маркетиншки мерки како налепници во маркетите, кои, според СДСМ, само ја замајуваат јавноста.
„Додека граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци, министрите од Владата на Мицкоски уверуваа дека цените се под контрола. Денес е јасно дека тие цени не само што не се намалија, туку продолжија да растат,“ истакнува СДСМ.
Партијата предупредува дека граѓаните ја плаќаат цената на овие договори и бара политичка одговорност од Мицкоски. „Ова е огромна кражба од џебовите на народот. Мицкоски треба да се извини за овој договор со трговците и да преземе одговорност за штетите што ги предизвика.“
Во соопштението се поставува и прашањето дали премиерот ќе побара одговорност од министрите кои, според СДСМ, ги манипулирале граѓаните. „Префрлањето вина на други нема да го спаси Мицкоски од одговорност,“ заклучуваат од СДСМ.